Тие се Европа, ние сме Македонци

И така, Емануел рече не може, нема проширување, тие тешко функционираат со 27 членки, којзнае колку ќе биде напорно со триесет и кусур, затоа, стоп, прво мора да се реформираат, нешто бамбореше за различни брзини, не го разбрав, ама генерално заклучокот е дека аспирантите ќе почекаат. Тој така и порано, кога менуваа некаква методологија, само нас кога ни се обраќа, пред референдум на пример друга песна пее, односно, по нашки, суши лаже, ама па и не е виновен, има кои веруваат. Како и да е, Ману рече заборавете на ЕУ.

Потоа излезе Мишел, еден ќелав чичко со брада и мустачиња и рече дека проширување ќе има, и тоа во 2030 година, што значи дека оној Ману веројатно тресе зелени со тоа брзините. Како и да е, по Шарл се појави Урсула и го фати тој Мишел за уши, па срочи дека всушност Шаци, а не Ману, треска глупости, ни 2030-те ќе видиме ни бутур, бидејќи тој муабет, дечково, од ракав го извадил, ниту се консултирал со неа, ниту со комисијата. На крајот се појави француска министерка, не можам да ѝ се сетам на презимето, знам дека беше некој град, Бон ли, Бриж ли, Брест ли, појма немам, ама сигурно се викаше Лоренс, една симптатична дама, и проба да го објасни Ману со тоа брзините, Мишел со годините, ама јас ништо не разбрав, оти веќе не слушав, само се ѕверев во неа, стварно цакана, бидејќи секако веќе не мислев на тоа што се зборува кога за пар минути почнува одбојка.

Добро… а кога ќе има љубов? Кога ќе се вљуби некој во некого? На пример, Ману да се вљуби во Лоренс, ама таа е вљубена во Шарл, но тој, Шаци, се крши во себе, оти е вљубен и во Ману и во Урсула, која, пак, лаже дека е вљубена во Шаци, а всушност е затрескана во Лоренс. А? Кога ќе се појави таа љубов во твојата приказна како што ја има во тоа што вие го викате серии, а јас го гледам на она што го нарекувате телевизија?

Да, мојот нов пријател, еден млад многу симпатичен вонземјанин, се навлече на телевизија, особено на серии. Веќе еден месец сум негов домаќин. Стигна на планетата Земја со неговите родители, кои имале да завршат некоја работа (тој не знае каква), му рекле дека веднаш се враќаат, да не мрда од бродот, ама тој млад, љубопитен, излегол, се изгубил, неговите кога се вратиле во бродот не забележале дека го нема и полетале. Сега ќе мора да чека еден месец за да се вратат по него, веќе воспоставија контакт, многу му беа лути, ама бидејќи јас го вдомив најдомаќински, не се во паника. Знам, многу интересна и оригинална приказна, мислам ова со мене и вонземјанинот што заглави на Земјата, плаче за филм, само што јас не сум по пишување сценарија, па, еве, Агенцијата за филм, таму сите се филмски писмени, ако сака, нека фати да ја напише и сними.

Океј, пробав да му објаснам на мојот млад пријател од вселената дека љубов и политика не одат заедно, иако… иако… начув муабет, не мора да е вистина, дека Урсула, и без да сака, секогаш кога ќе помисли, односно замисли, Русин кој отвора пегла за да извади чип од неа, почнува да чувствува пеперутки во стомакот. Ама сега доста за љубов и политика, му велам, почнува одбојка.

Молчиме и гледаме одбојка. Односно тој молчи, јас се дерам на секој поен што го освојуваме. Изгледа нешто го мачи. За кого навиваме, прашува. Па за нашите, му велам, ние сме Македонци. Повторно се задлабочи во мислите. Ние ја газиме Данска. По некое време, еве го пак. А кога ќе играме против Европа, прашува. Збунет сум, ама не можам да очекувам од него да знае за нашите земски работи. Види вака, пробувам да објаснам, не може да играме против Европа, затоа што сме на европско првенство, Европа е континент на кој има многу држави, меѓу кои и нашата, па во различни спортови има првенства каде што оние што се пласирале учествуваат. Разбираш?

Вели, да, ама не изгледа дека сосема разбира. Повторно се замисли. Чекај сега, ми вели, јас вчера гледав едни што викаа, ние сме Европа. Еве сега, ти навиваш за овие што им пишува, ние сме Македонци. Затоа те прашав, кога ќе играме против Европа.
Уф, како да му објаснувам кога ова неговово има толку силна, ем реална, ем метафорична смисла? Како да му објаснам дека таа Европа, поточно оној нејзин забеган, арогантен и без никаква логична причина вообразен дел, наречен Европска Унија, триесет години игра против нас, Македонците? Како да му објаснам дека тие кон нас не се однесуваат цивилизирано, хумано, со еден збор спортски, туку личат на гасна комора во која сакаат да ни го согорат македонскиот идентитет и сè што произлегува од него. Немаат тие проблем ако си ти маж што се чувствува како жена која понекогаш добива идентитет на пчела што сака да опрашува џунџулиња, ама веднаш прават проблем ако таа пчелка каже да е Македонка. Како да му објаснам дека и овие што досаѓаат со „ние сме Европа“, дека и тие играат против нас кои велиме ние сме Македонци? Како да објаснам дека тие, без разлика што се маваат во гради дека се Европа, демек се по европски вредности, од огромното културно европско наследство, знаат само за фондови и милијардите во нив, ама лажат, ја верглаат истата глупа приказна што веќе сме ја чуле, а не е вистина, за истовремено, да мразат сè што е македонско. Не само што не сме од ист континент со овие од „ние сме Европа“, не сме ни од иста планета, ние сме различни димензии во мултиуниверзумот на битисувањето. И добро е тоа, така треба и да остане, ама не сакам да го малтретирам пријателот од вселената.

Ајде, му велам, оди малку надвор, дружи се со децата. И научи ги нешто за вселената, додавам, оти овие што демек се Европа не можат едни учебници да испечатат, а и кога ги печатат, подобро да ги нема, оти не знаеш со какви сè глупости и грешки им се полни страниците, а бе ни ги осакатија образовно децата, којзнае може целта им е да ги доведат на интелектуално ниво како нивното. И мојот пријател ме послуша, излезе на дружба со децата. А да, тој има интересни моќи. Освен што, на пример, може да крене велосипед на небо, за да избегнеш скопски гужви, знае и да презема форми, па кога треба да се дружи со деца, станува дете, кога минатата недела отидовме на одмор, веднаш се трансформира во турист. На Блед имавме мал инцидент. Ми исчезна на неколку часа. Го најдов во една кафеана, преправен во келнер, им правеше гачки и зезанции на муштериите.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...