Особеностите на Гостивар собрани во брошура

Брошурата „Град кој секогаш има гости“ со информации на четири јазици за обележјата, културното наследство, храната и манифестациите е првиот туристички водич за Гостивар. Според авторот Даниел Ѓорѓиевски, од ова издание, туристите и посетителите ќе откријат повеќе за градот и за околината.

Водичот е резултат на 13-годишното мое работење за археологијата и историјата на Гостивар, а потребата за него произлезе од слабата посетеност на градот од домашните и од странските туристи. Освен што има податоци за културно-историските знаменитости кои датираат од подалечното, но и од поблиското минато, во водичот се наведени и модерните карактеристики на градот, како фестивалите и културно-уметничките друштва – рече авторот Ѓорѓиевски.

За весникот ВЕЧЕР, тој изјави дека, хронолошки, опфатени се сите културно-историски знаменитости, почнувајќи од предисторијата, па сè до современиот период. Тука влегуваат археолошкиот локалитет на тврдината Горна Ѓоновица, Чајле, Горна Бањица, селото Равен. Опфатена е традиционалната градска архитектура во централното градско подрачје, но и фрагменти од селската архитектура карактеристична за 19 и 20 век. Во градското подрачје, опфатена е Беговата куќа, како и куќата на Ахмет Чако, Саат- кулата, куќата на Боро Канчески, верскиот објект Соборен храм „Пресвета Богородица“ од почетокот на 20 век, потоа Саат-џамијата од 16 век, црквата „Свети Димитрија Солунски“ од 1822 година, како и селото Вруток со својата карактеристична селска архитектура – нагласува Ѓорѓиевски.

Во брошурата е посочено да се посети Железна Река, како и старите џамии во Симница и во Равен, градени кон крајот на 18 и почетокот на 19 век. Ѓорѓиевски вели дека Гостивар е развиен град со модерна инфраструктура и дека има патишта до посочените локалитети, и пристапот до нив е лесен. Опфатени се и модерните сегменти на живеењето, како фестивалот „Парк“, КУД на браќата Гиновски, како и „Рудина фест“ и карактеристичната кујна со македонски, албански и со турски специјалитети – ни објасни Ѓорѓиевски, кој работи како археолог конзерватор во НУ Конзерваторски центар – Гостивар.

На промоцијата, која се одржа во младинскиот центар SCC, беше кажано дека станува збор за проект поддржан од УНДП. Претседателот на Советот на Општината, Ваљбон Лимани, напомена дека ова издание ќе помогне Гостивар да стане дестинација на туристичките тури во земјава и дека е добар почеток на иницијативата за промоција на градот.

Туристичкиот водич „Град кој секогаш има гости“ е дел од проектот „Платформа за културни односи: културата и традициите во Гостивар“, кој го спроведе здружението „Полог-Гостивар“. Овој проект е во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2, РеЛОаД 2, финансиран од Европската Унија и кој се спроведе во соработка со гостиварската општина.

Освен на македонски, брошурата е преведена и на англиски од Илина Миноска, на албански од Никола Ѓурѓај и на турски од Ергин Дико.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Португалија со една нога на СП: Босанците немаа сили за изненадување

Репрезентацијата на Португалија со убедливата победа на БиХ...

Металург РА не дозволи Јехона да си замине победнички од Автокоманда

Екипите на Металург РА и Јехона одиграа без...

ПРВОКЛАСНА СЕНЗАЦИЈА: Италија ја победи Црна Гора со шест гола разлика

Италија со победата над Црна Гора од 32:26...

Овче Поле триумфално низ Велес

Тимот на Овче Поле останува на првата позиција...