Трговија со она што е мое, исто како да е негово!

Петар Поп-Арсов

Трката започна!

Тргна собирањето на потписи од страна на претендентите за кандити за претседател на државата. За почеток некој собрал повеќе, некој помалку, некој не собрал речиси ништо. Секој со својата среќа, знаење, можности и политички капацитет. Тоа е, трка како трка. Не победува оној што започнал и истрчал како прв, туку оној што завршил како таков. Како и да е, ова е добро загревање на јавноста во пресрет на финалната пресметка која што ќе следи.

Иако кандидатурите сè уште немаат добиено официјална форма, веќе се наѕира списокот на кандидати кои ќе се најдат на гласачкото ливче. Уште од сега се гледа кои ќе бидат финалисти, кои ќе бидат протагонисти со секундарни политички цели, а кои ќе останат само авантуристи со нереални амбиции.

Ако од оваа анализа ги изземеме најсериозните кандидати за влез во вториот круг на претседателските избори, што е тоа што би можеле да го кажеме за останатите? Првото нешто е дека тука навистина има политички ликови зад кои во моментов стои сериозна и респектабилна маса на гласови која ќе биде одлучувачка за конечниот исход на претседателските избори. Не дека бројот на овие гласови може на некој од кандидатите да му овозможи барем да се понадева дека ќе влезе во вториот круг, но кумулативно гледано токму гласовите кои во првиот круг ќе отидат кај недобитните кандидати, ќе бидат гласови кои што ќе одлучуваат во вториот круг.

Второто нешто кое што треба да се каже е тоа дали личниот и политичкиот капацитет на овие кандидати ќе претставува кохерентна целина со партиите кои што ги кандидираат и истите ќе ги оправдаат очекувањата или пак можеби ќе придонесат во нагорна или надолна насока во однос на моментално проектираните резултати?! Не се исклучени ниту позитивни, ниту пак негативни изненадувања кај поедини кандидати. Тоа останува да го видиме на самиот изборен ден од првиот круг.

Трето, со исклучок на кандидатот на ДУИ, сите останати кандидати се насочени кон привлекување на опозициски расположените гласачи. Очигледно е дека кандидатите за претседател на државата го чувствуваат опозициското расположение кај гласачите и затоа повеќето од нив се насочени токму кон овие гласови. Тоа е сосема разбирливо од причини што (покрај интуитивниот впечаток што го имаме како граѓани за доминација на опозициското расположение) сето тоа е поткрепено со релевантни истражувања на јавното мнение од страна на професионални агенции чии што истражувања се засноваат на научни методи.

Четврто, независно од тоа од кој политички базен на гласови кандидатите ја црпат својата поддршка (овде се мисли на онаа генерална поделба на двата блока кои што историски ги предводат ВМРО и СДСМ), се поставува прашањето дали во вториот круг ќе имаме природно враќање на гласачите во традиционалниот табор? Ќе има враќање или пак анимозитетот, незадоволството и нетрпеливоста се пораснати до таа мера што казната веќе е неизбежна. Факт е дека постојат незадоволни гласачи од политиките кои што ги води партијата која редовно и традиционално ја поддржувале и токму овие гласачи се цел на неколку кандидати чии што политички партии успешно ги артикулираа и привлекуваа на свое конто. Оваа констатација особено се однесува на македонскиот блок на гласачи. Албанскиот блок на гласачи има свои закономерности кои бараат посебен пристап при правењето на било каква анализа за потенцијалните резултати кои најмалку ќе зависат од кандидатите кои ќе влезат во вториот круг.

Како и да е, ако се суди според динамиката на собирање на потписи, навистина ќе имаме сериозна бројка на кандидати кои што ќе трчаат на претседателските избори. Започнавме да наликуваме на француските претседателски избори каде што двата финалисти во вториот круг се резултат на трка на десетина па и повеќе кандидати од првиот круг. Со тоа правиме отклон од изборната трка во 2019 година кога со трите понудени кандидати македонските наликуваа на американските претседателски избори.

Шегата на страна. Далеку сме и од САД и од Франција. Македонските претседателски избори се неспоредливи ниту со американските, ниту со француските. Неспоредливи се ниту според важноста и ингеренциите на избраниот претседател, ниту според начинот на спроведување и етничката поделба на кандидати и контигенти на гласови кои постојат во Македонија, а кои во САД и Франција се незамислива заради нивните концепти на државно уредување. Но, факт е дека сличноста со Франција на овие избори ќе биде исклучително голема, особено при пренасочувањето на гласовите во вториот круг.

Токму можноста за пренасочување на гласови на кандидатите кои што во моментов собираат потписи, заедно со можноста да ги разбудат и мобилизираат своите гласачи за парламентраните избори кои што ќе следат, се најголемиот политички мотив за претендентите за претседателски кандидат. Секундарниот ефект кој што произлегува од нивната кандидатура всушност е нивната примарна политичка цел. Трговија со политичко влијание во сопствена полза.

Трговија со она што е мое, исто како да е негово!

Токму на исполнување на таквата цел ќе се сведе целата активност на повеќето преденти кои во моментов собираат потписи за претседателска кандидатура. Навистина, да се соберат десет илјади потиси претставува сериозен успех за секого. Давањето потпис за поддршка на нечија кандидатура е повисок стадиум на поддршка од оној кој што се изразува со давањето глас на изборите. На изборите сите гласаме зад параванот со загарантирана тајност, но во однос на ставањето потпис на нечија кандидатура, секој што се одлучил на таков чекор, се легитримира со име и презиме. Од тие причини може слободно да се заклучи дека македонските граѓани се активно  инволвирани во исклучително голем процент во политичките токови во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Според досегашната динамика на собирање потписи нема да бидеме изненадени доколку над шеесет илјади граѓани го стават својот потпис за еден од кандидатите и тоа без да ги сметаме кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои оваа бројка можат да ја кренат до стотина илјади доколку решат да собираат потписи за сопствените кандидати. Тоа претставува директно инволвирање на повеќе од 10% на активните гласачи кои обично излегуваат на изборните процеси. Тоа значи дека македонското општество и македонската политичка сцена се сериозно сензибилизирани и дека постои сериозна граѓанска мобилизација за промени во државата.

Дали таквата сензибилизираност, опозициско расположение и мобилизација за промени ќе биде правилно канализирана и соодветно валоризирана, во голема мера ќе зависи од политичките вештини на учесниците на претстојните избори?! Дали јасно изразената народна волја за промени која што постои во моментов ќе добие своја верификација на изборите кои што следат, ќе зависи од повеќе фактори, меѓудругото и од влијанието на бројните кандидати во претседателската трка?!

Трговијата со политичко влијание и досега беше присутна на македонската политичка сцена, но овој пат таквата трговија може да биде клучна за целокупниот исход на изборите. Ако дозволиме некој да тргува со она што е мое, исто како да е негово, самите ќе си бидеме виновни и самите ќе им го фрлиме појасот за спасување на давениците од власта. Ние ќе бидеме тие кои што ќе им ја пружат последната сламка за спас.

Можноста за избор е убава можност, кандидатите си се кандидати и тие како такви ѝ се потребни на една нормална демократија. Но сепак, фокусот си е фокус! Тоа е исклучително потребно за една држава и демократија како нашата… далеку од нормалните!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ѓорче Петров броеше до 51 против Гевгелија, во следното коло може да слави нова титула!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров забележа уште една победа...

Поповски немаше поддршка, Цирих попушти во најважната битка

Тимот на Амичитија Цирих, каде што игра македонскиот...