Јованоски
Мај е месец на пролетен цут, на сино отворено небо, на сончев блесок и надеж, волшебна временска низа што ја исполнува душата со мечти и очекувања. Во 1864-то лето господово и Првата интернационала. Стихови што ежат, израз за неправдата од страна на кралевите на парите врз понижените од истиот род, пораки и толкувања за обесправените. Нема да ги крстиме ниту како комунисти, анархисти, социјалисти или социјалдемократи. Едноставно понижени и обесправени луѓе. Здружение на работници со пот на челото и загубена надеж. Така било на почетокот. Денес? Денес сѐ е изменето и ставено во обланда на изобилие и хедонизам, заложничко притаено ропство и лажно чувство за слободен дух. Владеењето и власта се софистицирани до мера на апсолутно господарење со материјалните наметки, кои го притискаат духот и ја сотираат слободна мисла. Кој денес да се сети на зборовите од химната на Интернационалата напишана од Еуген Потиер во 1870 година, а со музички потпис на Пјер Дегетјер? Први мај е празник за работничкиот гнев, за потисната гордост и урнисана иднина. Но тој наедно е и можност за малку поинакво празнување. Се разбира, во зависност од можностите и привилегиите на единката во општеството. Низ светот, синдикатите организираат протести, но тоа како сѐ повеќе да е рутинска постапка за да се изрази незадоволство од статусот. И, толку. Ќесињата знаат како да се испазарат со заспаните духови на покорните. Мали отстапувања, симболични награди, пазарни привилегии, кои потоа ќе се надоместат преку разни методи за олеснување на џебот. Во првата половина од дваесеттиот век, била забранета во многу земји бидејќи поттикнувала немири и рушење на власта, но и бранување на совеста (доколку ја имало) кај владејачките и бизнис-структури. Денес се реткост бранувања со крвави пресметки помеѓу загрозените и бранителите на системот – полицијата. Денес кога светот се наоѓа на воена патека и без испушено луле на мирот, кое е запретано којзнае каде во плановите на преговарачите со маслиново гранче и гулаб во едната и калашников во другата рака, е „полн“ со разбирање за спротивставеностите. Сепак, тие се нешто вообичаено во секојдневието. Несиктер се вративме назад низ историјата кога биле чести и крвави судирите помеѓу многубројни војски со Пирова завршница.
Во пустите шеесетти години од минатиот век – ти пак околу тоа минато време – гостиварци го прославуваа 1 Мај или на парада на главната градска артерија кога на транспортни камиони и коњски шпедитери гордо ги претставуваа достигнувањата на многубројните работни колективи од градот и селата или на излетничките места Фазанерија и Бањички Извори. До Маврово водеше правлив макадам, а населбата и трите мавровски села сѐ уште не беа подготвени за организиран туризам. Кон Дебар и Косоврасти се патуваше околу девет часа со автобувчиња како од филмот „Кој тоа таму пее“ на фирмата Крстиќ. За Кичево и Охрид фураше малото вовче, но требаше да се патува над 16 часа. Тоа беа можностите за да се прослави големиот празник, кој со годините и промената на општествениот систем стануваше сѐ побезначаен. Денес сите се радуваат поради поврзувањето на деновите или „продолжениот викенд“, како што милуваме да го наречеме, без да се нурнат во суштината на прославата.
Од шеесеттите, ќе се префрлам на седумдесеттите. Благоја, Душко и мојата дробност, патуваме за Ленинград (Санкт Петербург) за 1 Мај заедно со голема група инженери од „Раде Кончар“ – Загреб. Над самиот град, силен ветар. Авионот на ЈАТ се тресеше како да е кочија на Велс Фарго од Дивиот Запад. Најпосле слетавме. На царина нѐ тргнаа настрана бидејќи со нас носевме „Старт“, загрепска луксузна седмична ревија со разголени старлети. Некој близок што бил пред нас, нѐ подучи да носиме примероци за кои можеа да се добијат солидни пари. Освен тоа, на црниот пазар се бараа гуми за џвакање и излитени фармерки „супер рифле“. Така ги викавме во тоа време. Во една од минатите колумни ги опишав Москва, Киев и Ленинград и нема да се повторувам. Нешто што за тоа време беше табу-тема, се случи кога за време на разгледувањето на Москва, еден од инженерите со мошне малигани во себе, гласно изговори реченица што не нѐ остави рамнодушни, а ги занеме руските водичи. Парафразирам ама и не. Дебелкото Ѓука, така му беше името, во еден момент фрли поглед на гордоста на градот, големата кула висока околу 338 метри и нишајќи се под дејство на алкохол побара да го качат горе на видиковецот за оттаму да плу.не на цела Русија. Што трезен мисли, пијаниот дел од неговата ментална структура го изговара. Сите се направија дека не го слушнаа иако не беше пријатно. Ѓука како да го предвиде скорешното распаѓање на Советскиот Сојуз, ама и на СФРЈ, државата во која живеевме заедно. Веројатно сонуваше за независна Хрватска по која сигурно мнозина обесправени кукаат бидејќи денес нема независни. Особено малите држави.
Најпосле, стигнав и до осумдесеттите. На пат кон Стамбол со популарниот „101“ на Душко за кој својот „благослов “, како и вообичаено, го даде мајстор Дракче, стигнавме на Деве Баир. Патувавме четворица, Душко, Војо, Благоја и јас. Цариниците нѐ натераа да излеземе од автомобилот. Еден од нас испушти грмлив тонски сигнал. Војникот со пушка преку рамото, се притресе.
– Виж какво направи бе…! (Што стори, бре)?
Цариникот ја крена главата и удри со неа во хаубата. Тој праша што се случи. Војникот му кажува дека човекот испуштил гасови.
– Какав човек си ти? – прашува налутено цариникот. – Ами какво училиште имаш ти?
Откако доби одговор, рече дека тоа е респектабилно училиште и дека нашиот сопатник не се однесувал пристојно. Нашиот пријател кажа дека тоа е сосема природно и дека е резултат на долгото патување. Ни определи казна од 10 лева, а кога се побунивме, подигна на 20 лева. Бидејќи со нас илегално носевме над 200 лева, бевме принудени да платиме на првиот шалтер каде што нѐ упати.
– Ами што да ви пишам – праша жената на шалтерот – зошто глоба?
– Пиши за прде.е! – внатре во тој момент влезе цариникот.
Салата беше полна со луѓе. По кратката пауза, згрме силна смеа. И додека Благоја остана да ги расчисти сметките, ние тројца чекавме во автомобилот и капевме од смеа. Кога ете ти, некој тропа на прозорецот. Веднаш го препознавме широкото лице на војникот што настрада од воздушниот удар.
– Што е смешно, уште ли се смеете? А да ве извадам надвор и да ве натерам да платите уште една глоба?
Сѐ до Пловдив, па и малку понатаму, капевме од смеа.
Малку доживувања за да спомнеме дека 1 Мај има симболика и за милионите обесправени, но и за сите оние што не се на своите работни места и се на продолжен викенд. На крајот од Интернационалата, впечаток остава реченицата „нека исчезнат стрвните црни птици, нека молсне сончев сјај и биде човечкиот род!“ Е па, нека навистина човечкиот род биде достоен на своите вистински атрибути. Без разлика на статусот во општеството.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател