Словенија со лекција за Јужна Кореја, Украина немоќна против Чешка

Репрезентацијата на Словенија, која главната фаза на Светското првенство 2023 ја стартуваше со два бода, денес се израдува на третата победа на Мундијалот.

Избраничките на Драган Аџиќ ја добија битката со Јужна Кореја, откако триумфираа со 31:27.

Азиската репрезентација само во воведниот дел беше рамноправна, се останато мина во знакот на Словенија.

Откако составот на Аџиќ на полувреме замина со предност од 19:14, во второто полувреме целосно беше надиграна Јужна Кореја, па така Словенија за неколку минути игра зголеми на девет гола разлика 15:24.

Во тој момент беше решен и победникот на овој дуел, бидејќи Јужна Кореја немаше сили ниту за камбек, успеа само да се избори за поблаг пораз.

На денешниот дуел блескаше екс членката на Вардар, Тамара Мавсар. Искусната ракометарка постигна девет погодоци, а ја следеше Аља Варагиќ со два гола помалку.

Словенија за следен ривал во главната фаза ја има репрезентацијата на Норвешка, додека Јужна Кореја ќе се соочи со Франција.

Чешка, која исто така главната фаза ја стартуваше со два бода, се радуваше на победа против Украина со 30:23 (15:11).

Кај Чешка најефикасни беа Маркета Јерабкова со девет и Вероника Мала со осум погодоци. Во поразената репрезентација се истакна Вероника Мала со пет реализации.

Украина во следното коло ќе игра против светскиот првак од 2019 – Холандија. Репрезентацијата на Чешка за следен ривал во главната фаза ја има „црвената фурија“.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ