Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Себежртвувањето е слатко и вкусно страдање | KOLUMNI.mk

Себежртвувањето е слатко и вкусно страдање

Каде за 1 Мај? На пикник. Длабоко во себе. Меѓу сите оние приказни што чекаат да бидат раскажани. Дури и конфликтите, потресите, тагата и несреќите што ликовите од тие приказни ги носат со себе, на мене влијаат далеку посмирувачки отколку она што ме опкружува и инсистира да ми ги ископа умот и срцето и врз нив да спроведе деструкција. Искрено, сè почесто, битисувањето надвор од себе ми предизвикува мачнина на која не ми успева да ѝ вметнам логична нарација. Знам дека звучам како човек што запаѓа во измислени светови, ама бегањето во себе, среде светот на уметноста за мене е психијатриска клиника каде што самиот се сместувам, оти надвор од неа, студи безумноста.
На страна фактот што јавноста вообичаено звучи генерално како разулавена толпа, а набљудувана како поединец, личи на психопат во најава спремен да коле, беси, силува, сеедно дали е тоа од потреба некому што сторил грев да се одмаздува, ама како тоа сите сме виновни за оној грд случај со ученичките и булингот што нè вознемири? Која е смислата на наметнување колективна вина кога има конкретни виновници, како индивидуално така и институционално? Од каде таа потреба за сè грдо што ќе се случи, да се мантра она, „сите сме виновни“? А-ха, еве јас сум виновен за можната нуклеарната ерекција, за колежот во Палестина, војната во Украина, гладот во Африка, Ормускиот Теснец и покачување на цените на нафтата, шлаканиците што Макрон ги доби од сопругата, не знам веќе кој обид за атентат врз Трамп, нацифрустрациите на Грција, Бугарија и нивните западни спонзори спрема Македонија, за вонземјаните што може ќе ја окупираат планетата и проблемите на Кање Вест околу концертите што му ги откажуваат… Демек, ако кажеме „сите сме виновни“, одеднаш сме го решиле проблемот и веднаш ни олеснува?
Или оној, уште поглуп муабет: тоа ти е брат, денешниве деца се срање, новиве генерации копиљаци се катастрофа, па друг заклучува: знам, знам, види само какви им се родителите. Битно себе се апстрахираат од злото што го посочуваат и од позиција на врвни морални величини судат и пресудуваат по социјалните мрежи или од нога, во населба, а потоа, кога некој од овие мудросери ќе слушне дека неговиот копиљ черечи мачки, веднаш се фаќа за оправдување: што да правам, не можам 24 часа да го демнам со кого се дружи, ама тоа е, гледа од другите деца, да видиш само какви им се родителите.
Еве, јас не можам да дојдам до овие заклучоци. Напротив, од оние мои пријатели, кои многу ги имам, а сите се родители, и тоа веќе на тинејџери, не можам да издвојам ама ниеден пример што ќе ги потврди тезите на оние купишта морални величини од социјалните мрежи. Со сите проблеми и премрежиња што ги носи животот, моите пријатели даваат сè од себе за нивните деца да бидат умни, учтиви, совесни и воспитани и во случаиве што јас ги сведочам, на сите им успева.

Затоа, ако во едно училиште се случил грозен настан како последниов, не може сите копиљаци да ги ставиме во ист кош, таму учат едно 200-300 деца, а само неколкумина направиле нешто што не смее да се прави и сега мора да се дејствува, ама не џелатски, туку совесно, посветено и мнооогу внимателно за да не се повтори.
Да, до посветеноста е. На поединецот. Индивидуално, во семејството и надвор од него, но и кога претставува институција. И едноставно е. Како што јас со сето свое срце и ум се посветувам на уметноста каде што бегам од бучавата на јавноста, така и секој сопружник, родител, учител, психолог, социјален работник, министер, треба да биде посветен во она што избрал да биде. Посветеност до ниво на жртва. А себежртвувањето е слатко и вкусно страдање ако ги жртвуваш комфроноста и себичноста на кои им робуваш.
Ама затоа сите нè обвинуваш за она што ѝ се случи на Македонија!
Не, сите. Но потфрливме како народ ако се споредиме со нашите предци, кои се жртвуваа за слобода. Вистина е, расфрлајќи се со сите можни оправдувања од „знаеш, имам деца“, до „што јас да правам кога е веќе договорено“, деведесет проценти со прст не мрднаа за да се спречи идентитетскиот холокауст што ни го спроведоа преку промена на име, ама оние другите и те како дејствуваа, посветено, кој колку може, знае и умее, на некои поради тоа им се затворија сите врати во општеството, други сè уште невини скапуваат по затвори, но дури и вака несразмерно распоредени силите, не може да зборуваме за колективна вина, оти и во време Илинденско и среде Втора светска војна, исто така, само една десеттина од народот си ги жртвуваше удобноста и животите, само што тогаш тие успеаја, а ние сега ја загубивме битката.
А кога сме кај предци и потомци, ми прелета изјавата на Вилма Русковска, дама, интелектуалец, обвинител и дел од идентитетскиот холокауст врз Македонија, која му се обрати на Јане Ченто, маж што достоинствено, невин скапа по затвори за својата татковина поради судско-полицискиот монтиран процес за 27 април. Во стилот, „мојот чичко има поголем хеликоптер од твојот“, поранешната обвинителка ја праша својата жртва, кој му дава право повеќе да ја сака Македонија од неа, кога нејзините родители крвавеле во бугарски затвори и на Сремскиот фронт. Да ми се обратеше мене, дури и ќе разберев. Не можам да потврдам дека некои од моите предци крвавеле во војна, не дека сум им чепкал по биографии, оти не ме ни интересирало, ама да му поставиш вакво бесмислено прашање на внукот на Методија Андонов-Ченто, организатор на македонската револуција и претседател на АСНОМ, крајно е дегутантно. Секоја чест и почит за сите што крвавеле за Македонија, ама за тие да влезат во таква ситуација, некој морал да организира, а тоа бил токму дедо му на Јане. Нема да навлегувам во чудната прашална конструкција што почнува со „кој му дава право“, ама секако знам дека во правото не е дозволено заборавање обвинети во притвори, практикување лажни сведоци што менуваат искази како чорапи, вербални деликти преку реченици намерно на половина пресечени за да им се смени контекстот или судско-полициски местенки за некој да биде однесен од домашен во затворски притвор.
Моќта секогаш мисли дека само таа има право да им дава или да им одзема право на другите. Нашите судско-обвинителски институции од позиција на политичка моќ учествуваа во злосторничкото здружување против Македонија жртвувајќи човечки судбини, по што дел од вмрежената јавност оргазмично уживаше во злорадоста поради туѓата несреќа, ама ниту моќта, ниту јавноста можат да сфатат дека себежртвувањето за татковина и правда е слатко и вкусно страдање.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ