Деблокада на македонските евроинтеграции по хрватски терк – Pse jo?!

Петар Поп-Арсов

До пред некое време со големо внимание ги следевме изборите во Бугарија. Со внимание и надеж дека кај нашиот сосед ќе се случи нешто кое што ќе ги релаксира односите со Македонија и ќе ја заврши оваа ера на „добрососедство“ со потис и печат ставени од Заев и Борисов. Го испративме Каракачанов (веќе и го заборавивме), го испративме и Слави, дури и ликот на „прогресивниот“ Петков некако бледнее иако сè уште се препелка во калта на бугарската политичка реалност.

И така, избори по избори, веќе ни бројот не им го следиме, Бугарија никако да излезе на прав пат и да формира стабилна политичка влада која ќе ја дефинира вистинската определба на нејзините граѓани. Колку да знаеме со кого се, со кого сакаат да им биде државата?! Со партнерите од партнерствата во кои во моментов се членки или со другите каде што некогаш беа членки?

Со ЕУ и НАТО се, или со Русија? Никако да се решат! Теоретски гледано, мнозинството од нивните гласачи постојано поддржуваат политички опции кои во принцип се за ЕУ и НАТО, но никако нивните ЕУ-НАТО опции да најдат заеднички јазик и да формираат влада. Се некако не им оди, не се согласуваат, те ова не чини, те она не е добро и веќе во подолг временски интервал овозможуваат главниот збор да го има Румен Радев. Претседателот Радев, прорускиот политичар кој раководи со земја членка на ЕУ и НАТО во услови кога овие две организирани форми на држави активно се ангажирани во војната во Украина. Баш онака, бугарски!
Ќе помислам дека намерно го прават тоа?! Дека намерно се позиционираат во сивата зона на геополитиката чекајќи го исходот на војната во Украина. Онака, за секој случај. Не се знае кој ќе победи горе, па што си е сигурно, сигурно е. Немаме влада, не можеме ефикасно да донесуваме одлуки, не можеме со цел капацитет да им се придружиме на партнерите, и така. Класична бугарска политика.

Ако се работи за некоја народна мудрост, која како колективна свест се пресликува на изборните резултати во континуитет неколку изборни циклуси наназад заради заштита на нацијата, тоа е навистина брилијатно. Народот сам гласа во правец на пат позиција блокирајќи го процесот на формирање на влада?! Навистина интересен феномен! Но, доколку тоа е потпомогнато и од политичките елити на бугарските ЕУ-НАТО опции, е тоа е веќе нешто друго. Тоа е веќе организирана форма на делување на бугарската политика во правец на играње на улогата „ни риба, ни девојка“, чекајќи го исходот на играта од горе.

Шенген може да почека, еврозоната исто така, дури и привлечноста на европските финансиски фондови се со помала сила од силата на стравот и љубовта од и кон Русија.

Некако натака ми врти работава. Самите велат дека во однос на Македонија ја завршиле работата и веќе е извесно дека македонското прашање е недоволен параван зад кој можат да се кријат. Самите велат дека бугарските позиции кон Македонија веќе се европски позиции и како такви се дел од преговарачката рамка на ЕУ кон Македонија. Тука можат да одморат и да се фокусираат на тоа како да ги предриблаат оние што играат на големиот терен.

А ние?
Ние ќе се расправаме за уставните измени кои што ни ги наметнаа како обврска! Ќе си ги вадиме очите за обврската која што самите ја прифативме! Ни власта повеќе не негира дека сме влезени во процес на самоблокада. Тогаш кога ја критикувавме и опоменувавме дека со прифаќањето на францускиот предлог состојбата на самоблокада ќе стане наша реалност, тие велееа дека со самиот чин на прифаќањето на обврската за уставни измени всушност започнуваме со преговорите со ЕУ. Денес е очигледно е дека тоа беше лага, уште една во низата лаги поврзани со напредокот во процесот на евроинтеграциите која што ни ги сервираше оваа власт.

Од скоро го имаме хрватскиот модел на уставот на маса, како предлог даден од ВМРО. Поточно кажано, ја имаме преамбулата на хрватскиот устав која во себе содржи формула која во моментов претставува основа околу која внесувањето на Бугарите во уставот би било поддржано од потребниот двотретински цензус во Собранието. Ова е чекор напред! Испружена рака и чин на конструктивност демонстриран на македонската политичка сцена.

Хрватскиот модел како предлог покажа дека Бугарите воопшто не се, ниту пак биле проблем. Проблем сме ние, Македонците. Проблем е нашиот статус и дефиниција во рамки на Уставот на сопствената држава. Постојаните промени на Уставот, диктирани и наметнати под разни околности и притисоци го еродираа статусот на македонскиот народ до таа мера што веќе македонската држава станува непрепознатлива како матична држава на мнозинскиот народ, Македонците.

Симптоматично е тоа што СДСМ молчи во однос на хрватскиот модел. Молчат и другите релевантни политички партии од кои зависи целокупната постапка на промената на Уставот. За волја на вистината токму Ковачевски беше првиот кој јавно го посочи хрватскиот модел како излезна формула од македонската самоблокада. Зошто сега не се произнесува кога има подадена рака? Можеби се плаши од реакција на коалиционите партии од албанскиот кампус, особено од оној релевантниот дел кој и понатаму молчи и тактизира. Го оставаат Таравари и неговите партиски колеги да пласираат тези кои се далеку од европските вредности, стандарди и заеднички тенденции и аспирации кои што ги имаме во однос на ЕУ.

Го оставаат да го ползува нелегитимниот и криминално спроведен попис како аргумент кој го спротивставува на предлогот за примена на хрватскиот модел. Го оставаат да користи неевропска реторика враќајќи не далеку во минатото. Ги оставаат или намерно ги пуштаат во јавноста сопствените мегафони и платеници да толкуваат дека со примена на некои термини од хрватскиот устав ќе сме се врателе назад и ќе сме ги загрозиле правата на етничките заедници.

Пред некаде две, двеипол години пишував на оваа тема во една од моите претходни колумни (хиперлинк во прилог) и дадов свое видување за тоа како е дефиниран статусот на етникумите кои живеат во Македонија. Особено за етникумите и деловите од народи кои живеат во Македонија како малцинства.

Да се потсетиме:
„Национално малцинство или етничка заедница?
Во однос на дефиницијата на терминот национално малцинство, може да се каже дека дури ни Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа не содржи дефиниција за тоа што претставува национално малцинство. Причината е едноставна, сè уште не постои општа дефиниција за која се согласиле сите земји членки на Советот на Европа. Секоја земја располага со простор да процени кои групи граѓани треба да бидат опфатени со Конвенцијата на нејзината територија. Заради ваквата недореченост во однос на ова прашање има постојан конфликт и тужби пред Судот во Стразбур.

Терминот национално малцинство со кој се дефинира положбата на еден етникум во една држава, претставува сериозен статус на тој етникум во рамки на конкретната држава. Покрај малцинствата кои претставуваат дел од народ со сопствена национална држава, постојат и малцинства кои како народ во целина немаат сопствени национални држави. Најкарактеристичен пример за ваков тип на малцинство, присутен речиси во сите европски земји и пошироко е Ромскиот народ. Токму за таквите малцинства, најблиската и најточната дефиниција би бил терминот етничка заедница.

Тука доаѓаме до нашиот Охридски рамковен договор и неговиот двосмислен и експериментален карактер. По потпишувањето на овој договор, Македонија е дефинирана како држава на Македонскиот народ и делови на албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот и други народи. Текстот од Уставот во продолжение не го содржи терминот национално малцинство, туку во употреба е терминот етничка заедница. Во терминолошка смисла постои целосно изедначување на претставниците на народи кои имаат свои национални држави (албанците, србите, турците и бошњаците) и оние кои немаат (ромите и власите), и сите се сместени во поимот етничка заедница.

Доаѓаме до поентата!

Силните „борци за етнички права“, кои со војната од 2001 година предизвикаа уставни измени, го сведоа својот народ на етничка заедница. Испаѓа како македонските албанци, срби, турци итн. да немаат врска со нивните матични држави и не претставуваат нивно национално малцинство во Македонија, туку се некоја етничка творба која самата себе се дефинира под поимот албанец, србин, турчин итн. Откажувањето од терминот национално малцинство и прифаќањето на терминот етничка заедница дефинитивно беше чекор назад…

Многу експерименти и многу експериментални термини на оваа македонска земја. Многу понижувачки и пред се самопонижувачки термини со кои самите на себе си ја нанесуваме најголемата штета.“

Немам што да додадам на погоре кажаното. Само можам да заклучам дека сопствен прилог и придонес во македонскиот евроинтегративен процес треба да дадат сите етникуми кои живеат во Македонија, без разлика дали тие сакаат да останат на ниво на етничка заедница или пак да бидат третирани согласно светските стандарди како како дел од сопствениот народ, кој има сопствена национална држава, а кој живее во Македонија како национално малцинство.

А Бугарија? Бугарија зафатена со сопствените проблеми и мака како да се спаси од стегите во кои е ставена во геополитички контекст, ќе го чека исходот од македонската самоблокада. Ќе чека и постојано ќе мешетари надевајќи се дека ова прашање во скоро време нема да се реши. Барем не додека војуваат Русија и Украина. Не сум баш сигурен, поточно убеден сум дека Бугарија е таа која најмалку сака да го решиме ова прашање и да ги ставиме Бугарите во Уставот!

Македонската власт е на потег!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Му донесе на клубот три титули, а работи без договор!

Тренерот на Извиѓач, Тони Чолина, кој пред извесен...

Рајн Некар потврди: Кнор сака да си замине од тимот

Некогашниот учесник во Лигата на шампионите, Рајн Некар, објави...

Чурлевски најдобар стрелец против Дикен

Тимот на Грифк, каде што игра македонскиот интернационалец...

Маја Савиќ ќе биде нова селекторка на Црна Гора!?

Откако Црна Гора не успеа да обезбеди пласман...