Кога „боговите“ ќе паднат на теме… Ние место по суштината, упорно гребеме по површината! – Екипа

Анализи секогаш се прават со ладна глава – ќе речат помудрите. Кај нас, можеби, тоа малку значи затоа што постојано сме со вжештени глави, барем кога е фудбалот и спортот во прашање. Па, такви ни се и анализите…, кога решаваме проблем место по суштината, упорно цел живот вжештено гребеме по површината!

Македонија го доживеа најтешкиот пораз во својата фудбалска историја на гостувањето против Англија. Пораз од една моќна Англија, веројатно најсилната островска селекција во последните 30 години, секако не може и не треба да е страшен. Но, овој од Манчестер и тоа како е болен, поради висината и начинот на кој си го заслуживме. Болен – неболен, според мене, генерално повеќе од добредојден. Таман, за конечно отрезнување, да видиме кои сме, што сме и до каде сме. Па, во иднина малку пореални во очекувањата да сме.

Во секој случај, факт е дека сега имаме проблем. Па, е потребно решение… И веднаш, онака по балкански, посебно оние „највжештените“, единствено во потрага по крв – нечија глава. Само што дали тоа води до решение? Тоа не е важно… Важно е да се задоволи жедта за крв. Ние никогаш не знаеме за подлабока анализа освен: „главата“ на селекторот и „крвта“ на фудбалерите…, и сето тоа најчесто како пократок пат во желбата да се дојде до „телото“ на ФФМ. Затоа со години гребеме по површината, не успевајќи никако да дојдеме до суштината!

А, суштината на македонскиот фудбалски проблем е многу подлабока од само еден траорен пораз од Англија…

„БОГОВИТЕ“ ПАДНАА НА ТЕМЕ…

Во македонската фудбалска репрезентација последниве години се најдобрите фудбалери со кои располагаме. И, искрено најдобрата генерација која сме ја имале во историјата. Во тоа нема сомнеж… Што би се рекло – „монопол“, по ничија вина. И кога на тој „монопол“ ќе се додаде пласман на ЕП, првпат во нашата историја, па пласман во бараж за СП, првпат во нашата историја, и победа над актуелен европски шампион, првпат во нашата историја, тогаш резултатот е – „богови“ во сопствената глава. За жал, таков беше односот на дел од македонските репрезентативци, посебно оние најискусните, во последната година, по оној меч во Палермо. Превртување очи, неприкладни досетки и потценувачки однос кон медиумите по прес-конференции, избегнување изјави во микс-зоните по мечевите со Украина и со Англија кои всушност се обраќање до јавноста а не до медиумите за прифаќање било каква одговорност, избегнување настап во Лига нации – затоа што нели ние сме го надраснале тоа, но и одважност дури и пред колегите-соиграчи, и тоа како се рефлектира на терен. Затоа што, воспитанието од дома го пренесуваш и на улица…, ама односот надвор од терен во професијата и тоа како се рефлектира на терен.

А, пак, иако е непријатно, очигледно потребно било да се потсетуваат фудбалерите дека пласманот на ЕП го изборија преку еднаш-дозволениот пат од Лига Д во Лигата на нации, со дуели против селекции од рангот на Гибралтар, Лихтенштајн, Косово или Грузија, а паралелно во регуларниот квалификациски циклус имаа четири порази од Полска и од Австрија. Победите над Германија или Италија, да бидеме реални, се магија која ретко се случува, а нашата фудбалска реалност е многу поразлична од Англија, Италија или Украина.

Затоа и се повеќе се согласувам дека нас последнава година, меѓу другото, и менталитетот ни пресудува. Ама, менталитетот на преголема еуфорија и неоправдана самобендисаност. А тој, за жал, е многу поголем од реалниот квалитет – кој за нас се мери со лиги како Унгарија, Хрватска, Словачка, Кипар…, и ретки исклучоци од Италија, Шпанија и Турција, и тоа со минимум минутажа. Затоа, ми се чини, убаво е што „боговите“ паднаа на теме. За да се свестиме на време – и малку целокупниот менталитет го промениме. Затоа што од нивото на квалитет, какво и да е, не треба да се срамиме. Само соочувајќи се со него може да се поправиме.

СЕЛЕКТОР

Кога ќе ви се случи резултат како оној во Манчестер тогаш нема сомнеж дека прв на удар секогаш бил и ќе биде селекторот. Токму затоа одговорност, за случувањата во Манчестер, прифати и Благоја Милевски на тој начин, ми се чини, оставајќи сега простор за дополнителни анализи и во самата ФФМ која ќе си донесе одлука. Само што, да бидеме реални, ниту од далеку откинување на „главата“ која „највжештените“ ја бараат не нуди решение за националниот тим и македонскиот фудбал. Смешно е да се тврди дека човекот кој однел една генерација на ЕП, тогаш кога никој ниту очекувал ниту сонувал такво нешто, истиот кој обезбеди бараж за СП, и истиот кој го водел тимот кој само три дена пред Англија, како што велат дури и „највжештените“, ги одиграл можеби најдобрите 60 минути на Македонија на домашен терен, е единствениот виновник за „Олд Трафорд“. Гледано, се разбира, чисто фудбалски.

Како и да е, и самиот Милевски, уште по средбата во Англија најави дека репрезентативниот фудбал од септември е пред пресвртници. Или, или….!

ФФМ, КЛУБОВИТЕ И ШКОЛИТЕ

Кога ќе се анализираат репрезентативните тимови убаво е најпрво да го погледнеме нивото на кое живеат и условите кои ги нудат за фудбалски развој домашните клубови. Првата македонска фудбалска лига од година во година тоне во квалитетот, а повеќе од жално е што домашните клубови ретко се одлучуваат да дадат доверба на млад фудбалер, присилени само согласно правилото за задолжителен младинец. Жално е и што клубовите веќе подолго време, иако има предлози од ФФМ и од репрезентациите, не се одлучуваат да прифатат правило за задолжително повеќе младинци во првите тимови на официјални натпревари во Првата и во Втората лига, нешто кое е од интерес на националните тимови но и на нив самите, ако сакаат утре и финансиски бенефит од фудбалот.

Факт е дека на Македонија и е неопходна и сериозна лига на втори тимови…, за играчи до 20 години. Факт е дека ФФМ мора да размислува во таа насока, без разлика колку и да се спротиставуваат на тоа дел од клубовите поради финансиска немоќ. Факт е дека на Македонија и недостасува вистински фудбалски менаџмент по клубовите, кој сериозно ќе поработи на развојот на младинските школи со точно прецизирани цели и планови со максимална вклученост на ФФМ. Затоа што, во спротивно, по заминувањето и на оваа актуелна генерација од сениорската репрезентација и тоа како стравот е дека изданија и резултати како она од Англија во иднина ќе ни бидат секојдневие. Без разлика кој е на чело на ФФМ, а кој на клупите на репрезентациите.

ДРЖАВАТА, ВАУЧЕРИТЕ, СПОРТСКАТА ЈАВНОСТ И ИНСТИТУЦИИТЕ

Државата не смее да се меша во спортот, ама и тоа како државата мора да биде во функција на спортот. Ако спорт сакаме…

Само што кај нас нема критична спортска интелектуална маса. Затоа што, ако не е така, тогаш како може да се протолкува и до ден-денешен молкот на целокупниот домашен спортски свет по информацијата од пред извесен период дека македонскиот спорт ќе остане без Агенцијата за млади и спорт, која ќе се „претопи“ во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, каде што би ја загубила независноста, а со тоа и голем дел од ингеренциите.

„Македонскиот спорт би одел под владин орган предводен од Артан Груби, кој во иднина би се грижел за младите и за спортистите“ – се најавите во домашната јавност. Под ингеренции на владин орган кој денеска официјално прими член на странска репрезентација, само затоа што постигнал гол за таа репрезентација!!???

И дали ќе се реализира или не, останува да видиме. Но, жално е што до тогаш нема ниту една реакција од ниту една спортска институција. Во време кога поголемиот број европски држави имаат и комплетно самостојни министерства за спорт, ние ќе ја укинуваме Агенцијата!? И за тоа молк, па дури и да е само гласина!?

А во меѓувреме поддршката за спортот преку ваучерите, кои во секој случај се позитивен систем, ќе оди, за жал, главно за плата на странците по клубовите. За плата на странците по клубовите кои, пак, не носат ниту било каков европски успех! А ние репрезентации сакаме. А ние за репрезентативен успех зборуваме.

Јасно е дека промена на критериумите кои ќе ја одлучуваат висината на ваучерите и тоа како мора да има. Па, главнината нека биде за клубовите кои единствено ќе промовираат младинци и македонски репрезентативци. Ако репрезентации сакаме! Ако за репрезентативен успех зборуваме!



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Француски документарен филм за конфискуваната колонијална уметност е победник на Берлиналето

Добитник на Златната мечка за најдобар филм на овогодинешното...

Дивата од модните писти слави 58 роденден: Се трудам да бидам добра

– Благодарна за уште еден сет роденденски свеќички –...

Големо невреме зафати делови од БиХ – училишта и болници останаа без покриви

Силно невреме придружено со силен ветер во текот на...

Димитриевски: ЗНАМ нема да поддржи избор на претседател во Собранието

Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборен период, и наводно...