Дали навистина сме беспомошни? (прв дел)

Атанас Кирјаковски

Во 1967 година еден млад постдипломец шета низ темните и долги ходници на Универзитетот во Пенсилванија. Додека неговите чекори одекнуваат низ мермерното ехо, Мартин Селигман размислува за тоа зошто некои од неговите колеги честопати се пасивни, демотивирани, зошто лесно се откажуваат дури и од решавањето на наједноставните задачи и предизвици, зошто постојано се жалат како ништо не им оди од рака и како не можат да си ја променат „судбината“.

Од крајот на долгиот ходник се слуша спорадично кучешко лаење и квици. „Да побрзам, веќе ме чекаат да почнеме со експериментот“ – Мартин го забрзува својот од, притоа внимавајќи да не си го извалка белиот мантил од ѕидовите. Во лабораторијата, неговиот соработник Стив Маиер веќе го има поставено апаратусот – „шатл“ кутија чиј под е обложен со електрична решетка преку која повремено протекува струја (Слика 1). „Добро утро Стив, извини што доцнам“, промрморува Мартин. „Нема проблем, ајде, кучињата се веќе во кутијата“, одговара Стив.

Слика 1. Типична „шатл“ кутија која се користи во бихејвиорални екперименти за класично и инструментално учење со животни. На подот се наоѓаат решетки низ кои контролирано може да се пушта струја како стресор за животното кое се наоѓа во кутијата. Исто така кутијата може да содржи разни сигнализирачки елементи како на пр. ѕвонче, светилка, звучник, итн., кои слушат за сигнализација на опасност или каква и да е стимулација којашто дополнително следува. (Права: Rose M. Spielman, PhD, CC BY 4.0)

Во нивните експерименти, младите психолози ја тестираат идејата дали кучињата можат да научат да предвидат и избегнат електричен шок произведен од подната решетка во кутијата, прескокнувајќи од една во друга безструјна комора, врз основа на предупредувачки тон кој доаѓа претходно. На нивно длабоко вчудовидување, двајцата истражувачи забележуваат дека кучињата наместо да направат лесен прескок кон локацијата без електричен шок, некои од нив пасивно лежат цвикајќи, стутулени и во агонија, без притоа да направат обид да го избегнат непријатниот електричен стресор.

Листајќи ги своите лабораториски белешки, Мартин забележува дека оние кучиња кои не прават обид да го избегнат електричниот шок се истите оние кои претходно по случаен избор се нашле во друга екпериментална ситуација каде постојано биле изложувани на електрични шокови, но без можност нешто да направат во врска со тоа. Во тој момент младиот психолог сфаќа дека таквите кучиња станале „беспомошни“, односно научиле дека ништо не можат да направат за да ја запрат агонијата и не се обидуваат да се спасат ниту во новите околности во кои всушност многу лесно можат да се спасат.

И така се раѓа феноменот наречен „научена беспомошност“. Во формална смисла, научената беспомошност настанува откако едно животно е изложено на постојани и репетитивни стресори кои се вон негова контрола, при што тоа животно станува пасивно, летаргично и демотивирано, односно учи да биде беспомошно и не се обидува да се спаси дури и кога ќе се најде во нова стресна ситуација од која всушност може лесно да излезе.

Во студијата на Селигман и Маиер (1967) исто така биле вклучени и други групи на кучиња кои за разлика од беспомошната група, биле способни да научат да ја избегнуваат непријатната ситуација, односно да прескокнат во безбедната комора, пред сѐ бидејќи претходно имале прилика да го запрат шокирањето преку притискање на рачка, односно имале контрола врз ситуацијата. За разлика од нив, беспомошната група едноставно – остала беспомошна.

Според денешните етички стандарди ваков вид на третман на животните не би ги поминал етичките комисии, но благодарение на 60-тите и 70-тите години од минатиот век кога ваквите експерименти биле дозволени, науката стекнала исклучително важно знаење во однос на научената беспомошност за која сега е потврдено дека постои и кај други видови животни, како на пр. глодари, мачки, птици, риби, инсекти, примати – вклучително и човекот.

Еден од подоцнежните соработници на Селигман, Доналд Хирото, успева да го репродуцира овој ефект кај група студенти по психологија од Универзитетот во Портланд во 1974 година, кои наместо електричен шок, биле изложувани на непријатен и гласен звук. Групата на која претходно ѝ било дозволено да го исклучува непријатниот звук, односно имала контрола врз истиот, била далеку посупериорна во решавањето загатки од другата група која немала претходно контрола врз звукот, што води до заклучокот дека немањето контролата врз стресорите од околината влијае на способноста за резонирање и решавање на проблемите. Студијата на Хирото исто така покажала дека магнитудата на научената беспомошност делумно е функција и од локусот на контрола, кој може да биде внатрешен и надворешен. Луѓето со внатрешен локус на контрола веруваат дека имаат контрола врз своите животи, додека луѓе со надворешен локус на контрола веруваат дека нивните животи зависат од околностите и другите луѓе. Ефектот на научената беспомошност е доста помал кај луѓе со внатрешен локус на контрола.

Уште поинтересен е и фактот што научената беспомошност може да се предизвика и со далеку посуптилни експериментални манипулации отколку електрични шокови и непријатни тонови. Пример е студијата на Хирото и Селигман (1975) во која демонстрираат дека луѓето учат да бидат беспомошни дури и кога се изложени на нерешливи анаграми, односно нерешливи когнитивни задачи кои подоцна предизвикуваат брзо и рано откажување и пасивност во решавање на други релативно лесно решливи когнитивни задачи. Од поедноставените животни примери кои ја пресликуваат ваквата студија, честопати може да се забележат студенти и ученици кои лесно се откажуваат на испити и тестови поради претходни негативни искуства кога паднале на испит или пак добиле ниска оценка на тестот. Во видеото подолу, може да се погледне демонстрација на верзија од студијата на Хирото и Селигман со ученици кои се поделени без нивно знаење во две групи од кои едната добива „лесни“ анаграми за решавање, а другата група „тешки“ и погледнете како дури и со ваква едноставна манипулација може една група да се доведе во психолошка состојба на беспомошност (видеото е на англиски јазик).

Селигман во неговите постари години, согледувајќи ги разните студии за научената беспомошност кај животните и луѓето, го менува првобитниот впечаток дека научената беспомошност се стекнува преку некакво инструментално учење и доаѓа до заклучокот дека беспомошноста произлегува од негативна когнитивна интерпретација на аверзивните настани, односно беспомошноста настанува откако луѓето ќе научат да веруваат дека се беспомошни. Врз основа на ова сознание, Селигман дури и предлага дека механизмот на научената беспомошност е всушност иницијатор и модулатор на клиничките депресии.

Тука завршува првиот дел од оваа колумна. Наскоро следува и втор дел во кој се анализира како психолошкиот феномен на научена беспомошност се злоупотребува во општеството од страна на политичките структури и власта.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...