За нелегалните војни и воените злосторства – Denesen.mk

За нелегалните војни и воените злосторства – Denesen.mk

Страшо АНГЕЛОВСКИ

Во време на специјалната воена операција на Руската Федерација за денацификација и демилитаризација на Украина, во време кога Бајден обвинува, а инсталираните политичари под американско влијание како папагали повторуваат дека Путин е воен злосторник и дека специјалната воена операција е нелегална агресија (со што можете да се согласите или не), многу е добро да се потсетиме на Кетрин Тереза Ган и нејзината голгота во 2003-та.

За што станува збор?

Кетрин Тереза Ган, во 2003-та, во време на американската кампања за добивање поддршка во Обединетите Нации за инвазијата врз Ирак, имала 28 години и била вработена како преведувач од кинески јазик во британската GCHQ (Government Communications Headquarters), пандан на американската разузнавачка агенција НСА. Еден ден, на нејзиниот мејл на компјутерот пристигнал меморандум од официјално лице од НСА, во кој пишувало дека “САД се свесни дека не можат да добијат поддршка за агресија врз Ирак од ОН само со убедување, па направиле план за прислушкување дипломати од државите кои не се постојани членки на Советот за безбедност при ОН (Чиле, Пакистан, Бугарија, Гвинеја, Ангола и Камерун), во потрага по информации со кои овие држави би се натерале, па дури и уцениле да ја поддржат инвазијата“.

Соочена со лицемерието на САД и Британија кои во јавноста говорат за дипломатски напори, а во позадина се обидуваат да подмитат или уценат дипломати од ОН да гласаат за војна која е законски нелегитимна, Кетрин Ган, свесна дека секој нејзин обид да го објави меморандумот ќе значи кршење на британскиот Закон за државна тајна, таа, сепак, го отпечатува текстот кој пристигнува до новинарите на “Обсервер“.

Потоа, клопчето се одмотува, па излегува на виделина дека тогашниот британски Државен јавен обвинител, лордот Голдсмит, кој, по службена должност, пред почетокот на инвазијата, испратил допис дека воената агресија врз Ирак ќе биде нелегитимна војна и, со самото тоа, воено злосторство, бил повикан во САД, на разговор со адвокатите на Џорџ Буш, Дик Чејни, Колин Пауел и Кондолиза Рајс, по што, нормално, го менува мислењето и ја одобрува агресијата.

Кетрин Ган е обвинета за кршење на Законот за државна тајна и против нејзе се поведува судска постапка. Иако и била понудена спогодба за поблага казна доколку ја признае вината и така процесот спогодбено заврши, таа одбила и решила да оди до крај. Својата одбрана ја засновала на тезата дека со објавувањето на меморандумот се обидела да спречи нелегална употреба на воена сила (воена агресија), што претставува воено злосторство и, непотребно предизвикана смрт на стотици илјади луѓе, Британци, Американци, Ирачани.

На самиот почеток на судењето, свесни дека доколку процесот се развие, во јавноста ќе излезе вистината за нелегалната воена агресија, односно за военото злосторство извршено од САД и Велика Британија, британското Државно јавно обвинителство го повлекува обвинението против Кетрин Ган и процесот никогаш не се одржува. Со тоа, злосторниците сметаа дека го сокриле злосторството, но, по неколку години, вистината сепак излезе на виделина.

Па, светот дозна дека Тони Блер, во името на Велика Британија, изнел лажни докази со што го иницирал военото злосторство – агресијата врз Ирак со повеќе од еден милион жртви. Се разбира, без добиена согласност од Обединетите Нации. И, кога врз основа на тоа, поранешниот ирачки генерал Абдул Шакан ал Рабат, во 2017 година поднел “приватно обвинување“ против поранешниот британски премиер Тони Блер за “кривично дело“ агресија, пред лондонскиот Виш суд, според одлуката на сите тројца судии, такво кривично дело не постои во британското законодавство, па Вишиот суд го отфрлил предлогот за обвинување на поранешниот премиер, како “случај без перспектива“.

НА ШТО НЕ НАУЧИ КЕТРИН ТЕРЕЗА ГАН ?

Прво, јасно стави до знаење дека борбата за вистината нема алтернатива и дека, на крајот, вистината победува и против најмоќните “создавачи на лажната вистина“. Така, таа ги победи двете најмоќни држави и пред светот  ја изнесе добро криената тајна дека воената агресија врз Ирак во 2003-та, со повеќе од еден милион непотребни жртви, беше нелегална војна што претставува воено злосторство и злосторство против човештвото.

Второ, ни навести дека истите тие, најмоќните држави во светот, најверојатно воделе нелегална “војна“ и против малата Македонија, кога со истите методи, нелегално прислушкување заради подмитување и уцена на политичари, новинари и јавни личности, извршија “нелегална војна“ за промена на името и бришење на идентитетот на еден цел народ, што, би можело да се подведе во графата “злосторство против човештвото“, или конкретно, ЕТНОЦИД.

И конечно, да, сите ние ќе прифатиме на Путин да му се суди за воени злосторства кои допрва ќе треба да се докажуваат, откако, на издржување казна доживотен затвор ќе ги видиме Тони Блер и Џорџ Буш, за кои е веќе докажано дека извршиле воена агресија со повеќе од еден милион непотребни жртви, во нелегална војна која се смета за воено злосторство и злосторство против човештвото.

За да знае светот дека пред заробеното право можеби ДА, но, пред слободната правда НЕ  постојат “случаи без перспектива“.

На крајот, ќе ги замолам “независните проверувачи на факти“, кои се “сертифицирани преку непристрасна меѓународна мрежа“, да ги проверат фактите за Кетрин Тереза Ган и за воените злосторства на САД и Велика Британија, па потоа, сите заедно да пристапите кон “собирање факти“ за воените злосторства на Путин.

За да не останат “случаи без перспектива“.

(авторот е претседател на МААК)

 

 



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ