Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Македонија во новиот светски полиаморен поредок | KOLUMNI.mk

Македонија во новиот светски полиаморен поредок

  • Македонската држава, за разлика од доскоро, почна да развива и своја „македонска геополитика“. Во неа, очигледно е дека нема да биде како досега доминантна „беззаветната и доживотна љубов само кон ЕУ“, туку влегувајќи во новиот светски мултиполарен поредок таа ќе создава и свои суверенистички мултилатерални мрежи на партнерства со држави и асоцијации на држави и надвор од европскиот континент врз основа на своите државно-национални политички и економски интереси и потреби

„Добредојдовте во ‘полиаморниот’ светски поредок!“, му кажа Гордон Лафорџ на светот на 12 април 2026 година преку својата авторска колумна, објавена од американската информативна агенција „Блумберг“. Како експерт за геополитика и меѓународни односи тој е виш истражувач во Универзитетот „Принстон“ и предавач на Факултетот за глобален менаџмент „Тандерберд“ при Државниот универзитет во Аризона, САД. Лафорџ практично за првпат во меѓународните односи го воведува концептот на „полиаморниот светски поредок“, а „полиаморијата“ како нова норма во светската геополитика.
Соодветно внимание би можело и би требало да им се придаде на овој концепт и на оваа нова геополитичка норма и во Македонија и затоа се решавам да ги изнесам во македонската општествено-политичка јавност преку овие редови во „Нова Македонија“. Подробно ќе аргументирам и ќе појаснам зошто. Дословно преведено „полиаморија“ и „полиаморен“ значат „повеќељубовност“ и „повеќељубовен“, односно во терминологијата на Гордон Лафорџ воспоставување нови врски и партнерства меѓу малите и средните држави во светот во ситуација кога се раѓа новата геополитичка ера, обележана со паѓањето на една единствена доминантна суперсила (САД), со исчезнувањето на американската глобална хегемонија во светот. Значи, се распаѓаат светската еднополарност и постојниот светски поредок со улогата на САД како „глобален светски полицаец“ во него, а се создава нов светски поредок, „полиаморен“, што би рекол Лафорџ, со нови врски меѓу државите многу повеќе отколку досега.
Сметам дека концептот на американскиот експерт може и треба да најде своја примена како нова норма не само во светската геополитика туку и во македонската државна, особено евроинтеграциска политика во овој период кога се цепат трансатлантските врски меѓу Трампова Америка и Европа, олицетворена во Европската Унија. Зошто? Во својот нов геополитички „полиаморен“ концепт, Лафорџ препорачува создавање „мрежи на приспособливи партнерства“, во кои ќе стапуваат поодделните држави, „дејствувајќи флуидно и прагматично, одржувајќи повеќекратни, истовремени и честопати противречни партнерства со различни конкурентски сили, со цел да ги задоволат своите национални интереси“.

Лафорџ тврди дека „завршил меѓународниот поредок заснован врз правила“ што бил предводен од САД. Според него, овој поредок е заменет не само со мултиполарен свет туку и, како што вели, со „див децентрализиран систем сличен на „џунгла“, во која државите, особено „средните сили“ – не треба да се обврзуваат на политичко-економска соработка само со една страна, со една држава. „Треба да се формираат разновидни, заемно корисни односи со различни партнери истовремено“, нагласува Лафорџ. Тезите на американскиот експерт ќе ги применам врз случајот на Македонија и поодделно нејзината евроинтеграција. Македонската држава, за разлика од доскоро, почна да развива и своја „македонска геополитика“. Во неа, очигледно е дека нема да биде како досега доминантна „беззаветната и доживотна љубов само кон ЕУ“, туку влегувајќи во новиот светски мултиполарен поредок таа ќе создава и свои суверенистички мултилатерални мрежи на партнерства со држави и асоцијации на држави и надвор од европскиот континент врз основа на своите државно-национални политички и економски интереси и потреби.

Напоредно со одржувањето и унапредувањето на стратегиските партнерства со САД и неколкуте други држави и со развивањето унапредено барем економско-политичко партнерство и со ЕУ (во очекување полноправно членство), Македонија ќе треба со својата дипломатија што поскоро проактивно да се насочи и кон формирање мултилатерални мрежи на интересовни партнерства и врски со сите држави на европскиот континент. Но и со азиските држави од АСЕАН, со БРИКС, Арапската лига, Движењето на неврзаните, а зошто да не и со Африканската унија, во која членуваат 55 држави. Значи, наместо папагалскиот рефрен „нема алтернатива за евроинтеграцијата“ се залагам да се развие „нова македонска геополитика“ на нови мрежи на врски, која ќе подразбира дека перспективите и развојните алтернативи се директна политичка и економска соработка со државите од Западот и од европскиот континент, со глобалниот југ, со сиот мултиполарен свет, без „туторството“ на Брисел. Евроинтеграцијата останува стратегиска цел во наредниот период, но не би требало да биде само една единствена таква цел. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ нѐ потсети неодамна дека и надвор од ЕУ може да постои живот, и тоа успешен.

Свето Тоевски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Си-ен-ен пишува за убавините на Македонија

Американскиот медиум „Си-ен-ен“ пишува за Македонија, како европска туристичка дестинација, што,...

Svijet bi mogao dobiti novu Gazu

NAPAD Sjedinjenih Američkih Država i...

“Suverenisti” su se razotkrili kao teški licemjeri i prevaranti

"SUVERENIZAM" je prazan pojam bez ideološkog sadržaja čije se...