„Мој термин“ – закажано лекување на Македонија со избори во октомври

Колумна на Никола Тасев:

Се саќавате ли на слоганот со кој пред шест години СДСМ ја презема власта? „Живот за сите“ беше паролата со која ветуваа „брда и долини“ – Македонија рај на Балканот – економски змеј во Европа.

Каква е сликата денес? Секојдневни афери, корупција на секој чекор, задолженост до плафон… Граѓаните не можат да дојдат до основните прехрамбени продукти, а и кога ги има, цените се ненормално високи. Македонците плаќаат најскапа струја, пациентите не добиваат соодветна здравствена заштита, образованието се разорува, а во делот на ветените инвестиции тука и таму само по некоја најава. Едноставно ако вака се продолжи уште само една година работите ќе бидат непоправливи за долг период. И идните генерации ќе ја почувствуваат сегашната раскалашеност при владеењето со Македонија

Ова ли е ветениот „живот“ од СДСМ? Има ли некој во Македонија што не гледа дека ништо нема од „животот“ што го вети СДСМ? Може има, ама само во седиштето на нивната партија, а и кај нивниот поголем коалиционен партнер – ДУИ.

Во Македонија дури и институциите работат под „мала гас“, а некои воопшто и не функционираат. Една од нив е и највисокиот законодавен дом – Парламентот. Тргни па застани им е принципот на функционирање. Ова трае со години и веќе станува алармантно! Потребно е итно решение. А власта, редовно има проблем како да скрпи мнозинство за да почне седница, за да усвои дневен ред или за да обезбеди регуларно гласање. Па дури и кога некако ќе се почне со некоја седница таа никако да заврши, а веќе почнале две нови, на кои, исто така не им се гледа крајот.

Ако ученикот не напише домашна работа ќе добие единица, ако вработениот не заврши работен проект ќе добие казна… А пратениците, што треба да добијат тие? Билет во еден правец – кон дома и пред тоа да распишат нови избори. Македонија ја претворија во пациент. Ја зафакаат многу болести и нема време да се чека, веднаш треба јавување преку „Мој термин“ за да се постави дијагноза и начинот на лекување. И да се знае, нема веќе простор лекарите да се од власта, време е за народниот лек – ИЗБОРИ!

Веќе подолго опозицијата и власта се натегаат ќе има или не предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш, а СДСМ не сака ниту да слушне за тоа.  Да најдат компромис со избори во октомври. Ем опозицијата ќе биде задоволна оти добила предвремени избори, ем власта во меѓувреме ќе може да си заврши уште некој проект, како овој со Коридорите 8 и 10. Оти нема да ме чуди ако во следниот период извадат уште некој сличен проект.

Македонија мора во 2024 година да влезе со нова влада, со нови луѓе, енергија и стратегија… Оти вака, државата ќе биде блокирана уште долго. Ниту ќе има економски напредок, ниту ќе има подобрен живот, ниту пак ќе се откочи европскиот пат. Напротив, се ќе оди надолу, оти власта е конфузна, збунета, исплашена, а во исто време и самоуверена дека знае што работи. Многу лоша комбинација е тоа за Македонија.

Зарем до редовните избори на средината на следната година се уште од власта како главна тема ќе биде форсирано вклучувањето на Бугарите во Уставот, иако знаат дека немаат можност да го спроведат тоа. Треба да се даде можност нова влада со полн мандат уште во првите месеци од 2024 година да го затвори ова прашање.

Кога државата е во „слободен пад“ и во голема криза, а кога Парламент извесен период е нефункционален со секоја нормална држава се распушта и се оди на нови избори. А Македонија е нефункционална држава веќе со години. Затоа време е пратениците да го фатат патот во еден правец – кон дома. Државата има потреба од нови луѓе што ќе донесат овојпат вистински „живот за сите“.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ