Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Хибриден свет – детерминиран хаос | KOLUMNI.mk

Хибриден свет – детерминиран хаос

Нема да погрешиме ако ги испревртиме термините наведени во насловот. Тие едноставно само се дополнуваат и ја збогатуваат сликата на светот во кој живееме. Некогаш имаше одмереност и внимателен настап на политичарите. Нив ги контролираше и внимателно ги следеше народот односно електоратот односно јавното мнение. Барем така се чини од оваа временска дистанца иако има и живи сведоци што лесно ќе потврдат дека во суштина ништо не се менува и сѐ си е исто. Тоа се мошне реални луѓе полни со скепса. Одамна се обидуваме да ги сонуваме „подоброто и поубавото“ без влијанието на материјалните вредности. И само сонуваме и се надеваме. Се чини како да сме под некаков вид на хипноза. Личиме на овчички што со задоволство чекорат кон волкот за тој да им ги реши сите маки.
Како помлади, често го употребувавме терминот „царството на будалите“ како специфичен дијалект на маалски истомисленици. Денес тоа може да се подведе под терминот хибриден свет. Нека ми биде простено за споредбата. Но содржински и општоприфатено би значело нешто како цивилизациско лудило – либерална демократија – тролови – ботови, фабрики за лаги. Нешто што за многу генерации значеше апстрактно односно замислен или обопштен свет што се разликува од јавето сега е заменето со популарниот хибриден свет. Не врат, туку шија. Манипулаторите со јавната свест и со нашите животи постојано измислуваат нова терминологија со стари содржини, кои се еднакво, па и галактички оддалечени од нашето јаве. Сите содржински елементи што го сочинуваат, со додадени економски мрежи што ги диктираат финансиските токови – со невладините организации што никнаа како печурки по дожд, со мултинационалните компании или корпорациите што се наддржавни институции, неверојатно успешно го градат системот на детерминиран хаос. За пример ќе ја земам книгата „Временската машина“ на Х.Џ. Велс односно истоимениот филм од почетокот на шеесеттите години од минатиот век. Таму, човекот е со избришана меморија и стаклест поглед, со потонати чувства и ментално инсталиран систем на шематско однесување. Таа наметливо управува со свеста (поединечна и колективна) претставувајќи ја нејзината реалност како единствено јаве. Детерминираниот хаос предопределува и суптилно господари со нашата волја, нашата свесност и текот на однапред вградени случувања.
Она што некој наивен брилијантен мислител го поставил како теза во позитивна конотација, а друг по вокација мангупиште (Салиери) умеел да го стави во редовна употреба на менито на далаверите, веднаш е предмет на мрежите, на ботовите и на троловите за потоа ефикасно во секојдневието да биде пласирано од страна на сублиматот на сите наведени алатки – фабриката за лаги. А каде е тука човекот? Од неговото раѓање, па до зрелите години и по нив, тој се претвори во шаблон, во апсорбер на понудата од врвот. Сѐ поретко размислува со сопствена глава и во духовна сиромаштија лежерно ѝ се препушта на матицата, која плови којзнае каде. Што остана од чинот на демократос или владеењето на народот? Суштински, животот е ограничен. Доколку единственото мисловно суштество не се врати веднаш во реалниот свет и доколку не го стави стапалото на менталната сопирачка, останува на позицијата пазарен идиот, кој сите околу себе ги гледа како банкноти или скапоцености. А тие си имаат и друг, мошне пополезен начин на употребна вредност.

Ова е системот за управување со свеста на луѓето. Просто кажано, станува збор за мавтање со слатки лижавчиња пред носот. Не треба многу за да се потврди горенаведеното. Сите извештаи добиени преку сложената конструкција на мрежата во состав на хибридниот свет и практично изградениот систем на детерминиран хаос, кој е под строга контрола на креаторите, немаат соодветна потврда и проверка. Тие се дозираат по нарачка пред сѐ на сите оние фактори што се во игра. Противречностите се наивно видливи и со податоци што стојат на позицијата и потребите на инволвираните во воените судири. Па така, по какви сѐ не болести, интриги и физички можности за негова замена од страна на имитат, сега слушаме и за можен атентат врз Путин по сознанија на големи медиумски куќи од Запад. За атентатот врз Трамп се кажаа многу варијанти, а сепак вистината остана недостапна како и вообичаено во „строго доверливо“. Слушнавме изјави за целосно уништување на воените капацитети на Иран со возвратни удари на „уништената цивилизација“ врз воени пловила на САД и којзнае што не. За преговорите што се водат безмалку на глобално ниво, во кои сигурно се опфатени новите конструкции на светот на иднината и кои се недостапни за смртниците, останува поговорката дека „од осаменото стебло не се гледа коријата“. Конечно, она што некогаш беше незамисливо, особено во жаргонот и однесувањето на политичарите и политиката, стана секојдневие пред екраните и „солидна“ поука како не треба да се однесуваме и ние, обичните луѓе.
Големите случувања носат и големи промени. Проектантите на новиот свет би било потребно да обрнат поголемо внимание на дипломатското однесување во вистинска смисла на зборот. Дури и во најсложените случаи, дипломатскиот речник би требало да дејствува како мевлем на рана кон соговорниците. За потсетување, еве сме на Денот на победата над фашизмот. Првиот чин на капитулација се случил во Ремс на 7 мај 1945 година, потпишан од страна на началникот на канцеларијата на германскиот ОКВ – Јодл, во присуство на командантот на сојузничкиот експедициски корпус Волтер Бедел Смит и советскиот офицер Иван Суслопаров. Советите не се согласиле со документот сметајќи го само за подготвителен. Освен тоа, Суслопаров бил офицер со понизок чин. Капитулацијата била повторена со согласност на Сталин и Ајзенхауер. На тој чин биле присутни фелдмаршалот Вилхелм Кајтел од германска страна, маршалот Георгиј Жуков од советска, маршалот Артур Тедер и Жан де Тасињи како сведок на сојузниците.

Со текот на годините, сојузниците се разединија, па така Европа го слави Денот на Европа, а Русија на 9 мај со спектакуларна воена парада Денот на победата. Парадокс е дека и во ова наше време постои тенденција Стариот Континент да ги повикува „духовите на минатото“ што донесоа огромни жртви, страдања и разурнувања. Но се чини дека човекот лесно заборава кога станува збор за интересите на елитите. Ударите што потоа ќе ги претрпи ја враќаат цивилизацијата години наназад. Денес сѐ позачестени се изјавите со закани за употреба на нуклеарните капацитети. Не е за смеење, оти тоа е премногу сериозна работа дури и за помисла, а камоли за употреба. Се чини дека светот не треба да стравува од големи судири, бидејќи „нема“ мажишта што ќе си пресудат и самите на себе. Конечно, нивото на квалитетен живот е на нивна страна и тешко е дека ќе ја пресечат гранката на која се сместени.
Нам ни преостанува да се обидеме да фатиме здрав сон и да се надеваме на прекрасно изгрејсонце. Хибридниот свет и детерминираниот хаос да останат некаде таму во сништата или да го регулираат престојот во нашето јаве со прифатливи пораки. Челичните тупаници на Бојарот и Шерифот и спокојната насмевка на Мандаринот нека го најават утрото на раѓањето на новиот свет во кој еднаш засекогаш ќе биде избришано злото.

Авторот е писател

Љубомир Јованоски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ