Тврд орев – Нова Македонија

Веќе цела година Македонија е главната дестинација на повеќе странски политички емисари, булдожери, кранови и уште којзнае какви „градежни машини“, сите со една и единствена цел, земјава да ги направи уставните измени и да ги вклучи Бугарите во македонскиот устав.

Вашингтон и Брисел постојано тврдат дека местото на Македонија е во ЕУ и апсолутно се во право, единствено се во криво во врска со патот кон таа цел.
Имено, ако сите земји, сегашни членки на Унијата имаат унифицирани европски критериуми за влез во европското високо друштво, кои подразбираа владеење на правото, борба со корупцијата, функционални институции, пазарна економија и слично, за Македонија овие критериуми не важат. Или важат, ама дополнети со нови. Замислете, во 21 век за да почне да преговара со ЕУ, земјава најпрво мораше да го смени името, за сега да мора да разговара со Бугарија за сопствениот идентитет, јазик, историја и култура. И да бидеме на чисто, не само да разговара туку ако сака да мрдне напред, ќе мора да го прифати бугарскиот став дека сме македонски народ од 1944 година наваму, дека јазикот е дијалект на бугарскиот, дека историјата ни е преземена од бугарската историја. Тоа се критериумите што Македонија треба да ги исполни на патот за зачленување во Унијата и ќе мора да го направи тоа, без оглед колку министерот за надворешни работи Османи ќе црта по табли и ќе објаснува дека тоа не е така. Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е само првиот чекор на тој пат. Тоа јасно го кажаа и бугарскиот претседател Румен Радев и неговата заменичка Илијана Јотова.

Е сега, проблем на сите овие надворешни емисари е македонскиот народ, кој не се согласува со сопственото политичко раководство околу пристапот на земјава кон Европа. Тука веќе не се работи за став или калкулации на политичките партии оти народот виде колку вредат сите, кога си ги покачија платите за 78 отсто и ден-денеска ниту еден „адвокат“ не се дрзна пред Уставен суд да поднесе некоја претставка за ваквото покачување, исто како што пред некое време некој „адвокат“ се загрижи за ниските примања на функционерите и тоа го оспори пред Уставен. А Уставен поефикасен не можеше да биде, одма постапи оти, веројатно, и платите на судиите рипнаа.

Но да се вратиме на суштината. А таа е дека сите овие мисии на странците се безуспешни и такви ќе останат сè додека македонските граѓани конечно не го добијат она што го заслужуваат, еднаков третман на земјата на патот кон Европа.
Ако можеше една Бугарија да стане членка на ЕУ со целосно неисполнети европски критериуми, зошто Македонија да не се зачлени според Критериумите од Копенхаген? Зошто со некого да расправа за историјата, намерно да не ги печати учебниците за децата и да го трансформира целиот образовен процес само за да ја задоволи официјална Софија?

Едно е јасно, ова е веќе целосна перверзија. Да доаѓаат странците од сите страни и само како папагали да повторуваат „уставни измени, уставни измени, уставни измени“ е невкусно и веќе безобразно. Ај што дошле, дошле, нашиве ги навечерале, ги напоиле, како што е стариот добар обичај, гостите да се нагостат. Ама кога веќе притискаат на едната страна, редно е да притиснат и на другата страна, да има симетрија, оти ако се искриви работата само од едната страна, нема да ја биде. Тоа значи дека Брисел и Вашингтон, сите емисари што ги праќаат во Скопје, истиот или следниот ден треба да ги испратат и во Софија. Уставни измени во Македонија, уставни измени и во Бугарија. Човекови права во Македонија, човекови права во Бугарија. Владеење на право тука, владеење на право и таму. Згора на тоа, странците имаат легитимно право да ги прашаат бугарските власти зошто не ги почитуваат европските институции, како што е Европскиот суд за човекови права. Зошто не се спроведени донесените пресуди од Стразбур? Има ли некакви пенали за Бугарија за непочитување на европските институции, иако земјата со потпишувањето на пристапниот протокол за влез во ЕУ се обврзала на тоа. И доста со приказните дека бугарскиот устав бил граѓански и не можел да се менува, без оглед што се угнетува огромно македонско, турско, ромско и друго малцинство. Што, нашиот е селски, па може секој однатре и однадвор да го преобликува кога ќе му текне?

Кога бараш отстапка од едната страна, ќе ја побараш и од другата за да не се создаваат фрустрации само меѓу Македонците, кои веќе три децении само прават отстапки кон некого, секогаш на сопствена штета и не мрдаат од онаму каде што се со години.

Е па, доста е веќе, на народот му збоктиса и јасно порачува дека нема намера веќе да се обезличува само заради некоја неизвесна европска иднина. Точно, неизвесна, оти оние пораки што неодамна без испратени од вечерата во Атина јасно говорат дека европската втора лига е реалност и дека со земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и уште понекоја поранешна советска република, ги добива своите контури. А таа втора лига ќе се развива, се разбира во некоја подолга перспектива.

И оние кажани 80 илјади евра што власта сега ќе ги потроши за убедување на граѓаните во кампања „Ние сме Европа“ ќе бидат фрлени во ветер. Еве една добронамерна сугестија, нека ги распредели тие пари, а богами и нека придодаде, во сите оние отворени телефонски линии наменети за лекување болни деца во странство, оти успеаја и домашното здравство целосно да го уништат. Барем да се спаси нечиј живот, наместо парите да се потрошат на глупости. Македонскиот народ знае дека е во Европа уште многу одамна, но клучното прашање е дали некои наши соседни земји, инаку членки на ЕУ, се свесни дека тие се дел од Европа? Можеби Брисел треба да започне ваква кампања, да ги учи своите членки на демократски вредности, да го почитуваат правото на секоја земја самата да си ги одредува сопственото име, сопствените симболи, да гради сопствен историски наратив, митови, легенди, да ги почитуваат малцинствата и да им ги дадат највисоките права, да се борат со корупцијата и слично, а не да го користат членството за да уценуваат, блокираат и изнудуваат. Тоа е стилот само на насилниците, а насилството е најмалку европска вредност.

На крајот, македонските власти мораат да научат да го слушаат гласот на народот. Народот никогаш не погрешил, иако некои наши политичари личниот понизен однос сакаат да го оправдаат со погрешната перцепција на народот, односно дека тие се тие што морале да донесат тешки одлуки бидејќи народот бил во криво!? Едно да бидат сигурни, македонскиот народ никогаш не бил во криво кога станувало збор за одбрана на националните интереси, кога одбирал на која страна на историјата ќе застане, така што ниту сега не греши кога бара Македонија да стане членка на ЕУ достоинствено и според нормални европски критериуми.

Изминатиот период дојдоа многу гости однадвор да притискаат, да ги убедуваат граѓаните (оти политичарите лесно ги убедија), да раскажуваат славопојки за розовата европска иднина… Дојдоа и си заминаа. Ќе дојдат и други, и други, сè додека конечно не се сретнат очи во очи со македонските граѓани и не им објаснат зошто три децении ја држат земјава во заложништво поради апсурдни причини. Но не се среќаваат со народот оти знаат дека тој е во право. Полесно е да се сретнат со премиерот, претседателот, со политичките лидери. Тие сите ќе им кимаат со главата, ќе ги нагостат, ќе се гушкаат и тапкаат по рамениците, ќе се фотографираат и во меѓувреме ќе продаваат евтина реторика.

Ама секое соочување со народот, ќе биде соочување со болната вистина. Дека поради сите нив овој народ е донесен на просјачки стап, да моли по улиците за повисоки пензии, да влегува во продавница со 1.000 денари, а да излегува со полупразно торбе и уште некој да му трие сол над главата за Европа и за Бугарите во Уставот…

Време е да се запре малку со ова удирање на главата во ѕид. Европа нема да ни избега, ниту пак ќе нè изолира. Светот се преобразува геостратегиски како на филмска лента. Неодамнешното окрупнување на БРИКС говори само дека секој си поаѓа од сопствените интереси и на тој пат не е подготвен да ги жртвува националните интереси, туку да работи на нивно унапредување. Така и Македонија, нека им каже благодарам што нè посетивте, нека ги почести со лепче и сол, по нашиот традиционален обичај, и нека ги испрати во Софија, оти таму е вистинската адреса од каде што потекнуваат сите проблеми во односите меѓу двете земји.
Имаат механизми да притиснат и таму, не само Бугарија да ја повлече Декларацијата од бугарското народно собрание од 2019 година туку и да спроведе некоја од пресудите на ЕСЧП.

Во меѓувреме, ние да не губиме време. Да се зафатиме со вистинска демократизација на општеството, да почнеме да градиме функционални институции, да се свртиме кон владеење на правото, кон борба со корупцијата и криминалот, да ги стимулираме економијата и бизнисот за да можат слободно да функционираат, а за сите клучни работи заеднички да се дискутира на сите нивоа. Така, во иднина секоја влада ќе може да донесе одлука што ќе биде широко прифатена и одобрена од граѓаните, па на секој странски емисар ќе му биде јасно дека Македонија е тврд орев што никој не го скршил и нема да го скрши. Таква Македонија посакува ЕУ!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во...

Супер Глоуб станува „Светско клупско првенство“

Досегашниот формат на натпреварување познат како Супер Глоуб...

Македонија од трет шешир во ждрепка – може да игра во Хернинг, Осло, Загреб…

Светската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката...