Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Падот на Орбан и подемот на Радев: Моќта на неопределените гласачи | KOLUMNI.mk

Падот на Орбан и подемот на Радев: Моќта на неопределените гласачи

Апокалипса или нова ренесанса на Европа?!

  • „Интелектуалецот не ѝ служи на власта; тој ја доведува во прашање“ – од „Антиполитиката“, дело на Ѓерѓ Конрад (1933–2019), унгарски писател, есеист и дисидент.

Европа не е во криза?! Европа е во режим на преживување! Сето она што денес се продава како „економско забавување“, „политички турбуленции“ или „губење глобално влијание“ е всушност симптом на многу подлабок процес: трансформација од експанзивен во дефанзивен систем. Континентот што децении се ширеше преку идеи, вредности и интеграција, сега се собира, се затвора и се прегрупира. Ова не е слабост. Ова е стратегија.
Промените во гласачкото тело не се спонтани. Ниту пак се резултат на некаква „демократска зрелост“. Напротив, тие се дел од нова политичка архитектура во која неопределените гласачи стануваат клучен инструмент за корекција на системот. Не затоа што системот им верува, туку затоа што преку нив може да се канализира контролирана промена. Падот на Виктор Орбан и подемот на Румен Радев не се приказна за личности. Тоа е сигнал. Европа веќе нема простор за актери што создаваат блокади. Во новата логика, се фаворизираат оние што не поставуваат прашања, туку се вклопуваат. Не мора да бидат харизматични. Доволно е да бидат функционални. Зашто Европа денес не бара лидери. Таа бара оператори.
Во заднина, економската реалност е далеку побрутална од политичката реторика. Германската индустрија стагнира и пропаѓа. Автомобилскиот сектор – симболот на европската економска моќ – се повлекува под притисокот на скапата енергија, намалената побарувачка и агресивната конкуренција од Кина и САД. Масовните отпуштања кај „Фолксваген“, „Бош“, „Континентал“ и „Стелантис“ не се „преструктурирање“. Тоа е признавање дека моделот на кој се темелеше европската индустрија веќе не функционира.
Во вакви услови, приказната за „зелена транзиција“ и „технолошка иднина“ звучи повеќе како политички наратив отколку како економска стратегија. Европа нема луксуз да води идеолошки проекти. Таа мора да се адаптира – брзо, дисциплинирано и без многу дебата. И токму тука се гледа вистинската промена: Европа се движи од идеологија кон механика. Политиката повеќе не е арена на идеи, туку систем за управување со ризици. Наместо визија – контрола. Наместо експанзија – стабилизација. Наместо лидерство – координација.
Во таков систем, неопределените гласачи стануваат најважниот ресурс. Тие не се идеолошки мотивирани, не се лојални и не се предвидливи. Но токму затоа се корисни. Кога системот ќе процени дека е потребна промена – тие се активираат. Кога стабилноста е доволна – тие се повлекуваат. Тоа не е демократија во класична смисла. Тоа е управувана динамика. И затоа прашањето не е дали Европа паѓа. Прашањето е дали оваа трансформација ќе успее. Дали ќе резултира со нов, поотпорен економски модел или ќе заврши како бавна ерозија на индустриската основа? Дали ова затворање ќе донесе стабилност или ќе создаде уште поголеми внатрешни тензии?
Очекувањата на Европа дека Америка, Русија и Кина се економии што ќе продолжи да ги манипулира се минато. Светот веќе не функционира според старите правила, каде што влијанието беше доволно за контрола, а партнерствата се градеа на претпоставена зависност. Денес тие сили играат сопствени игри, водени од интереси што сè помалку се усогласуваат со европските.
Едно е сигурно: Европа повеќе не игра на офанзива. Таа игра на време. И во таа игра нема место за слабости, импровизации и политички романтизам. Само за системи што знаат да преживеат — адаптивни, дисциплинирани и свесни дека стабилноста не е гарантирана, туку се заслужува.

ОРБАН КАКО ГУБИТНИК ОД РОМАНОТ НА ЃЕРЃ КОНРАД

Европскиот процес на тивка, но суштинска трансформација покажува дека Унгарија е еден од најјасните примери за тоа како се менува логиката на политичкиот систем. Како што Ѓерѓ Конрад во „Губитник“ ја прикажува внатрешната ерозија на поединецот под притисок на околностите, така и тука не станува збор за класичен пораз на еден лидер, туку за постепено распаѓање на еден модел на владеење. Орбан не паѓа одеднаш – тој постепено ја губи позицијата, токму како лик што не е поразен со удар, туку со време. И тој процес започнува таму каде што системот најмалку го очекува: кај неопределените гласачи.
Долги години Орбан владееше стабилно, потпирајќи се на дисциплинирана и лојална база. Во најголем дел од своето владеење, Фидес освојуваше меѓу 45 и 55 отсто од гласовите, што, во комбинација со изборниот модел, му обезбедуваше силно парламентарно мнозинство и речиси целосна институционална контрола. Но таа стабилност имаше услов – голем дел од општеството да остане пасивен. Системот функционираше не само поради поддршката што ја имаше туку и поради тишината на оние што не учествуваа. Токму таа тишина исчезна!
Како и кај Конрад, моментот на пресврт не доаѓа како експлозија, туку како постепено разјадување на рамнотежата. Промената не дојде од внатре, туку од периферијата на политичкиот систем. Неопределените, апстинентите и разочараните гласачи, кои со години беа надвор од политичките пресметки, одеднаш се појавија и ја поместија тежината на системот. Одзивот достигна околу 77–78 отсто, значително повеќе од претходните изборни циклуси, кога се движеше меѓу 65 и 70 отсто. Во апсолутни бројки, тоа значи дека на изборите се појавиле околу 800.000 нови гласачи – тивка, но одлучувачка маса.
Резултатот ја открива суштината на овој процес: Фидес паѓа на околу 38 отсто, додека опозицијата достигнува околу 53 отсто, со разлика од приближно 15 процентни поени. Тоа значи околу 1,2 милион повеќе гласови за опозицијата во однос на претходниот модел. Но клучот не е во бројката, туку во структурата: околу 800.000 од тие гласови доаѓаат од новоактивирани гласачи, додека околу 400.000 се резултат на прелевање. Со други зборови, најголемиот дел од пресвртот – меѓу 60 и 70 отсто – не е идеолошки, туку резултат на појава.
И тука Орбан станува „губитник“ во конрадовска смисла. Не затоа што неговите го напуштиле, туку затоа што реалноста околу него се променила. Тој не ја губи контролата одеднаш – таа му се лизга. Системот што го изгради не се распаѓа со удар, туку ја губи својата основа: пасивноста. А кога пасивноста ќе стане активност, секоја стабилност станува привремена.
Ова е клучниот момент во модерната политика: не губиш кога твоите ќе те напуштат, туку кога другите ќе се појават. Секој стабилен систем почива на претпоставката дека дел од општеството ќе молчи. Кога тие што молчеле ќе почнат да зборуваат – преку гласање – системот ја губи рамнотежата.
Она што се случи во Унгарија не е класичен политички пораз, туку судир помеѓу стар модел заснован на контрола и нова реалност обележана со непредвидливост. Политиката повеќе не се води преку лојалност, туку преку способноста да се мобилизираат оние што досега биле отсутни. Неопределените гласачи не се идеолошка сила, туку функционална – тие не носат визија, туку тежина. Тие не градат систем, туку го поместуваат. И кога нивното појавување е доволно масовно, таа промена изгледа како пресврт, а всушност е корекција.
Во поширокиот европски контекст, ова не е изолиран случај. Европската Унија, во долготраен судир со Орбан, постепено создаваше услови за ваков исход преку притисоци, условувања и поддршка на алтернативни политички структури. Не затоа што сака драматични пресврти, туку затоа што во фаза на внатрешна консолидација не толерира нестабилни точки. ЕУ нема интерес да ја оттурне Унгарија, но има јасен интерес да ја редефинира нејзината позиција.
Затоа, падот на Орбан не е само политички настан. Тој е момент кога еден систем, како лик од Конрад, станува свесен дека повеќе не ја контролира реалноста околу себе. И токму во таа тивка, постепена загуба на контрола се раѓа новата политичка логика – логика во која најголема сила не се партиите, туку оние што до вчера не постоеле во системот, а денес го одлучуваат неговиот исход.

РАДЕВ – РЕТОРИКА ЗА МОСКВА, ПОЛИТИКА ЗА БРИСЕЛ

Европа денес не ги менува лидерите што се спротивставуваат – ги заменува со оние што зборуваат различно, но прават исто.
Подемот на Румен Радев не е класична политичка победа, туку внимателно конструирана игра помеѓу перцепција и реалност. Во општество што е поделено и со ниска доверба во институциите, тој не нуди јасна идеологија, туку простор во кој различни групи можат да се препознаат. Неговата реторика е пресметана. Таа свесно користи елементи што звучат блиску до руската семантика – критика кон санкциите, повици за „прагматичен дијалог“, дистанца од западните политики. Ова не е идеолошка позиција, туку тактика: обид да се мобилизираат неопределените гласачи, особено оние што имаат скепса кон ЕУ и Западот или се чувствуваат оттурнато од политичкиот центар.
Но тука завршува реториката. И покрај тој наратив, Радев нема за јота да отстапи од европската рамка. Бугарија останува структурно врзана за Европската Унија – преку институции, финансии, безбедносни механизми и политички обврски. Маневарскиот простор на секој лидер е однапред дефиниран. Радев може да зборува поинаку, но не може да дејствува поинаку. И токму во таа разлика лежи неговата политичка формула. Ако Орбан беше пример за систем што ја губи контролата, Радев е пример за систем што ја враќа – не преку конфронтација, туку преку адаптација. Тој не се обидува да биде јасен, затоа што јасноста во поделено општество создава отпор. Наместо тоа, тој гради позиција што секој може да ја толкува на свој начин. За едни е проевропски. За други е критичен кон Западот. За трети е алтернатива. Тој не нуди решение. Тој нуди прифатливост.
Бројките го потврдуваат тоа. Со околу 44–45 отсто од гласовите и приближно 2,6 милиони гласачи, Радев обезбедува стабилно мнозинство. Но клучот не е во процентот, туку во структурата. Во систем со традиционално низок одзив, дури и мал раст има големо влијание. Околу 300.000–400.000 нови гласачи – претежно неопределени и претходно пасивни – стануваат фактор што ја прави разликата. Без нив, резултатот е силен. Со нив, станува доминантен. За разлика од Унгарија, каде што неопределените создадоа пресврт, во Бугарија сега тие создаваат стабилизација. Тие не го рушат системот – го затвораат. Не внесуваат хаос, туку ја зацврстуваат рамнотежата.
И тука е суштината. Радев може да звучи проруски. Може да користи јазик што резонира со одреден електорат. Но неговата политика останува европска. Затоа што тоа не е прашање на волја, туку на структура. И покрај таа реторика, Бугарија под негово влијание не направила суштинско отстапување од европската и НАТО-политика – одлуките остануваат усогласени со Брисел.
Она што се кажува е алатка за освојување власт. Она што се прави е ограничено од системот во кој таа власт постои. И токму во таа празнина помеѓу зборовите и делата се наоѓа вистинската причина за неговиот подем.

КРАЈ ИЛИ НОВ ПОЧЕТОК: ЕВРОПА ПОМЕЃУ АПОКАЛИПСА И РЕНЕСАНСА

Она што денес изгледа како нестабилност, всушност е момент на пресметка. Европа влегува во фаза каде што приоритет не е ширење, туку преживување – а преживувањето бара нови линии на контрола, нови коридори и нова внатрешна архитектура.
Токму тука Западен Балкан добива поинакво значење. Не како вредносен проект. Туку како функционален простор. Забрзувањето на интеграцијата не доаѓа од желба, туку од потреба. Европа повеќе не може да си дозволи празнини на сопствената карта. Вардарска Долина, како природен коридор што ги поврзува клучните правци на континентот, станува дел од таа нова стратешка пресметка. Во таа равенка, Македонија не е прашање на симпатија. Таа е прашање на позиција. И затоа дилемата не е дали Европа ќе се прошири, туку како и зошто ќе го направи тоа.
Дали ова е „Апокалипса“ – крај на еден модел што повеќе не функционира? Или е почеток на нов циклус?
Историјата покажува дека големите пресврти ретко почнуваат таму каде што подоцна се слават. Ренесансата, како симбол на европската преродба, традиционално се врзува за Италија и 15 век. Но нејзините корени се појавуваат многу порано и многу подалеку од Фиренца. Фреските од црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези (1164 г.) веќе носат емоција и човечност што ја надминуваат строгата византиска иконографија, додека живописот во „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид (1295 г.), со својата динамика, реализам и драматика, претставува јасен исчекор кон она што Европа дури подоцна ќе го препознае како ренесанса. Дури и современи европски истражувања лоцираат токму тука еден од најраните импулси на тој процес. Тоа не е прашање на гордост.
Тоа е прашање на континуитет.
Како што тогаш идеите се движеле од Исток кон Запад, така и денес стратешките процеси се движат по логика што не секогаш е видлива на површината. Затоа, ова не е крајна точка. Ова е момент на редефинирање.
Прашањето не е дали Европа ќе се промени – таа веќе се менува.
Прашањето е кој ќе ја разбере таа промена навреме!
И каде ќе застане Македонија во тој процес!

П.С. Во Македонија политичките партии со години владеат со поддршка што ретко надминува 20–25 отсто од вкупниот број запишани гласачи, во услови кога одзивот на изборите најчесто се движи околу 50–55 отсто. Тоа значи дека значителен дел од општеството – често и над 40 отсто од граѓаните – останува неопределен, апатичен или свесно надвор од политичкиот процес.
Но тоа не е слабост. Тоа е тишина што чека причина. Македонецот не е апатичен – тој е претпазлив. Премногу пати е излажан за да верува на зборови. Затоа, тие гласачи не се водат од реторика, туку од дела. Не ги мобилизираат ветувања, туку резултати.
Историјата веќе покажала дека луѓето на овој простор знаеле да препознаат вредност, дури и кога тоа не било очигледно во моментот. Истите тие луѓе, пред векови, создавале дела што денес се препознаваат како предвесници на европската ренесанса – не со зборови, туку со визија и умешност.
И токму затоа не треба да се има илузија. Овој народ може долго да молчи.
Но кога ќе одлучи – не избира наратив, туку вистина. Затоа, ова не би било првпат во историјата тие што молчат – на крајот да одлучуваат.

Автор: Тони Менкиноски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ