Полупразната чаша во Овалната соба

Петар Поп-Арсов

„Девеесет мизерни минути дебата меѓу Бајден и Трамп“. „Бајден прикажа нестабилни перформанси во дебатата со Трамп“. „Кандидатите преживеаа лоша дебата“. „Нема втора шанса за оставање на првиот впечаток“. „Демократите се во паника поради лошиот впечаток на Бајден во дебатата со Трамп“. „Бајден загуби во првата дебата со Трамп“

Ова се само дел од насловите и поднасловите кои можеме да ги прочитаме во бројните медиуми после првата дебата на двајцата противкандидати во борбата за најмоќната политичка позиција во светот. Ова не се наслови од некои маргинални американски медиуми кои стриктно поддржуваат еден од кандидатите. Тоа се наслови од угледни светски медиуми, кои независно од нивните политички афинитети речиси унисоно се согласуваат во своите впечатоци во однос на главните прашања кои што беа третирани на оваа дебата. Тоа се наслови кои први излегуваат при пребарувањето на интернет и тука нема што да се коментира или доведува во прашање веродостојноста на впечатокот стекнат од дебатата. Впрочем истата е поставена на интернет и може во целост да се гледа со цел да се стекне директен и личен впечаток, ослободен од новинарски коментари и анализи кои имаат доза на субјективност.

Тоа е нормално. Разбирливо е постоењето на субјективност во една демократска трка која е мотивирана од разни причини и која има за цел да ги нагласи слабите и силните страни на секој од кандидатите во зависност од интересот. Но, во борбата на субјективноста на крајот сепак победува објективноста која избива на површина како краен производ на секој процес.

Како и да е, насловите се навистина неповолни за актуелниот американски претседател. Не дека овие наслови го глорифицираат неговиот предизвикувач Трампт и ценат дека тој имал настап кој бил подобар од настапот на Бајден. Едноставно фокусот на повеќето анализи е ставен на оценката дека едниот кандидат бил лош, а другиот многу полош во првата дебата на двата противкандидати.

И овие оценки се релативни и со голема доза на субјективност.

Зошто релативни?

Ако првин ја гледаме дебатата, ослободени од влијанието на медиумските написи, тогаш впечатокот е дека кандидатите навистина оставија лош впечаток. Ако пак првин ги читаме анализите и оценките на политичките аналитичари, коментатори и новинари во кои генерално даваат исклучително негативни оценки за нивниот перформанс, а дури потоа ја гледаме дебатата, ќе стекнеме впечаток дека двајцата кандидати сепак не биле толку лоши. Кај нив постои сериозен политички капацитет, кој независно од нивната возраст може да се носи со предизвиците со кои се соочуваат САД и остатокот од светот.

Тоа е тој релативен и субјективен пристап на гледање на нештата, односно дали чашата до половина е полна или од половина е празна. Независно од спротивните агли на гледање, факт е дека чашата не е сосема полна и дека тука нешто недостасува. Очекувањата се дека САД, како најголема економска и воена светска сила, не можат да си дозволат полупразна чаша во Овалната соба во Белата куќа. Токму затоа се такви речиси сите оценки на релевантните медиуми во однос на првата дебата на двајцата претседателски кандидати и претседатели на САД.

На оваа дебата се зборуваше за повеќе прашања. Некои од нив се однесуваа исклучително на внатрешните состојби на земјата, но добар дел се однесуваа на надворешната политика и жешките теми кои го оптеретуваат целиот свет. Се зборуваше за американската економија, социјалната заштита, заштитата на децата, миграциите од кои се погодени САД, но се зборуваше и за НАТО, војните во Украина и Блискиот исток, како и за американските односи со Кина и Иран. Токму овие надворешнополитички теми е она што нас нè интересира како надворешни набљудувачи на американските избори.

Каков ќе биде ефектот од дебатата во однос на внатрешните прашања кои ги тангираат американските граѓани ќе видиме на следните анкети кои ќе бидат објавени за рејтинзите на претседателските кандидати. На крајот од денот, тие се оние кои што гласаат, но нивниот глас во значителна мера ќе влијае врз севкупните односи во светот и за тоа во кој правец ќе се движиме во наредните четири години. Од тие причини, особено силен впечаток оставија речиси дијаметрално спротивставените позиции на Трамп и Бајден во однос на Афганистан, Украина, Израел, Иран и Кина и се она што е поврзано со овие референтни точки во кои се вкрстуваат интересите на светските сили.

Во однос на Кина, Трамп го обвини Бајден дека води сервилна политика, дека дозволува Кина да доминира врз американската економија и дека Кина економски ја освојува САД: „Кина ќе нè поседува ако продолжите да им дозволуваме да го прават тоа што ни го прават како земја. Тие не убиваат како земја, Џо, и не можеш да дозволиш тоа да се случи “, рече Трамп за време на жестоката дебата. „Ние имаме најголем дефицит со Кина. Него го плаќа Кина. Тој е манџуријски кандидат. Тој добива пари од Кина“.

Жестоките критики кои што меѓусебе ги разменија во однос на судирот меѓу Израел и Хамас покажаа дека во однос на ова прашање нивните позиции сепак се насочени во ист правец, со таа разлика што Трамп се залага за поголема поддршка на Израел во оваа војна. Кратката и јасно искажана позиција на Бајден дека „Хамас веќе не смее да постои“ беше дочекана со жестоки критики од Трамп. Тој го нарече Бајден „Палестинец, многу лош Палестинец“ кој не сака да му помогне на Израел „да ја заврши работата“ против Хамас во неговата војна во Газа.

Ставањето на војната во Газа во поширок контекст и нејзиното логично поврзување со Иран предизвика нова серија на аргументи со кои Трамп му зададе сериозен удар на Бајден. Трамп не пропушти да каже дека за време на неговото претседателство со САД, Иран бил изолирана земја доведена пред економски колапс. Секоја земја која што имала економски односи со Иран била оневозможена да соработува со САД, вклучително и економски моќната Кина. Токму поради тие причини биле превенирани сите потенцијални амбиции и аспирации на Хамас и Иран да предизвикаат криза во Газа.

Интересни беа тезите на Трамп во однос на поврзаноста на Афганистан со војната во Украина. Имено, Трамп смета дека слабоста на САД во Афганистан и повлекувањето од оваа земја едноставно го стимулирало Путин да изврши инвазија во Украина. Тоа било сигнал за Русија дека САД повеќе не се во состојба да имаат доминантна позиција на глобално ниво за време на мандатот на Бајден, кое што го охрабрило Путин да влезе во актуелната војна во Украина. Според Трамп, војната во Украина немаше никогаш да започне доколку САД беа сериозен фактор. Потсетувајќи на неговата иницијатива за изнаоѓање на мирно решение уште во 2020 година кога конфликтот се уште имаше внатрешен карактер во Украина, тој го обвини Бајден дека го довел светот многу блиску до Трета светска војна и дека повторниот избор на Бајден всушност ќе значи почеток на нова светска војна.Тој се заложи за воспоставување на мир и ставање крај на овој судир.

Бајден имаше прилично праволиниски став во однос на сите кризни жаришта во светот, особено оној во Украина. Тој го сведе овој конфликт едноставно на тоа дека Путин е воен злосторник и од тука треба да тргнуваат сите политики на САД и сојузниците. Размислување или некаква изјава за мир не можевме да слушнеме од негова страна.

Дебатата помина во бројни меѓусебни навреди и обвинувања на прилично ниско ниво. Имавеме можност да слушнеме термини од типот „лажов“, „лузер“, „криминалец“, „зборуваш глупости“, па се до „најлошиот претседател во историјата а САД“. Ваквото ниво на меѓусебна дебата на двата кандидата е досега најниското ниво видено на било која дебата кај некоја сериозна светска сила. Сето тоа, надополнето со впечатокот за „сериозниот замор на материјалот“ кај еден од кандидатите, како и со право поставеното прашање за загриженоста на американската јавност за способноста на кандидатите да се носат со предизвиците на највисокото работно место во светот поради нивната возраст, создаде впечаток дека американците немаат некој особен избор освен да го одберат кандидатот кој барем е во подобра физичка кондиција.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Филипче – најдобриот подарок од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ – Denesen.mk

Дарко ЈАНЕВСКИ Пред само една недела, во гостување во емисијата...

Претставена забранетата верзија на албумот „Битанга и принцеза“ на „Бјело дугме“

Најголемата дискографска куќа во регионот „Croatia Records“ ја претстави...

Разузнавачките служби ќе функционираат во една агенција

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе...

Министерот за спорт Борко Ристовски пушти во употреба ново спортско игралиште во Василево

Денес, министерот за спорт Борко Ристовски, на покана на...