Парс: Голем интерес за Катедрата за македонски јазик и литература во Турција

Во Турција има голем интерес за изучување на македонскиот јазик. Ова меѓудругото го вели раководителката на Катедрата за македонски јазик и литература на Анкарскиот универзитет, проф. д-р Мелахат Парс.

– Отворањето нова Катедра за македонски јазик и литература и нов Лекторат по македонски јазик на Анкарскиот универзитет во Турција во текот на минатата година е многу значајна работа. Со ова уште повеќе ќе се зближат двете земји и двата пријателски народа. Во Турција и поконкретно во Анкара има голем интерес за македонистиката истакнува Парс во разговор објавен во новиот број на ревијата на Друштвото на писателите на Македонија, „Стожер“.

Според неа важно е тоа што катедрата е отворена на најеминентниот факултет за јазици во Турција.

– Особено е важно што Катедрата и Лекторатот по македонски јазик и литература се отворија на најеминентниот факултет за јазици на Република Турција, основан од Мустафа Кемал Ататурк, кој, исто така, потекнува од Македонија. Во Турција има повеќе од 250 универзитети и не е лесно за кратко време да се отвори нова катедра, посочува Парс.

Во однос на интересот за македонистиката во Турција и поконкретно во Анкара, нагласува дека е голем.

– Секако има голем интерес, бидејќи во Турција има голем број турски иселеници од Македонија, кои многу ја сакаат и почитуваат Македонија. Меѓутоа сакам да кажам еден класичен пример. На промотивниот час на лекторот по македонски јазик, Дарко Темелкоски, еден студент од Катедрата за англиски јазик и литература изрази желба како изборен предмет да ја земе граматиката на македонскиот јазик. Сакам да подвлечам дека вакви заинтересирани студенти има и од другите катедри на Факултетот за јазици, историја и географија, истакнува Парс.

Таа и напоменува дека отворањето на Катедрата и Лекторатот се одвивало без тешкотии. Во однос на Лекторатот посочува дека е отворен во согласност со Протоколот за соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Анкарскиот универзитет.

– Би сакала да ја потенцирам ангажираноста на ректорот на Анкарскиот универзитет, проф. д-р Неџдет Унувар и на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Би сакала и да го подвлечам фактот дека лекторот Дарко Темелкоски пред професорите и студентите на Факултетот за јазици, историја и географија одржа многу успешно промотивно предавање, истакнува Парс.

Парс нагласува и дека Катедрата за македонски јазик и литература на Анкарскиот универзитет, допрва ќе се развива и дека ќе се вложува во комплетирање на наставно-научниот кадар, а дека студентите на Катедрата ќе имаат можност да истражуваат во Македонија.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ