Кога корупцијата станува велепредавство, а корумпираните – велепредавници!

Васко Шутаров

Работејќи на една студија за култот на личноста меѓу современите балкански култури и народи, уште толку станува јасно дека во сите случаи на негување таков култ во светот во 20 век, зборуваме само за политичари – и тоа, редум мажи! „Вожд“, „Татко на нацијата“, „Голем учител на народот“, со такви култни епитети се стекнувале десетици познати политичари, од сите светски меридијани. За време на нивните животи им се подигнувале споменици, нивните имиња ги носеле градови и улици, им се поклонувале и покорувале како на богови, биле миленици на медиумите, се снимале филмови за нив! И гледај чудо – за ниту една жена политичар во 20 век не бил создаден култ на личноста, а барем две од нив, воделе војни и победувале во нив! И биле од цел свет признаени, како челични дами на светската политика!

За една од нив двете знаеме скоро сè! Британската премиерка Маргарет Тачер светот ќе ја памети како челична, затоа што играше бескомпромисна политичка улога кога беа во прашање интересите на Велика Британија, ја поведе и победи во војната за Фокландските Oстрови, принудувајќи ја Аргентина на отстапки – и си замина од политичката сцена непоразена на избори! Во филмот, кој post mortem беше сниман и емитуван за неа, нејзиниот лик бравурозно го одигра големата Мерил Стрип.

За втората челична дама во светската политика, израелската премиерка Голда Меир, за жал, знаеме многу помалку! Ја паметиме уште како деца, бидејќи, заедно со Хенри Кисинџер не се симнуваа од малите екрани! Беше тоа 1973 година, се водеше израелско-арапска војна и светот беше пред почеток на нова светска војна! Токму деновиве, во Ерусалим, 50 години подоцна, светска премиера ќе доживее филмот „Голда“, посветен на челичната израелска премиерка, која во филмот ја игра големата актерка Хелен Милен. Гледајќи го трејлерот за филмот,  разбирам дека фокусот ќе биде токму на таа 19-дневна војна, позната како Јом Кипур војна, во која Израел победи, но Голда Меир ја чинеше политичка кариера.

Денес, многу повеќе знам и за двете челични дами во политиката, отколку за време на нивните животи и нивното активно занимавање со политика. Жените во политиката, посебно од ковот на Тачер и Меир ми биле отсекогаш поинтригантни, за разлика од нивните колеги мажи, кои со ретки исклучоци, сите редум биле така лесно предвидливи и бескрајно здодевни! И двете имаат скоро идентичен став во однос на прашањето за нивното занимавање со една од најмашките професии, каква што е политиката: „Една жена да се нарече успешна, мора да биде многу подобра во нејзината работа од сите нејзини машки колеги“. Или: „Не знам дали жените се подобри од мажите во политиката, но сигурна сум дека не се полоши од нив“, ќе каже во својата автобиографска книга „Мојот живот“, Голда Меир.

Кога некој својот живот го разбира како повик целосно да се посвети на заштитата на националните и државните интереси, како што Тачер и Меир го правеа тоа за своите држави, тогаш таквиот живот и дело би морале да бидат модел кој треба да го следат сите оние кои планираат, еден ден сериозно да се занимаваат со политика. И затоа денес, кога некој актуелен политичар ќе се обиде да ги цитира или парафразира, влегува во ризик, уште толку појасна да ја направи разликата помеѓу една класа политичари, од друга, и уште толку да ја направи видлива разликата во успешноста на нивните државни и национални приказни.

(Деновиве, на Илинден и македонскиот претседател се обиде во својот говор да парафразира една порака од Голда Меир и да прозвучи, голдомеировски, но затоа, потоа…)

Голда Меир, родена Мабович, потекнува од еврејско семејство од Киев, кое на почетоците на 20 век се преселува во Соединетите Држави. Таму Голда завршува високо образование, но по нејзината веридба заминува со идниот сопруг да живее во Кибуц, во Светата земја на нејзините предци. Веќе во 1928 година, ја добива својата прва јавна функција, како секретар на Работничкиот совет на жените, а кога следната година се основа т.н. Лабуристичка партија на земјата Израел, таа е еден од основачите на истата. Нејзината одлучност, смелост, љубов кон земјата и желбата за правда и правичност се нејзино главно оружје кое не ù дозволува да потклекне и во најтешките години од нејзиниот живот. Тие нејзини одлики од неа создаваат еден од столбовите на движењето за основање на државата Израел.

Кога кралот Абдулах, во 1948 година, се обидел, токму неа, да ја разубеди дека не треба да се брза со прогласувањето независност на модерната држава Израел и ја советува дека треба да се почека уште некое време, само кратко му одговорила: „Чекавме само две илјади години. Дали тоа ви личи на избрзување?! “

Кога на Светата земја никнува државата Израел, нејзиниот прв премиер Давид Бен-Гурион, во 1949 година, ја предлага токму Голда Меир за негов прв заменик-премиер. Реална, скромна и самокритична каква што целиот свој живот била, Голда Меир ја одбива поканата, но се нафаќа на уште поголем предизвик, да биде прв израелски министер за труд. Потполно предадена кон новата работна задача, многу набргу ќе стане позната како „најдобриот маж во владата“, и „жената која никогаш не се предава!“. Третиот значаен епитет „бескомпромисна“ го стекнува бранејќи ги интересите на Израел пред Советот за безбедност во ОН, во случајот кога Аргентина вложува жалба за интервенцијата на изрелските тајни служби при апсењето на нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман на аргентинска територија. Нејзиниот говор за Холокаустот и нацистичките злодела и денес може да послужи како брилијантен пример како се бранат националните и државните интереси.

(и патем, да не мора потоа, да се цртаат, објаснуваат и оправдуваат на школска табла!)

Кога во 1969 година Голда Меир станува  изреалски премиер, се води од мислата дека политиката е можност да се прават само добри дела и дека покрај власта што се поседува, може да се даде шанса секому да покаже она што најдобро го знае и го умее. За време на тој нејзин мандат (кој трае само 5 години), намален е данокот за сиромашните (за некои категории најсиромашни граѓани и потполно избришан) се градат социјални станови, а Голда Меир пронаоѓа задоволство од својата политичка функција и во тоа, кога „нова сорта памук успева на израелските полиња или кога јагодите во новоосвоените пустински пространства, ќе процветаат!“

Песимизмот е вистински луксуз кој Евреинот никогаш не смее да си го дозволи, ќе каже во една пригода и ќе додаде: Вистина е дека ги добивме сите наши војни, но и плативме голема цена за нив! Доста ни е од победи! Ние со Арапите имавме само едно тајно оружје, а тоа е дека немавме друга алтернатива, освен да победуваме!

За време на премиерскиот мандат на Голда Меир (инаку, четвртиот изреалски премиер, 1969-1974), преовладувало мислењето дека по уверливиот воен триумф на Израел во 1967 година, земјата ќе биде барем некое време безбедна и сигурна од потенцијални напади од арапските соседи. Изреалската воена надмоќ, традиционалната политичка неслога меѓу арапскиот свет и трите новостекнати природни одбранбени препреки, Суецкиот Канал, реката Јордан и Голанската висорамнина, ја поттикнувале изрелската самоувереност дека е дојдено некое мирно време, во кое властите повеќе ќе се занимаваат со квалитетот на животот на граѓаните и дека до скорешна војна нема да дојде!

И покрај пограничните раздвижувања на египетската и сириската армија во летото 1973, како и серија други индиции, изреалското раководство и разузнавачките кругови не се убедиле дека може да дојде до нова војна! Но, воен напад сепак се случува-и тоа на најголемиот еврејски празник Јом Кипур! Египетската војска потпомогната со воени единици од повеќе арапски држави успешно го преминува Суецкиот Канал, а на север сириската војска ја напаѓа Голанската Висорамнина. Израелската армија е затечена, а првите вести од боиштата предизвикуваат шок во изрелската јавност. Токму тогаш започнуваат 19-те најтешки денови од животот на челичната дама Голда Меир, што е главна тема и на филмот „Голда“.

Голда Меир и Изреаел и во оваа, наизглед веќе изгубена војна, ќе извојуваат победа, благодарејќи во голем дел и на дипломатските вештини на тогашниот американски државен секретар Хенри Кисинџер. Во оваа војна ќе блесне како воен командант Моше Дајан, а подоцна ќе стане и нов изреалски премиер. Голда Меир, веќе следната година, непоразена на избори и во војна, но поради непремостливи несогласувања во владината коалиција, ќе се симне засекогаш од изреалската и светската политичка сцена! На заминување ќе каже: „Сакав, барем малку во мир, да се занимаваме, не само со тоа како да го продолжиме животот на нашите граѓани, туку како квалитетно и да го подобриме!“

………………………………………………………………………………………………..

Четвртиот израелски премиер и четвртата македонска република?!

Непримерно би било, денес или кога било, да се споредуваат изрелската и македонската државотворна приказна и покрај мноштвото маркери на историско-судбински преклопувања на двата народа! Да не беше празничното, второавгустовско обраќање на македонскиот претседател и парафразирањето на еден познат говор на Голда Меир, немаше никому на памет да му падне, во овој контекст, да прави какви било паралели помеѓу Македонија и Израел! Но, пораката дека „само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска“, која требаше да прозвучи „голдомеировски“ и како од најславните времиња на четвртиот израелски премиер, за жал, прозвучи само млако и толку неубедливо! А колку да се направи базична разлика како звучи кога политичар со челична политичка волја тоа го прави, еве како звучи оригиналната порака од Голда Меир!

(Пораката од Пендаровски, неколку дена подоцна, веќе ниту некој ја спомнува, ниту некој ја памети!)

Ако сакате да изградите земја во која ќе се вратат вашите синови и ќерки, ако сакате да изградите земја од која тие ќе заминуваат само за празници и пак ќе ви се враќаат, ако сакате да изградите земја во која нема да преовладува чувството на страв од тоа што носи иднината, потребно е да направите само два чекори: 1) Корупцијата да ја изедначите со велепредавство, а корумпираните да ги изедначите и третирате како велепредавници, до седмо колено; 2) Три професии во државата да бидат најценети и најдобро платени: војската, просветните работници и лекарите. И што е најважно, да работите, работите и работите, бидејќи никој друг нема да ве храни, ако сами не го направите тоа! Вашата земја ви е потребна само вам и на никој друг! Кога тоа ќе стане ваш животен стил и дел од вашите животи, тогаш сте ја постигнале целта!

И овде завршува секоја понатамошна споредба помеѓу Голда Меир и кој било актуелен светски или домашен политичар. Бидејќи, Голда беше само една – и единствена!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Дневен хороскоп за вторник, 26-ти септември 2023-та

ОВЕНОвој ден ќе биде полн со предизвици за Овните....

Владата денеска одлучува дали ќе пиеме поевтини сокови и алкохол

Владата денеска треба да донесе одлука за намалување на...

Даниловски до Комисијата за заразни болести: Дали сте бре нормални?

Докторот Драган Даниловски на својот фејсбук профил и се...