Историските комисисти бараат одговорно информирање, а дали тие се одговорни пред јавноста?

Македонскиот дел од Заедничката комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија денеска реагираше за како што велат „некоректно известување на јавноста околу тоа што договарале со бугарските колеги околу Охридската архиепископија“. Во соопштението наведоа и тоа дека во јавноста се слушнале многу неточни информации и паушални заклучоци.

-Ова не е прв пат работата на Комисијата и нејзините решенија да бидат предмет на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци со цел потоа истите да бидат злоупотребени, стои во нивната реакција.

Предупредија и на тоа дека повторувањето на овие дезинформации во однос на работата на Комисијата ќе ги сметаат за свесно инструментализирање на нејзината работа со цел остварување на политички цели. Повикаа и на одговорност во информирањето на јавноста за работата на Комисијата не само од страна на медиумите, туку и од сите општествено-политички актери во македонското општество…

Добро. Но, колку ваквото соопштение ќе помогне на јавноста да дознае што точно било дискутирано и договорано околу Охридската архиепископија? Впрочем, за што се се договара минативе месеци на Комисијата и што конкретно до сега е договорено? Јавноста треба да нагаѓа што сработуваат на Комисијата или пак треба само трпеливо да чека да и кажат што се случува ама кога тоа некој (од горе) ќе го одлучи?

Не треба многу па да се заклучи дека причина за настанатата конфузија не треба да се бара само кај „лошите медиуми“ туку и кај „добариот македонски дел од комисијата“ кој недоволното информира што се договара со бугарските историчари.

Случајот со Охридската архиепископија не е прва тема која се појавува, а за која македонската јавност нема доволно информации за тоа што е зборувано, што сека едната, а што другата страна, што е договорено, дали треба и понатаму тоа да се договара… Не е за првпат македонската јавност за темите и договорите во Комисијата да дознава од бугарската страна и тамошните медиуми, а при што неретко се случувало да се пренесуваат и невистинити информации.

За сето тоа вина и одговорност носат и членовите на македонскиот тим со својата недоволна отвореност кон истата таа јавност која има право да знае што се преговара и договара. Давањето на една воопштена изјава од која не се дознава многу, а какво што е вообичаено однесување на претставниците на македонскиот тим, не е доволно за да се исполни долгот кон јавноста. А македонската јавност е со право чуствителна за прашањата од сопствената национална историја исправени пред бугарските настојувања таа да се ревидира.

Значи, добро е што македонските комисисти бараат одговорно и вистинито информирање, но уште подобро би било поголема јавност во работата да побараат и од самите себе. Нека тие со вистината ги покријат „паушалните заклучоци“. Го можат ли тоа македонските комисисти?  

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ