Ковачевски и Мицкоски пак повикаа на сплотеност, ама…

Денеска е голем христијански празник Рождество Христово – Божиќ. Многу пригодни честитки и желби ќе си разменат православните граѓани во Македонија.Честитки стигаат и од сеприсутните политичари. И како по обичај, тие, на сите празници порачуваат дека на Македонија и треба заедништво. Така е и сега:

-Да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош. Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени, порача премиерот Димитар Ковачевски.

Заедништво побара и лидерот на најголемата опозициска партија.

-Да дадеме пример со порака за сплотеност заеднички да делуваме кон благосостојба, напредок подобро општество. Заеднички да делуваме да се измени тешката реалност и да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност. Потребна ни е нова и подобра реалност. Потребни ни се надеж и заедништво како никогаш  досега за да успееме да се избориме за подобра иднина, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Вакви и слични беа пораките и до сега при значајни празници. И? Се работеше ли потоа – зборовите да се претворат во дела? Има ли во Македонија сериозни обиди да се постигне заедништвото кое навистина е потребно?

Ова треба да го одговорат и Ковачевски и Мицкоски. Сепак, на потег пред се е премиерот. Тој ја води во моментот Македонија. Кога веќе зборува за „добрината во нашите срца и желбата за сплотеност“ нека поработи на тоа посериозно.

Македонија е притисната од многу проблеми, нека Владата не ги решава само по теркот на СДСМ и ДУИ. Поинакви мислења од оние на владеачката коалиција најчесто се игнорираат, а многу од нив се отфрлаат, заобиколуваат, па дури и исмеваат. Се игнорира референдум, се игнорираат големи протести, се занемаруваат анкети кои јасно покажуваат што мисли голем дел од народот… Така мислат дека ќе се дојде до заедништво?

Е сега, сосема друга работа е ако Ковачевски мисли дека заедништво е неговата Влада да прави само како таа наумила, а сите ние во Македонија во „заедништво“ да и ракоплескаме.

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ