(Над)партиските заблуди на државата – Нова Македонија

Старите и мудрите рекле, расправиите и кавгите никаде не водат и никому добро не му донеле.
Каде што нема слога, а има кавга, нема напредок.
Во таквите средини животот едноставно застанува, па дури и назадува.
Убеден сум дека ова непишано правило им е добро познато на најголемиот број од нашите читатели.
Верувам дека барем еднаш во животот сите ние, кој помалку кој повеќе, сме се увериле во тоа и сме ја платиле сметката на терањето инает.
Но кога станува збор за грешки или заблуди на политичарите, во најчест случај сметката ја плаќаат граѓаните и тие можат да бидат со далекосежни последици.
Битолските (политички) аналитичари, кои со децении ги следат работите на Советот на Битола, не паметат кога имало и дали некогаш имало ваква политичка криза во битолскиот совет.
Деновиве изминаа повеќе од четири месеци откако по разидувањето, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, меѓусебно комуницираат, како што во една пригода метафорично се изрази првата советничка во Советот, преку гулаби писмоносци.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, за сѐ што е поврзано со работата на Советот на Битола и прашањата што треба да се најдат на дневен ред испраќа писма со барања, кои, како што во една пригода изјави потоа, ги праќа по „гулаб“ до кабинетот на градоначалникот, од каде што преку писма или преку мејл добива одговори.
Некогаш мошне добрите соработници веќе подолго време меѓусебно воопшто не комуницираат.
Тие и за време на поплавите во Битола, на седницата на Кризниот штаб „комуницираа“ со молчење.

Наспроти ваквите иронични забелешки на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, градоначалникот Тони Коњановски вели дека вратата на неговиот кабинет е секогаш отворена не само за претседателката на Советот туку и за советниците и за граѓаните на Битола.
И додека подолго од четири месеци првите луѓе на Битола преку „гулаби“ писмоносци комуницираат, Советот на Општина Битола преживува тешка криза, чии последици веќе се чувствуваат и можат да доведат до целосна блокада на Советот.
Во последно време наместо за проекти или иницијативи за подобрување на животот на граѓаните на Битола и Битолско, општинската администрација во Битола се грижи најмногу за тоа какви одлуки или решенија ќе донесат инспекторите на државните инспекторати, кои постојано по барање на претседателката на Советот и градоначалникот вршат инспекција и надзор за тоа дали одлуките во Советот се носат законски или според Деловникот на Општината или не.
Градоначалникот Тони Коњановски и неговата партија, која го предложи за градската фотелја, ВМРО-ДПМНЕ, од пред четири месеци го изгубија мнозинството во Советот и сега никако не може да помине ребалансот на буџетот, бидејќи со Советот моментно раководи неформалната коалиција на СДСМ, Поинаку и Левица.
Додека градоначалникот Коњановски тврди дека со блокадата на работата на Советот се блокирани и работата на општината и реализацијата на инфраструктурните и капитални проекти, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, тврди дека Советот нормално работи, но по нивното разидување сега не можат повеќе да врват проектите и одлуките на градоначалникот и другите два-тројца негови најблиски соработници, кои ги предлагаат, а кои треба да ги усвојува Советот.
Во таква ситуација сега наместо советниците за работата на Советот се грижат државните инспектори, кои четири месеци вршат инспекција дали одлуките во Советот се донесени во согласност со законите за локална самоуправа и Деловникот за работа или не.

На повидок се дури и тужби, во кои градоначалникот и претседателката на Советот се обвинуваат за (не)законско работење и по судски пат ќе се обидат да го докажат тоа.
Иако состојбата не е баш таква, сепак е сосема слична и во некои други градови во државата, каде што советите работат со „тенки “ мнозинства.
Како и Битола така и градот Скопје веќе подолго време го тресе политичка криза, која ескалира до таа мера што од говорницата градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и претседателот на Советот, Трајко Славевски, си упатуваат меѓу себе тешки навреди и дури со физички опструкции се борат кој ќе го земе микрофонот на говорницата и за да ја каже својата вистина.
Ништо не е подобра состојбата ни во некои други општини во државата, каде што во настојувањето да се дојде до мнозинството во Советот не се избираат ни начини ни методи за добивање глас повеќе.
Од ваквите проблеми засега се исклучени оние општини што имаат стабилно мнозинство, кое го сочинуваат советниците на една партија, или лојална коалиција и каде што одлуките се носат во партиите, а потоа истите тие се аминуваат во советите.
Кавгите и политичките меѓупартиски расправии и дебати не се присутни само во општините. Нив во голема мера, за жал, ги има и во највисокиот законодавен дом.
Во парламентот, наместо да се водат конструктивни расправии и дебати за решавање на проблемите со кои се среќаваат граѓаните и државата со години, дури и со децении, се водат беспоштедни меѓупартиски пресметки што ништо добро не донеле ни за партиите ни за Македонија.
Иако политичарите, кои се единствено доследни во својата недоследност, главно говорат дека за нив интересите на граѓаните и на државата се пред сѐ и над сѐ, сепак праксата покажува дека политичарите заслепени од своите политички суети и партиско слепило, најмногу, или главно се интересираат за наметнување на своите политики, или реализација на своите партиски програми и проекти.
Затоа Македонија не со години, туку со децении се наоѓа во тешка политичка криза од која никој не знае ниту може да предвиди кога и како ќе се извлече.

За изминатите над три децении од македонската независност, освен во одредени исклучоци, особено на почетокот на воведувањето на македонскиот политички плурализам и парламентаризам, кога се носеа стратегиските одлуки и закони за македонската независност и самобитност, во најголемиот дел од осамостојувањето на Македонија сведоци сме на беспоштедни меѓупартиски обвинувања, клеветења, надмудрувања и поделби на патриоти и предавници на криминалци и политичари со „чисти раце“, кои доведувале дури до крвави физички пресметки во парламентот.
Како последица на таквите кавгаџиски политики, партиите не само што ги поделија живите туку ги поделија и мртвите, како што е случајот со жителите на пелагониските села Горно и Долно Агларци, каде што токму поради нетрпеливоста и партиската поделеност околу изградбата на капелата жителите на овие села завршија на суд.
Водени од правилото „раздели па владеј“, политичарите во сите изминати 32 години наместо за стратегиски проекти и сплотување на граѓаните меѓусебно се расправале и се обвинувале, не водејќи притоа сметка дека со таквите политики покрај тоа што го деградираат својот политички противник се деградираат и тие себеси.
Многу ретко, дури може слободно да се рече дека воопшто македонските политичари не настојувале да изградат државничко единство, барем за решавање на проблемите на државата.
Во водењето на своите суетни партиски политики тие забораваат дека решавањето на проблемите со кои сите години по македонската независност се соочува Македонија не по своја вина, туку најмногу по блокадите на соседите и ирационалните политики на ЕУ, не е само партиско прашање на партијата на власт.
Иако и на врапчињата на гранките им е јасно дека без изграден заеднички државнички консензус Македонија не може да напредува кон Брисел, кај нас политичарите и натаму се однесуваат како свештениците, проповедаат вода, а пијат вино.
А таквите политики на париите што би рекле мудрите не се на арно.
Доколку не се смени таквата филозофија ќе имаме штета.
А во таква ситуација како што во една пригода изјави еден политичар чуму ни се партиите ако ја изгубиме државата.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ