Момче од Велес пронашло солидна сума пари во штедна книшка пред банка и ги однело во полиција. Полицијата го пронашла човекот што ги загубил и му ги вратила. Прекрасна вест! Циркулираше сосем кратко и крајно срамежливо низ социјалните мрежи и потоа брзо исчезна. Ја преплавија едночудо мрачни вести од политиката, секојдневниот живот и црната хроника. Јавноста покажа повеќе интерес за мрачнотијата, која вреска за да биде чуена, објавена, шерувана и коментирана. Деструкцијата секогаш сака да биде славна, а медиумите и јавноста веднаш ѝ го овозможуваат тоа. Наспроти ова, добрите дела вообичаено се скромни, тивки, ненаметливи, ама јавноста воопшто не се возбудува околу нив, оти не ѝ се интересни за озборување, па многу често завршуваат и како предмет на исмејување.
И покрај недостиг од докази објавени како информации, убеден сум дека во текот на еден ден се случуваат многу повеќе добри дела отколку злодела. Ама сопствениците на медиуми, од искуство заклучиле дека лошата вест повеќе возбудува, побрзо се шири и носи поголема заработка. За жал, тоа е вистина. Консумерската јавност така пресудила. Веројатно вака било отсекогаш и овој заклучок не зборува многу убаво за посветените консумери на информации. И потоа уметникот, инспириран од некоја застрашувачка случка џвакана од јавноста, ќе напише книга, ќе сними филм или ќе наслика платно на таа тема, па секогаш будната и за гризење спремна јавност, гласно ќе ја крикне својата дума и ќе му се врекне на авторот фрлајќи бесна пена од устата: „До кога уметниците ќе творат вакви грозни теми? До кога ќе нè прикажуваат како гадови? Како само кај нас да се случуваат грозотии? Ќе направат ли некогаш дело во кое ќе нè прикажат, нас и државата, во убаво светло?“
А јавноста со френетична страст ја голта секоја негативна информација, оти како единка во толпа веднаш гледа можност да се дотера во високоморална личност, да не речам безгрешно божество, и од позиција на самопрогласен судија без дамка грев на душата, да суди и пресудува, но и да се става себеси во позиција на можен учесник во грдиот настан, па ја добиваме онаа реченична конструкција: „А бе, јас да бев таму (или во таква ситуација), друга песна ќе се пееше“, ама истовремено, ако случајно до „безгрешниве праведници“ стигне муабет за создадено уметничко дело во кое се разголува токму оваа хипокризија за која сега пишувам, секако не го посведочиле делото, но чуле (од јавноста) за него, ете го бесот сосе пената на устата и гласниот крик: „Ама до кога ќе им се дозволува на овие уметници вака да нè прикажуваат, кој дава пари за нивните повраќаници и ќе им забрани ли некој во државава да нè трујат со вакви глупости?“
Аман бе, Русјаков, јавноста, па јавноста, си се фатил за таа апстрактна именка и маваш по неа како да нема што друго да се пишува.
Јавноста најчесто сака да ти каже и наметне што треба да твориш, како да се облекуваш, што да јадеш и со кого да воздивнуваш. Во меѓувреме, во слободно време, кое јавноста го има одовде до вечноста, вообичаено плука по системот, кој за сенешто го обвинува. Еднаш напишав дека систем е апстрактна именка составен од конкретни индивидуи и јавноста ме зема в уста за да ме распнува и исмева, па штом системот е конкретен, тогаш и јавноста ја има истата таа чест, во моите писанија да биде конкретна и додека таа мава по системот, мене ми е интересно да се занимавам со неа.
А ха, ама утре ќе ти треба истата таа јавност за да ти аплаудира на делата што ги создаваш.
Се извинувам, но на уметникот му треба публиката што задоволна аплаудира или со право критикува, а не јавноста која вообичаено го суди за неморал и декаденција, нормално ставајќи се самата во позиција на безгрешно божество. Патем, мене како писател, убаво ми е вака да си играм со терминологијата. Медиумите и јавноста се врзани со заветот што вели дека лошата вест продава, а уметникот сака да верува дека убавината ќе го спаси светот, можеби не планетата, туку внатрешниот свет на поединецот што ја консумира уметноста како публика. На крајот на краиштата, читателската публика и тогаш и денес е восхитена од „Лолита“ на Владимир Набоков, а јавноста го осуди за пропагирање неморал и педофилија, по што судот, подлегнувајќи на таа атмосфера, му го забрани делото, иако, за среќа, долгорочно тоа не им успеа, па ете ја книгата, и денес стои дома на полици, во рафтовите на библиотеките, излозите на книжарниците. Јавноста го прогласи Винсент ван Гог за пијандура, наркоман и психопат, кој нешто шлакал на платната, ама Јохана ван Гог-Бонгер, сопругата на Тео ван Гог, дала сè од себе неговите ремек-дела да стигнат до публиката, која пак, восхитувајќи се, го внела генијот во историјата.
Океј, Русјаков, а насловот на колумнава?
Едно момче најде солидна сума загубени пари на улица и ги предаде во полиција за таа да му ги врати на сопственикот. Потоа се појави Михалис Рокас со муабетот за промена на Уставот со која ќе го направиме последниот чекор за влез во Европската Унија и ја проголта претходната информација, па стана ударна вест. Ама па, од досегашните лабораториски експерименти што ЕУ ги вршеше врз нас, се докажа дека во нашиот случај реалполитиката станува политичка метафизика. Да, да, ние веќе добро знаеме дека меѓу последниот чекор и самата врата постојат и бугарските нацишовинистички лавиринти наречени протоколи, чии ѕидови сега се обложени со шарени француски тапети наменети за мачкање на очите и умот. Ама ние одамна сме влезени во ЕУ, знаеш ли ти, Рокасе? Башка веќе неколкупати направивме последен чекор. Пред само неколку години Меркел и Макрон ни зборуваа за тој (нај)последен чекор што ние не сакавме да го правиме, ама насила, место нас, го исчекорија едни црпнати од Бога. Информирај се, Рокасе, прашај го Заев, нему, твоите шефови и датум за почеток на преговори му дадоа, така тој ни кажа, а вие не демантиравте. Да, да, се разбирам и јас малку во езотерија. Знам дека ова е последниот чекор до последниот чекор кој ќе води до последниот чекор. Додека чекорејќи го во место последниот чекор сосема не исчезне македонизмот од нас, претворајќи се во чиста енергија на која, среде енергетска криза и отсуство на руски гас, вие ќе се греете, така нели? А ха, знам дека звучам налудничаво, таква ми е и намерата, ама па зошто мислите вие дека звучите логично и здраворазумски со муабетиве за последниот чекор по кој ќе протече мед и млеко од ЕУ кон нас?