„Патриоти“ само за еден ден

Патриотизмот и љубовта кон државата не се докажуваат со собраниски декларации, лидерски говори и расцепкани манифестации, секој на своја страна, туку со многу подлабоки и посуштински потези. А еден таков државнички потег би бил да не се дозволи веќе никогаш некој друг однадвор да ни кажува кои сме, дали сме Македонци и како треба да си ја дефинираме сопствената држава. Да не се дозволи други центри на моќ да ни ја преиначуваат историјата, да ни пишуваат учебници и сл. Јасно и гласно да се порача дека Македонија не бара ништо повеќе освен да си остане своја на своето. Дека таква Македонија ѝ треба и на Европа. Тоа би бил тој македонски непокор, кој впрочем е во срцевината и на Илинден

Македонскиот народ и држава в среда (на 2 август) одбележуваат два значајни јубилеја – 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ и формирањето на првата современа македонска држава. Несомнено, и двата јубилеја имаат посебно значење за македонскиот народ и за историјата на државата и се длабоко врежани во генетскиот, идентитетски код на македонскиот народ. Без идеалите и жртвата на илинденците и подоцна на партизаните и нивната антифашистичката борба, сигурно немаше да имаме своја држава, со сите белези и обележја што таа ги носи со себе. Затоа уште на самиот почеток најголема почит и поклон до земја за сите македонски херои, за илинденците и за партизаните. Тука и во однос на тоа секој друг збор би бил одвишен и непотребен.
Од друга страна, сосема друго прашање е колку со текот на годините успеавме да ја зачуваме и унапредиме државата, да ги одбраниме идеалите на илинденците и на асномците.
Е, тука има многу што да се каже, да се додаде, да се констатира и прокоментира. За жал, се добива впечаток како само пред големите празници кај политичарите да се буди некакво чувство за патриотизам, иако во суштина така ад хок демонстриран, за празници, всушност е опортунистички патриотизам или, погрубо, лажен патриотизам. Зашто со години со разни непромислени политички потези се подриваа темелите на државата, се тргуваше со државните и националните интереси, се нудеа компромиси на сметка на идентитетот, историјата или, со еден збор, се раскрчмуваше сѐ што е создавано со векови.

За потоа одеднаш, само за еден ден, обично по повод некој празник, сите да глумат големи „патриоти“, да се повикуваат на вековни идеали, светла иднина итн. Еден таков наплив на лажен патриотизам несомнено ќе видиме и годинава по повод 120 години од Илинденското востание и 79 години од АСНОМ. Веројатно нешто повеќе ќе се осврнат на Илинден, иако и овој светол датум некој се обидува да го извалка и оскврнави, исто како што се обидуваат да го премолчат или минимизираат и значење на АСНОМ. Впрочем, како што изминативе години имаше налудничави и небулозни притисоци да се откажеме и од 11 Октомври, како ден на македонското оружено востание против фашистичкиот окупатор.
А политичари што се откажуваат од своето славно минато не може да се надеваат на каква било иднина и ќе останат запаметени единствено како туѓи вазали и предавници. Но, нејсе.
Македонските национални празници, нашата национална посебност, идентитет, славна историја заслужуваат многу поголемо внимание и пиетет од сите. Нивното значење и улога не се одбележуваат и истакнуваат само на еден ден, а уште помалку со празни зборови, туку тоа се прави со вистински потези. А такви потези на домашната политичка сцена, за жал, нема. Напротив, впечаток е дека секој поголем македонски национален празник, вклучувајќи го и Илинден, се користи единствено за меѓусебна партиско-политичка пресметка наместо за достоинствено и величествено чествување како што заслужува. Тоа покажува дека домашните политички елити не се дораснати за еден ваков празник. И тоа се повторува секоја година. Можеби сѐ уште ненапишани или препишани од некој центар, но уште отсега може да се препознаат клучните пораки од годинашните говори на политичките лидери. Говори во кои жртвата на илинденците и партизаните некој ќе сака да ја стави во своја партиска агенда за наводна европска иднина, смена на Уставот итн. Како македонските херои да се бореле и загинале за некој сега да го менува името на државата, да го менува Уставот, да ја преиначува историјата, да ги запишува Бугарите во него итн.? И кога се ќе се собере и одземе, празнувањето на јубилеите како Илинден, наместо како чин на најголема национална гордост, може да се сведе на лажна интерпретација на историската вистина, меѓусебни политички обвинувања, понижувања, па и навреди. Затоа, поучени од претходните години и од лошите искуства, еве, однапред ги замолувам политичарите да не го сквернават празникот на кој било начин.
Зашто и Илинден и АСНОМ во својата суштина имаат длабока историска улога и значење и во себе носат силна обединувачка моќ за сите оние што ја чувствувале и чувствуваат Македонија како своја татковина и своја држава.
Дали можеби националната, граѓанска, па и етничка синергија и кохезија што ги носат Илинден 1903 и АСНОМ 1944 и ден-денес будат неспокој и страв кај некого, па затоа постојано се посега по стратегијата „раздели, па владеј“, одговор ќе дадат историјата и времињата што доаѓаат. Но едно е повеќе од јасно, моќта и значењето што во себе ги носат двата Илиндена, па и 8 Септември, како трет Илинден, за македонскиот народ и држава се огромни.

За жал, домашните политички елити никогаш досега не го сфатија тоа.
Во изминатите над три децении,од независноста на државата, не се памети кога македонски политичари биле заедно на едно место при одбележувањето на Илинден. Наместо тоа, секогаш државни или партиски делегации се упатуваат на различни места, со така скроена агенда и распоред, воопшто да не се сретнат меѓу себе. Така ќе биде и годинава. Некои на Мечкин Камен, други на Прохор Пчињски, трети на скопско кале, па на Пелинце и на други места низ државата, секој со своја делегација ќе го одбележува празникот.
Зарем е толку тешко да се договорат тајминг и заедничка агенда на одбележување, наместо секој да оди на своја страна? Зарем со заеднички синхронизиран настап и одбрани зборови нема да се испрати многу посилна и помоќна порака пред македонските граѓани, но уште повеќе пред меѓународната заедница? Порака дека македонскиот народ и држава никогаш нема да се откажат од идеалите на Илинден и АСНОМ и дека тоа е заветот и за идните генерации, кој мора да се исполни. Дека во однос на овие прашања нема поделби меѓу власта и опозицијата, која и да е, нема поделби ни меѓу граѓаните, како што немало и во 1903 и во 1944 година, кога сите заедно се кренале против душманите и се избориле за слобода и своја независна држава. Домашните политички елити мора да сфатат дека поднесувањето декларации во Собранието, од кого и да е, за најголемиот македонски државен празник Илинден губи секакво значење ако во практиката и во реалноста партиите и политичарите демонстрираат меѓусебен анимозитет, непримерен однос и недолично поведение кон нешто што е светост за македонскиот народ и за државата. А токму Илинден е нешто најсвето и највеличествено за македонскиот народ и држава.
Патриотизмот и љубовта кон државата не се докажуваат со собраниски декларации, лидерски говори и расцепкани манифестации, секој на своја страна, туку со многу подлабоки и посуштински потези. А еден таков државнички потег би бил да не се дозволи веќе никогаш некој друг однадвор да ни кажува кои сме, дали сме Македонци и како треба да си ја дефинираме сопствената држава. Да не се дозволи други центри на моќ да ни ја преиначуваат историјата, да ни пишуваат учебници и сл. Јасно и гласно да се порача дека Македонија не бара ништо повеќе освен да си остане своја на своето. Дека таква Македонија ѝ треба и на Европа. Тоа би бил тој македонски непокор, кој впрочем е во срцевината и на Илинден.
Сосема за крај неколку збора и за една епизода без која овој текст веројатно не би бил комплетен и која фрла една поинаква слика за политикантската мимикрија сиве изминати години на домашната сцена.

Впечаток е дека секој поголем македонски национален празник, вклучувајќи го и Илинден, се користи единствено за меѓусебна партиско-политичка пресметка наместо за достоинствено и величествено чествување како што заслужува. Домашните политички елити со тоа покажуваат државничка недозреаност за еден ваков празник. И тоа се повторува секоја година

Се сеќавате ли на пораката „тешко е да си за Македонија, а да не си за илинденска Македонија“. Ова го изговори пред некоја година поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, откривајќи дека наводно предлогот „Илинденска Македонија“ бил најновото решение за името, прифатливо и за Атина. И ден-денес остана нејасно кому и зошто му требаше уште тогаш да си поигра со Илинден и со нашето славно минато. Предлогот „Илинденска Македонија“ не преживеа ни еден ден, или многу помалку од Крушевската Република во 1903 година, која опстои 10 дена. Тој послужи само како кукавичино или предавничко јајце за брзо потоа да биде договорено и прифатено друго име, односно сегашното ново име Северна Македонија. Ете до каде оди таа политичка перверзија. За политичарите ништо не е свето, па ни Илинден, само ако оди во прилог на нивната политичка агенда.
Но против народот, историјата, фактите и вистината никој не може да оди, ниту да ги преиначи. Слободна и независна Македонија е плод на трите Илиндени – на Илинденското востание и Крушевската Република, на НОБ и антифашистичката борба и на јасно изразената народна волја за суверена, независна, посебна и меѓународно признаена држава Македонија. Ова се историски факти што никој со ништо не може да ги промени или избрише.
Нека е честит Илинден и вековити да се Македонија и македонскиот народ, со сите други малцинства што живеат во неа и ја чувствуваат како своја држава.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Опенхајмер“ ита кон Оскарите по наградата SAG

Историскиот еп за создавањето на најсмртоносното оружје „Опенхајмер“ освои...

Што не го изгласаат законот за продолжување на пасошите, наместо ДА ДРАМАТ ЗА ОБРАСЦИ НА ГРАНИЦА?

СДС уште еднаш ја докажаа својата неспособност. Помпезното пречекување...

Što povezuje ratove u Ukrajini i Gazi s globalnim Jugom

DA BI SE pravilno razumjeli...