
Се сечавате ли кога министрите не уверуваа дека мора да се штеди. На греење, на трошење електрична енергија… Вицепремиерот Артан Груби лани во септември дури одеше и проверуваше каде не е исклучено светлото.
Арно ама пред некој ден видивме дека баш во неговото министерство има канцеларии големи скоро како ракометарско игралиште. Колку треба тоа да се загрее и осветли?
Може и рефлектори ќе се стават таму оти гледавме неодамнешното играње на фудбал и на кошарка во голема канцеларија во министерството на вицепремиерот Груби. Си ги повика сопартијците од ДУИ и извадија баскет, фудбалска топка…
Не било тоа страшно, објаснуваа потоа министрите – спортисти. Ама страшно е што колкава површина има еден кабинет кој со леснотија прими шестмина актуелни и поранешни министри да играат мал фудбал и кошарка!? Од објавените фотографии можеше да се види дека има место и за претениците на ДУИ, може следниот пат и нив ќе ги повикаат?

Зошто има потреба од толкави канцеларии кои обично ги користат министри, нивните заменици, директори на јавни претпријатија…? Не треба ли тие да се преградат и од нив да се направат плус 3-4 канцеларии и таму да се смести прекубројната администрација?
Тоа би било вистинско штедење. Тогаш некоја владина зграда дури и би се испразнила, па може државата и да ја издава, а не сега за неа да плаќа вода, парно, одржување…
А и во помали канцеларии министрите и директорите ќе увидат дека во Македонија можностите за пристоен живот за обичниот граѓанин се тесни, мали…, а не раскошни како во сегашните кабинети по министерствата.