Вицепрвакот со победа ја стартуваше новата сезона

Вицепрвакот со победа ја стартуваше новата сезона

Екипата на Алкалоид во натпревар без голем интензитет славеше убедлива победа против Скопје со 40:21 во рамки од првото коло од Супер лигата.

Тренерот на тимот од Автокоманда, Кире Лазаров, шанса им даде на сите ракометари од клупата и дуелот против Скопје беше загревање за гостинскиот дуел против амбициозниот Охрид.

Вицепрвакот својата работа ја заврши уште во првото полувреме и до крајот на дуелот немаше никаков проблем против младиот тим на Оливер Димитриоски. Скопје издржа до 15-та минута и до првата половина од првиот дел заостануваше на два до три гола разлика.

Откако домашниот тим имаше фуриозен старт и предност од 5:1, тимот на Скопје ја подобри својата одбрана, голманот Давид Стојковски одбрани неколку удари на домаќините и за неколку минути игра успеа да намали на минус два, 5:3. Составот на Лазаров во уште неколку наврати имаше минимална предност и во последните петнаесетина минути од првиот дел целосно го надигра денешниот ривал.

Како одминуваше времето, растеше разликата во корист на фаворитот, кој на пауза замина со предност од 23:11, додека вториот дел мина во рутинска контрола на вицепрвакот. Тимот на Димитриоски во второто полувреме се обиде да ја преполови негативата и да се избори за пристоен пораз, но многубројните грешки, особено во вториот дел, беа причина за високиот пораз.

Најефикасен во победничката екипа беше новото засилување Арнауд Бинго со шест погодоци, по пет запишаа Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ, Дарио Кофиловски, Александар Петкоски и Давид Савревски.

Кај Скопје се истакна Леонид Киселовски со шест реализации, четири погодоци додаде Давор Шокоски.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ