Штетите од перфидните политики на една неспособна влада

Петар Поп Арсов

Додека целата јавност е насочена кон теми кои имаат периферно значење за вкупниот материјален биланс на живеењето и функционирањето на македонскиот граѓанин, сериозни теми, кои во делот на финансиите директно не погаѓаат сите заедно и секој од нас посебно, се ставени на маргините на медиумскиот и воопшто поширокиот интерес. Теми кои што задираат длабоко во нашиот џеб и кои што создаваат дополнителни оптоварувања на сегашните и идните генерации македонски граѓани. Задолжувањата на државата, финансиските промашувања, непланското и недомаќинско управување со јавните пари, неодговорниот однос кон меѓународно превземените обврски и отсуството на грижа и заштита на податоците на граѓаните се теми кои заслужуваат поголемо внимание и интерес.

Фијаското со издавањето на еврообврзницата и скандалот во Фондот за здравсто со блокадата на податоците не се теми кои треба да се третираат по онаа народната „секое чудо за три дена“. Не се теми кои треба да останат запоставени и опфатени само од алтернативни медиуми, без притоа да има сериозен и фронтален притисок од страна на македонскиот меинстрим медиумскиот простор. Каков третман во медиумите, таков одговор на јавноста – млитав, апатичен, незаинтересиран.

Чуда се случуваат секој ден, а денови нема. Ни чудата веќе не го добиваат својот заслужен и пословично загарантиран простор од три дена внимание. Денешните ги покриваат вчерашните, а утре ќе заборавиме на тоа што не скандализирало претходниот ден. Владината хиперпродукција на авантури, преседани и скандали стана формула на владеење со која успешно се дефокусира и релативизира секое промашување на оваа власт.

Имам впечаток дека многу малку се говори за пропаднатото издавање на еврообврзницата. Многу млако се насочува вниманието на јавноста кон тоа дека се работи за сума поголема од половина милијарда евра. Милијарди се во прашање, а јавноста е целосно инхибирана и незаинтересирана за последиците од ваквите владини политики. Уште помалку е заинтересирана за последиците по репутацијата на државата во меѓународните финансиски кругови како последица на повлекувањето на веќе издадената и продадена еврообврзница поради несоодветно спроведување на владините процедури.

Имено, се работи за еврообврзница издадена од страна на владата на Ковачевски, некаде на осми февруари оваа година, со вкупна вредност од шестотини милиони евра. Тоа е финансиска операција во која како посредници се вклучени водечките американски и европски банки кои претставуваат гарант за инвеститорите, односно за оние кои што треба да му дадат пари на Ковачевски да управува со нив во име на граѓаните и државата Македонија. За возврат добиваат „обврска“ од суверена држава дека парите ќе им бидат вратени во определениот рок, дополнети со „фина“ камата од 6,25%. Како награда за посредништво и за разно-разни провизии за оние кои што биле вклучени во посредувањето при продажбата на оваа еврообврзница, издвоени се околу пет милиони евра. Се разбира, тие паѓаат на терет на македонската држава и македонските граѓаните.

До тука работите, да кажеме, се нормални и вообичаени за вакви операции. Нормални се и политичките разлики за тоа дали требало, кога требало и под кои услови требало да се издаде еврообврзница. Тоа е политички фолклор кај нас и нема што понатаму да се спори во врска со тоа прашање, иако, морам да потсетам дека на времето, пред отприлика седум-осум години (плус-минус уште некоја), сегашнава власт (тогашна опозиција) правеше фестивали од критики и напади при секое издавање на еврообврзница. Се водеа цели кампањи за да се скандализира јавноста и да се демотивираат меѓународните инвеститори. Така функционираа тогаш.
Но, да се вратиме на актуелнава еврообврзница. Неколку дена по издавањето, кога истата веројатно веќе била продадена и кога требало да легнат парите во Народна Банка, Тупанчевски не сака да стави потпис во својство на министер за правда како гарант дека се задоволени сите правни аспекти на суверената држава за тоа дека може да се спроведе ваква меѓународна финансиска операција. Имено тој бил разрешен, поднел оставка, бил употребен па фрлен или како и да го доживеал сопственото демисионирање од министерската позиција. Затоа тој, Тупанчевски, не сака да потпише.

Еврообврзницата пропаѓа! Скандал! Меѓународен скандал кој не се случил до сега! Му е гајле на Тупанчевски. Нека му ја мисли Ковачевски кој го искористи па фрли.

Тоа што државата губи на репутација и рејтинг во меѓународните финансиски кругови, тоа што веројатно провизиите од пет милиони евра ќе мора да бидат платени или веќе се платени, тоа што каматите при идните емисии на еврообврзница ќе бидат повисоки, не е нивни проблем? Не излегуваат парите од џебот на Ковачевски и Тупанчевски.

Ковачевски треба да одговара за ова оштетување на државната каса како најодговорен во синџирот на донесување одлуки. Треба да одговара затоа што дозволил да започне постапката за издавање на еврообврзница, пренебрегнувајќи го моментот дека за само пет дена планира да го откачи министерот за правда. Тој претходно ја најавуваше и на големо преговараше за реконструкција на владата. Планирал и знаел дека ќе го смени Тупанчевски. Несфатливо е како цел владин кабинет, владин секретаријат, Министерство за финансии и кој ли уште не, воопшто не се сетиле дека на крајот од денот „ќе им пукне тупанот“. Зошто морал да го откачува Тупанчевски, за овој налутен и навреден да не сака да стави потпис, при што сосема законски и свесно да направи штета на народната каса за околу пет милиони евра?! Зарем не можел да го префрли во МВР на пример? Зошто мораат Оливер и „земјоделецот“ Љупчо да се константа во секој владин кабинет иако реално и двајцата имаат нула резултати и постигнувања?!

Со непотпишувањето од страна на Тупанчевски воведовме нова категорија на недомаќинско расфрлање и злоупотреба на народните пари, законско оштетување на народната каса преку избегнување на ставање потпис. Секоја чест за власта! Не само што се неспособи и некорисни, тие стануваат штетни, многу штетни!

Претходно направија штета и со нереализацијата на проектот за изградба на Клиничкиот центар, за кој проект заем требаше да даде Банката за Развој на Советот на Европа (CEB). И таму треба да плаќаме пенали на конзорциумот кој требаше да го реализира проектот. И ова беше шокантна информација која недоволно беше третирана во јавноста.

Да се плаќаат пенали за проект поддржан од една банка како CEB е најнесфатливото нешто кое некогаш се случило. Тоа е банка на Советот на Европа, односно банка чии „газди“ се членките на Советот на Европа кои се дел од овој европски парцијален договор. Македонија е членка на CEB. Со мал процент на удел и сопственост, но е дел, со право на глас во управниот одбор и административниот совет на банката.

CEB не е класична комерцијална банка која е заинтересирана исклучиво за профит и камати. Тоа е банка која има социјална димензија во сопственото работење и која дава поволна финансиска поддршка на посиромашните европски земји, членки на Советот на Европа. Ги нарекува „таргет група на земји“. Тоа не го прави од „сожалување“ и „милостина“ кон нив, туку го прави врз база на поширок европски интерес кој има за цел економско нивелирање или барем некакво економско приближување меѓу богатите и сиромашните, за да може да функционира европската економија на територијата на цела Европа.

CEB поддржува проекти во здравствената и социјалната заштита, образованието, културата, историското и културното наследство. CEB поддржува проекти за заштита на животната средина и проекти за санација на последиците од природни и еколошки катастрофи. Како пример, гувернерот на оваа банка веднаш излезе со изјава и посочи дека банката ќе помогне во рамки на својот мандат во санирање на последиците на катастрофалниот земјотрес во Турција, која и самата е членка на CEB. Ова не го зборувам на памет или врз база на интернет истражување, туку како член на управниот одбор на CEB од 2012 до 2018 година, во својство на амбасадор на Република Македонија во Советот на Европа и претставник на државата во управувачкиот орган на банката.

Дали е потребен дополнителен коментар за да ја додефинираме неспособноста на оваа влада кога не доведе во ситуација да плаќаме пенали за проекти поддржани од една банка како што е CEB? Дали е потребно пак да повториме дека нашиве власти, не само што не се корисни, туку веќе се исклучително штетни за сите нас. Буквално штетни, во материјално-финасиска смисла.
Треатата жешка тема, која исто така го се третира како чудо кое поминува за три дена, е „хакерскиот напад“ во Фондот за здравство. Ги нема податоците! И тука им бараат милиончиња за да им ги вратат пристапот до податоците. Дали ќе дадат и што ќе направат, ќе видиме?! Но, дека нема никаква одговорност за настанатата штета која не може да се мери само во пари, нема. Дека нема разрешувања или оставки, нема! Си тераат како ништо да не се случило и нѐ дефокусираат со тривијални теми кои ги тркалаат во јавноста.

Кој би бил заклучокот?

Зарем некому му треба заклучок?

Степенот на инхибиција на македонскиот граѓанин е толку висок што веќе не го допира ниту една тема која што се однесува на јавниот интерес и јавните пари. Оваа власт тоа добро го знае и при цела своја неспособност успешно го амортизира секој обид за будење и создавање на критична маса од незадоволни граѓани. На големо крадат од народната каса и нанесуваат огромни штети на државниот буџет, а во исто време нѐ купуваат на ситно со по триста, петсто или илјада денари покачување на платите и пензиите. Одлично го процениле психолошкиот профил на македонскиот граѓанин кој реагира само кога ќе биде допрен исклучиво неговиот личен џеб. Заедничката каса е нешто апстрактно, нешто туѓо, нешто таму нечие кое што не нѐ тангира и не го загрозува нашиот финансиски интерес како поединци.

Убаво и прецизно нѐ процениле!

Перфидно, зарем не?!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Драчево со гол од пенал ги освои бодовите против Младост Богданци

Ракометарите на Драчево на свој терен успеаја да...

Веспрем повторно му одржа лекција на ПИК Сегед

Екипата на Веспрем денеска уште еднаш му покажа...

Магдебург гази се пред себе – на чекор до титула во Германија

Во дерби дуелот од 29. коло во Бундес...

Ustavni sud se ponio kukavički

POSTIZBORNI cirkus ulazi u svoj...