Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски се огласи преку социјалните мрежи, воедно објавувајќи фотографии од тоа што веднаш е исполнето првото ветување.
-Од денес, градот Скопје е слободен, отворен и достапен за сите! Во просториите на Град Скопје денес се изврши чинот на примопредавање на функцијата градоначалник. Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати.
Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш!
Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив.
Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам! Ги отстранивме и рампите.
Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани!
Најавувам и целосна ревизија на работата на градската администрација.
Секој кој се огрешил – ќе одговара.
Секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине.
Но, секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Почитувани, време е да ставиме ред! Време е Скопје повторно да биде симбол на достоинство, ред и надеж. Скопје може подобро и тоа подобро, заедно го овозможуваме!