Годината во чест на Ацо Шопов се одбележува со уште еден голем настан

Македонија продолжува да го чествува делото на својот класик. Јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов деновиве ќе се одбележи со уште еден голем настан, во организација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

Под наслов „Ацо Шопов – Невообичаено“, настанот ќе се одржи во четврток 23 ноември, со почеток во 19 часот, во просториите на Кинотеката во Скопје. Предвидена е богата и разновидна програма, со промоција на три книги и проекција на анимирани филмови, а ќе бидат поставени и две изложби. Благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен книгите ќе заживеат на сцената, а за нив ќе разговараат Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Ивановски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова.

Пред точно шеесет години, Шопов ја објави својата збирка „Небиднина“ која, според зборовите на книжевниот критичар Душко Наневски „го идентификува трагичното чувство на небиднината како димензија на нашето постоење и ѝ даде еден судбински амблем на нашата модерна поезија“.

Небиднината се појавува повторно, но како централна оска, во книгата разговори што Иван Антоновски ги води со Светлана Шопова. Двајцата соговорници зачекоруваат од онаа страна на Небиднината, за да нè доближат до човекот Ацо Шопов, разоткривајќи податоци од неговиот приватен и општествен живот кои се интимно врзани со неговиот творечки чин.

„Од онаа страна на Небиднината“, во издание на „Дијалог“ е воедно и прва книга разговори за еден македонски писател водени со неговата сопруга, а во нив публиката ќе открие голем број податоци за непроценливиот влог на Шопов во развојот на нашата книжевна и општествена стварност. Тие податоци не се само голи факти, туку силно доживеани сеќавања за еден човек чија енергија продолжува да струи во нашата сегашност и да ни влева верба во иднината.

Благодарение на широкиот дијапазон на нивните разговори – во кои се спомнати над четиристотини личности –, оваа пионерска книга претставува скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја.

Небиднината е исто така еден од можните влезови во „лавиринот“ на втората книга што ќе се промовира на овој настан: „Песна над песните“, избор од поезијата на Шопов, од неговите размисли за литературата и за општеството, како и од и критичките осврти кон неговото творештво, во издание на „Сигмапрес“.

Станува збор за експериментална книга приредена од Јасмина Шопова, ќерка на Шопов, која е и преведувач и толкувач на неговата поезија. За првпат во еден избор од поезијата на овој наш класик, публиката ќе може да ги прочита и зборовите испишани со острото но суптилно перо на оној што многумина го знаат само како „нежен лиричар“. За првпат ќе може прочита и песни кои досега не биле објавени, вклопени во еден несекојдневен литературен мозаик, кој со својата структура отвара нови хоризонти на читање и на толкување на творештвото на Шопов.

Преку Небиднината, поезијата на овој македонски мајстор на зборот денес доживува и креативна метаморфоза во рацете на четворица современи мајстори на сликата: Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, автори на омнибусот „Небиднина“, кој ги содржи анимираните филмови „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“. Овие песни публиката повторно ќе ги открие на еден сосем нов начин, со гласовите на Никола Ристановски и на сенегалскиот поет и препејувач Дауда Ндиај, но и со шепотот на Маја Трајаноска Ивановска. Истите можат да се прочитаат – преку збор и преку слика –  во штотуку објавениот двојазичен графички омнибус „Небиднина – Not-Being“, во издание на „Флип Бук Букс“.

За креативниот дослух на авторите со поезијата на Шопов и вдомувањето на лирскиот субјект во медиумот на анимираниот филм, подетално се изјаснуваат, на страниците на оваа нова „Небиднина“, Александар Прокопиев и Дарин Ангеловски. Осмислен не како илустрација, туку како литературно-ликовно претставување на поетското дело на Шопов, омнибусот е одраз на еден автентичен творечки чин на визуелно трансформирање на поезијата, при кое авторите поаѓаат од графијата на ракописот на поетот, за да развијат едно оригинално ликовно преобликување на неговиот лирски израз.

Во фоајето на Кинотеката, публиката ќе ја пречекаат две изложби. Со „Патот по кој чекорам“, присутните ќе зачекорат по врвиците на животот и делото на Ацо Шопов, преку фотографии, уметнички слики, стихови, цитати, ракописи, исечоци од весници, корици од книги и слични материјали отпечатени на банери. Со „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, публиката ќе го проследи учеството на Шопов на Струшките вечери на поезијата, како и неговиот влог во популаризацијата на оваа манифестација, преку оригинални фотографии на Душан Ѓоргон.

„Ацо Шопов – Невообичаено“ е настан од отворен карактер за сите почитувачи на делото на Ацо Шопов и на македонската книжевност и култура. Се одвива во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски.


Post Views:
129

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

How Ukraine Is Weakening Russia’s War Machine

Over the past several months, Ukrainian drones have penetrated...

Како јас ја разбирам „Македонија твоја“!? – Denesen.mk

Јованка КЕПЕСКА Македонија твоја ја разбирам како слободно дејствување и...

Македонецот не може да го поднесе погледот на секој што го прави немакедонец! – Denesen.mk

Бранко САРКАЊАЦ Сликајќи го портретот на граѓанинот на FYROM јас...