Интелигенцијата кај современите народи (1)

Поттикната од катастрофалните сѐ полоши резултати од рангот на нашите македонски универзитети, логично ми се постави прашањето дали нашиот род интелектуално дегенерира или, пак, станува збор за нешто друго. Затоа, во денешниот напис ќе се задржам малку на поимањето на интелигенцијата, особено по најновото објавено истражување кај американската популација посветено токму на интелектуалните резултати.
По дефиниција, човечката интелигенција претставува ментален квалитет што се состои од способност да се учи од искуството, приспособување на нови ситуации, разбирање и справување со апстрактните концепти и користење на знаењето за манипулирање со околината. Или, пократко, тоа е способност за учење или разбирање или за справување со нови или пробни ситуации или, како што поинаку го нарекуваме, РАЗУМ.
Битен елемент на интелигенцијата е ефективната адаптација на ситуацијата. Оваа способност се потпира на голем број когнитивни процеси, како што се перцепција, учење, меморија, расудување и решавање проблеми. Главниот акцент во дефиницијата на интелигенција, значи, е дека таа не е когнитивен или ментален процес сам по себе, туку селективна комбинација на овие процеси што се намерно насочени кон ефективна адаптација.
За тоа што е интелигенцијата во психолошката наука постојат многу толкувања. Теориите за интелигенција, како што е случајот со повеќето научни теории, еволуирале низ низа модели. Четири од највлијателните парадигми се психолошкото мерење (познато и како психометрика); когнитивната психологија (која се занимава со процесите со кои функционира умот); когнитивизам и контекстуализам (како комбиниран пристап што ја проучува интеракцијата помеѓу околината и менталните процеси); и биолошката наука, (која ги разгледува нервните основи на интелигенцијата).
Ги издвојувам психометриските теории што се засноваат на модел што ја прикажува интелигенцијата како композит од способности мерени со ментални тестови. Најбитно е што овој модел може да се квантифицира. На пример, изведбата на тест со серии броеви може да претставува пондериран состав од број, расудување и мемориски способности за сложена серија. Математичките модели овозможуваат слабоста во една област да се надомести со силна способност во друга област при изведување на тестот. На овој начин, супериорната способност во расудувањето може да компензира за недостиг во способноста за бројки.

Една од најраните психометриски теории дојде од британскиот психолог Чарлс Е. Спирман (1863 – 1945), кој ја објави својата прва голема статија за интелигенцијата уште во 1904 година. Тој заклучил дека само два вида фактори се во основата на сите индивидуални разлики добиени во резултатите од тестовите. Првиот и поважен фактор, кој тој го означил како „општ фактор“, или g, проникнува во перформансите на сите задачи за кои е потребна интелигенција. Со други зборови, без оглед на задачата, ако се бара интелигенција, тогаш е неопходно постоење на фактор – g. Вториот фактор е поврзан со секој конкретен тест. На пример, кога некој полага тест за аритметичко расудување, неговата изведба на тестот бара општ фактор, кој е заеднички за сите тестови (g), и специфичен фактор, кој е поврзан со ментални операции потребни за математичко расудување, различно од другите видови размислување. Затоа постојат луѓе што имаат низок општ фактор (g), но затоа пак имаат специфични фактори, за манипулација и бизнис на пример, па стануваат успешни милијардери! Спирман не знаеше точно што е генералниот фактор, но тој предложи уште во 1927 година дека тоа може да биде нешто како „ментална енергија“.
Речиси сите теории користат сложени задачи за мерење на интелигенцијата и кај децата и кај возрасните. Со текот на времето, теоретичарите избраа одредени задачи за анализа на човечката интелигенција, на пример препознавање аналогии, класификација на слични термини, екстраполација на серии на броеви, изведба на транзитивни заклучоци и слично. Иако видовите сложени задачи ѝ припаѓаат на една традиција за мерење на интелигенцијата, оваа област всушност има две главни традиции. Највлијателна е онаа на францускиот психолог Алфред Бине (1857 – 1911) според која IQ беше пресметуван како однос на менталната возраст до хронолошката (физичка) возраст, помножен со 100.
Подоцнежните случувања во тестирањето на интелигенцијата го проширија опсегот на тестираните способности. На пример, во 1997 година психолозите Ј.П. Дас и Џек А. Наглиери објавија систем за когнитивно оценување, тест заснован на теоријата за интелигенција првпат предложена од рускиот психолог Александар Лурија. Тестот ги мери способностите за планирање, способностите за внимание и способностите за истовремена и последователна обработка.

Симултаните способности за обработка се користат за решавање задачи како што се проблеми со фигурална матрица, во кои испитувачот мора да пополни матрица со геометриска форма што недостига. Во мојата долгогодишна практика најмногу го користев Векслеровиот тест за интелигенција – WISC (вербален и манипулативен дел), како и Равеновите прогресивни матрици.
Резултатите од тестовите за интелигенција следат приближно нормална дистрибуција, што значи дека повеќето луѓе постигнуваат резултати блиску до средината на распределбата (околу 100) и дека резултатите доста брзо опаѓаат по фреквенција додека се движите во која било насока од центарот. На пример, на скалата на коефициентот на интелигенција, околу 2 од 3 поени паѓаат помеѓу 85 и 115, а околу 19 од 20 поени паѓаат помеѓу 70 и 130. Поинаку кажано, само 1 од 20 поени се разликува од просечниот коефициент на интелигенција (100) за повеќе од 30 поени.
Флиновиот ефект (ФE) е генерациски феномен во кој е откриено дека просечните резултати за интелигенција (IQ) се зголемуваат со текот на времето во развиените земји со вчудовидувачка конзистентна стапка од приближно 0,33 поени годишно, или 3,3 поени по деценија. ФE се однесува на конзистентно нагорно движење во резултатите од тестовите за интелигенција низ генерации од околу три поени по деценија. Тоа се случува кога изведбата на тестот на современиот испитаник се споредува со нормите добиени од претходната генерациска група кога просечната изведба била пониска отколку што е денес. Ефектот е широкоприфатен како реален и обично се смета дека се должи на различни општествени напредоци што го подобруваат развојот на мозокот и нервниот систем, како што се исхраната, здравствената заштита и образованието. Големината на ФE варира за различни широки когнитивни способности и е најниска за кристализираното знаење и највисока за задачи за флуидното расудување.

Во март 2023 универзитетот „Нортвестерн“ објави известување за резултатите од тестирање на интелектуалното ниво на американската популација. Покажано е дека од 1932 година до крајот на 20 век, генерално, резултатите се покачиле од три до пет поени за декада, што се смета во согласност со Флиновиот ефект. Меѓутоа, новата студија на овој универзитет покажува негативен Флиновиот ефект на широка популација во периодот 2006-2018 година во сите категории освен во една. За ваквиот реверзен Флинов ефект сигурни докази има за три когнитивни домени што покажале негативни стапки. Резултатите за вербално резонирање (логика и речник), резонирање матрикс (решавање визуелни проблеми, аналогии), како и серии на зборови и бројки (компјутерски/математички) паднале за време на овој период, додека резултатите за 3Д-ротација (просторно резонирање) се покачиле во периодот 2011-2018 год. Разликите во бодовите беа присутни без разлика на возраста, образованието или полот.
И покрај падот на резултатите, авторката на студијата Елизабет Дворак рече дека не сака луѓето да ги читаат овие наоди и да мислат: „Американците стануваат помалку интелигентни“. Тоа не значи дека нивната ментална способност е помала или поголема, туку само разлика во резултати што постојат помеѓу постарите и поновите испитаници. Студијата е публикувана во списанието „Интелигенција“.

(продолжува)

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во...

Супер Глоуб станува „Светско клупско првенство“

Досегашниот формат на натпреварување познат како Супер Глоуб...

Македонија од трет шешир во ждрепка – може да игра во Хернинг, Осло, Загреб…

Светската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката...