Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the td-cloud-library domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/kolumni/public_html/wp-includes/functions.php on line 6131
Пишува м-р Јанко Билбилоски: Професионалната ориентација и изборот на идна професија во современите услови на живеење | KOLUMNI.mk

Пишува м-р Јанко Билбилоски: Професионалната ориентација и изборот на идна професија во современите услови на живеење

Професионалната ориентација претставува комплексен и долгорочен процес кој има за цел да му помогне на ученикот да ги препознае сопствените способности, интереси, афинитети и лични вредности, и врз основа на нив да донесе правилна одлука при изборот на идно образование, а со самото тоа и професија. Во современите услови на живеење, ова прашање станува сè поактуелно, бидејќи општеството е изложено на брзи и динамични промени, посебно под влијание на технолошкиот развој, глобализацијата на општеството и промените на пазарот на трудот.

Денешните ученици не избираат само „занимање“, туку избира животен пат, социјална улога и можност за личен раст и развој. Изборот на самата професија повеќе не се заснова исклучиво на традиционални семејни насоки и влијанија или на општествени стереотипи, туку на личната потребата за приспособување кон свет кој постојано се менува, свет кој е динамичен и целосно непредвидлив. Токму затоа, професионалната ориентација се смета за еден од најважните сегменти на воспитно-образовниот процес. Но, колку на истиот му е дадено на важност, тоа е сосема друго прашање.

Современиот општествен живот и технолошкиот напредок како фактори

Современиот начин на живеење создава нови предизвици за младите генерации. Брзиот развој на технологијата, дигитализацијата, автоматизацијата и вештачката интелигенција го менуваат традиционалниот концепт на работното место и природата на многу професии. Пазарот на трудот повеќе не бара само основни знаења и вештини, туку бара мултидисциплинарност, дигитална писменост, креативност, флексибилност и способност за постојано учење. Едноставно кажано  „Човекот учи додека е жив“ доколку сака да биде во тек со општествените трендови и новиот начин на живеење.

Во овој контекст, се јавува и потребата учениците да развијат свест дека изборот на професија не е трајна одлука „за цел живот“, туку е процес на постојано надградување и адаптација. Во иднина, голем дел од работните места ќе се трансформираат, а некои ќе исчезнат, додека на нивна сметка ќе се создаваат нови професии кои денес можеби воопшто и не постојат. Денешните ученици, утрешните професионалци во разни области, треба да станат свесни дека новиот начин на живеење од нив ќе бара да бидат подготвени лесно да се адаптираат на новите предизвици кои ќе ги носи новиот начин на живеење.

Професии што згаснуваат и професии што се создаваат

Еден од најважните аспекти во современата професионална ориентација е создавањето свест кај учениците дека дел од професиите постепено згаснуваат или се заменуваат со нови технолошки решенија. Пример за тоа се професиите кои се поврзани со рутински и повторувачки работни задачи, кои лесно може да се автоматизираат.

Истовремено, се појавуваат нови професии поврзани со информатичката технологија, анализа на податоци, сајбер безбедност, развој на софтвер, дигитален маркетинг, роботика, биотехнологија и други современи научни дисциплини. Овие промени бараат од образовниот систем да го насочи ученикот не само кон „што сака да биде“, туку и кон тоа „што ќе биде потребно во иднина“. Затоа, ориентацијата мора да биде реалистична, заснована на информации, анализа на современите трендови и предвидување на идните потреби на општеството.

Важноста на професионалната ориентација во основно и средно образование

Професионалната ориентација на учениците не треба да започне само во завршните години од основното или средното образование, туку треба да биде континуиран процес. Во основното образование ориентацијата треба да има развојна функција: да ги поттикнува учениците да ги откриваат сопствените интереси, да ги препознаваат своите силни страни, да стекнуваат навики за учење и да развиваат позитивен став воопшто кон трудот и работата.

Во средното образование, професионалната ориентација треба да биде понасочена и продлабочена, со конкретни информации за образовните профили, можностите за продолжување на образованието, условите на пазарот на трудот и барањата на современите професии.

Важно е учениците да бидат „анимирани“ и мотивирани во двата образовни периода (основно и средно образование), бидејќи носењето одлука за идната професија е постепен процес. Прераното насочување без доволно информации може да доведе до погрешен избор, а доцното насочување може да создаде несигурност, страв и конфузија кај ученикот.

Афинитети, способности и желби на учениците

Клучен принцип во професионалната ориентација е индивидуалниот пристап. Секој ученик поседува различни способности, таленти, интереси и лични карактеристики. Некои ученици имаат развиени интелектуални способности и афинитети за научни дисциплини, други за уметност, трети за практични занимања, спорт или професии каде до израз доаѓаат комуникациски вештини.

Процесот на ориентација мора да се темели на:

  • самооценување на интересите,
  • анализа на способностите,
  • препознавање на личните вредности и мотивацијата,
  • развој на самодоверба и чувство на компетентност.

Желбата на ученикот е важен фактор, но таа не секогаш е доволна или реалистична доколку не е поткрепена со способности, труд и услови за нејзина реализација. Затоа, улогата на училиштето е да создаде рамнотежа меѓу желбата и реалните можности, без да се наруши мотивацијата и самопочитта на ученикот.

Истовремено, важно е учениците да се охрабрат да размислуваат пошироко: да не избираат професија само според моментална популарност и ефурочност меѓу врсниците, туку според долгорочната перспектива и личниот развој.

Улогата на училишната стручна служба

Училишната стручна служба (педагог, психолог, социјален работник и други стручни лица) има суштинска улога во професионалната ориентација. Таа претставува мост помеѓу ученикот, наставниците, родителите и општествените потреби.

Стручната служба може да придонесе преку:

  • психолошки тестирања и проценка на способности,
  • индивидуални и групни советувања,
  • работилници за развој на самоспознавање,
  • информации за образовни можности и професионални профили,
  • насочување кон реални избори согласно потенцијалите кои ги поседува ученикот.

Современата професионална ориентација бара стручната служба да работи систематски и континуирано, а не само во моментот кога ученикот треба да се запише во средно училиште или факултет. Во таа смисла, стручната служба треба да биде активен носител на кариерното советување во училиштето.

Улогата на одделенските раководители и наставниците

Професионалната ориентација не е задача само на стручната служба. Одделенските раководители и наставниците воопшто имаат непосреден и секојдневен контакт со учениците и можат најреално да ги согледаат нивните способности, интереси, работни навики и однесување.

Одделенскиот раководител е личност која може да создаде доверба кај ученикот, да го насочи кон реалистични цели и да биде посредник помеѓу ученикот и родителите. Наставниците, пак, преку предметната настава можат да поттикнат љубов кон одредена област и да ја препознаат природната склоност на ученикот кон неа.

Затоа, потребно е професионалната ориентација да биде заедничка одговорност на целокупниот наставен кадар. Во современото образование, наставникот не е само пренесувач на знаење, туку и ментор и советник во развојот на ученикот.

Професионалната ориентација како процес на создавање кариерна зрелост

Изборот на професија бара развој на кариерна зрелост – способност ученикот да носи одлуки, да планира, да анализира информации и да ги процени сопствените можности. Кариерната зрелост не се развива спонтано и еуфорично, туку се гради преку целиот воспитно-образовниот процес согласно когнитивниот и социјалниот развој на ученикот додека тој се наоѓа во училишните клупи за време на неговиот целокупен воспитно-образовен процес.

Денешните ученици се изложени на огромен број информации, но не секогаш умеат да ги обработат критички. Затоа, професионалната ориентација треба да вклучува развој на критичко мислење, способност за донесување одлуки и планирање на личниот развој.

Дополнително, важно е учениците да развијат свест за вредноста на трудот, одговорноста и упорноста, бидејќи современото општество бара професионалци кои лесно може да се приспособат и подготват за доживотно учење.

Како заклучок

Професионалната ориентација и изборот на идна професија во современите услови на живеење претставуваат значајно и актуелно прашање од суштинско значење за иднината на младите и развојот на општеството. Технолошкиот напредок, глобалните промени и трансформацијата на пазарот на трудот ја прават оваа област динамична и комплексна, барајќи нови пристапи во воспитно-образовниот процес.

Ориентацијата мора да започне уште во основното образование и да продолжи во средното образование како систематски и континуиран процес. Неопходно е да се почитуваат афинитетите, способностите и желбите на учениците, но истовремено да се обезбедат реални информации и стручна поддршка. Истот така битно е да им се предочат на учениците и нивните способности и силни страни (во што се тие добри).

Училишната стручна служба, одделенските раководители и сите наставници треба да имаат активна улога во создавањето свесни, мотивирани и информирани ученици кои ќе можат да направат избор на професија согласно своите потенцијали и со современите општествени текови.

Само преку ваков пристап може да се обезбеди успешна интеграција на младите во општеството и  создавање генерации кои ќе бидат подготвени за предизвиците кои ги носи иднината, во свет во кој некои професии исчезнуваат, а други постојано се создаваат и се развиваат.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Први мај – синтеза на глобалниот социјализам и македонскиот револуционерен дух – Denesen.mk

Д-р Мимоза РАЈЛ Синтеза на глобалниот социјализам и македонскиот револуционерен...

Trumpizam je postao samoubojstvo iz zasjede. Sprema mu se debakl

DOK SVET otaljava još jedan...

The Kremlin Fiddles While Tuapse Burns

No sooner had local officials declared that they had...

Gotovo 70 godina prkose Americi. Sad su pred potpunim kolapsom

KUBA, karipski otok koji je...