Држава на живи мртовци – Нова Македонија

Македонија е колонизирана држава. Во најдобар случај. Во најлош, таа е протекторат со неофицијален намесник. Таа е само парче територија без трошка суверенитет, каде што животите на нејзините граѓани се управувани под диктат не само на намесникот туку и под диктат на условите што самите сме ги презеле со потпишување штетни договори со други држави. Кога се потпишувавме на писмото против Преспанскиот договор, кога се пројавувавме во јавност, кога пишувавме колумни против промената на името… бевме етикетирани како регресивни елементи, наспроти оние „прогресивните“, кои беа за Илон Маск, лекот за рак и интервенции во ДНК. Но, дојде денот кога којзнае по кој пат треба да кажеме – „нели ви рековме“!? И верувајте, непромислените импликации од следниот договор со Бугарија ќе бидат уште пострашни! Со тој договор Македонија ќе биде под целосен диктат на Бугарија! Ова парче територија повеќе ќе нема ни трошка сувереност и ќе биде владеано како вазалска територија од туѓи држави и за туѓи интереси. Колонизирањето ќе биде целосно и комплетно.
И оттука, во чисто теориска смисла, овој феномен може да се опсервира во рамките на она што се нарекува постколонијална критика или постколонијална теорија. Иако, се разбира, во една практична димензија, овој пристап за Балканот, а со тоа и за Македонија, би бил несоодветен од едноставна причина што овој простор никогаш не бил колонизиран во класична смисла, за сега на него да аплицираат концепти од постколонијалната критика. Но, теориската рамка на постколонијализмот е доволно широка за сепак да може да се опсервира на тој начин. Впрочем, како што веќе покажа Марија Тодорова во нејзината студија „Замислувајќи го Балканот“, позајмувајќи ја теориската рамка на Едвард Саид разработена во „Ориентализам“. Но, покрај овие, на сите нам добропознати теоретичари, за мене вистинско откритие беше едно африканско име – Ахил Мбебе (1957), нигеријки теоретичар, кој, надоврзувајќи се на Фуко, го сковал терминот „некрополитика“. Во истоимената книга од 2019 година, тој ја третира некрополитиката како социополитичка теорија за употребата на социјалната и политичката моќ, која диктира како некои луѓе можат да живеат, а како некои мора да умрат. Користењето на некрополитиката го создава она што Ахил Мбебе го нарекува „светови на смртта“ (death worlds) или „нови и уникатни форми на општествено постоење во кое огромни популации се подложени на услови за живот што им даваат статус на живи мртовци“.
И за мене нема посоодветен статус од оној што ѝ е даден, во нашиов случај, на „нашата земја“ на „севернава дивоградба “, од оној што го детектира Мбебе – живи мртовци! Ќе живеете – ни велат „вишата“ култура (западната), „островот на оазата“ (ЕУ) и соседите (со Преспа и бугарскиот договор), но под нашите услови. Ќе живеете само и единствено како „живи мртовци“, како зомби, како објекти, а не како субјекти – агенси на сопствениот живот. Територијата на која сте омеѓени ќе ви биде само тоа – територија на која тивко ќе умирате. Газа на Балканот!

Некрополитиката, и на неа соодветната некромоќ, е навистина адекватен термин што го објаснува совремието што го живееме, вклучувајќи ги и Балканот и Македонија. Мбебе, секако го конципира овој поим како теориска рамка за експликација на состојбите во Африка и Палестина, но чинам дека станува сè поподобен и за нашиот контекст. Се разбира, во споменатите региони се умира вистински, секојдневно, но во пошироката интерпретација на некрополитиката и некромоќта, можеме да кажеме дека слично ни се случува и овде. Имено, редуцирањето на животните услови, несигурноста на катадневната живеачка, живот под наметнати услови што ниту сме ги избрале, ниту на нив влијаеме, нè чини луѓе зомби, живи мртовци, кои еквилибрираат помеѓу животот и смртта. Дури и ако ова не е некрополитика, политика на смртта во смислата во која говори Мбебе, секако не е политика на животот. Овде секако не се води политика за живот, ами политика колку да не се умре, да се одржува привид на живот. И токму во оваа смисла може да се аплицира теоријата на некрополитиката на Мбебе. За него, некрополитиката не ги вклучува само поединците што ја искусуваат смртта, како во Газа, туку и оние што искусуваат политичка или социјална смрт. Поединците што не се суверени како резултат на оваа некрополитика не се мртви, но не се ниту вистински живи, оти немаат контрола над сопствените животи. Можноста на некрополитиката да ги подложи овие поединци на толкав степен на потчинетост е пример за некромоќ. И токму ваквата состојба, според Мбебе, креира зони на „живи мртовци“.
Нашето искуство е токму такво искуство на живи мртовци. Уште еднаш, да се вратиме на состојбата со личните документи за да го илустрираме ова: не знаете живи ли сте мртви ли сте, граѓанин ли сте, не ли сте, ве бројат ли, ве третираат ли за жив или за мртов. Апсурдистан! Ве запира полиција со „неважечка“ возачка дозвола, на која државата како гарант напишала дека важи!? Можете ли на суд за тој „прекршок“ за неважечката возачка дозвола да се вадите со „неважечката“ лична карта? Оти како ќе потврдите вашиот идентитет дека сте тој казнетиот за „неважечка“ возачка дозвола со „неважечка“ лична карта, која, патем, е потврда за идентитетот!? Важат ли банкнотите на кои пишува Република Македонија во држава што се вика Северна!?
Ако ова ви изгледа само апсурдно, почекајте да видите што ќе се случува по почетокот на имплементацијата на договорот со Бугарија (за ова подетално во следната колумна). Имплементацијата на договорот со Бугарија ќе биде и повеќе од гротескна и апсурдна – тоа ќе биде целосно одумирање на државата и креирање зона на живи мртовци! Сите процеси – од политика до образование и здравство – нема да бидат никакви објективни процеси на суштинско реформирање на тие сектори, туку единствено ќе бидат процеси на бугаризација, и сите општествени сили, наместо на креативни решенија за социјален и економски просперитет, креативно ќе ни одат на задоволување на „правата на Бугарите“.

Еднаш реков, уште еднаш повторувам, да не биде не сум рекол: албанското малцинство во Македонија ја имаше бројката, па го „доби“ Уставот, Бугарите ќе го добијат Уставот, па ќе ја направат бројката! И сите вие што денес од партиска позиција го браните договорот со Бугарија, за да си ги одбраните бедните функции, раководните места и ситните привилегии, први ќе зажалите за тоа. Затоа што немојте да мислите дека откако ќе го добијат Уставот, во процесот на „правење на бројката“ Бугари, тие, новоосвестените македонски Бугари, ќе ве остават вие да бидете министри, началници, судии или директори!? Ааа, не, не, обаче, како децениски „обесправени“, тие, новите Б`лгари, како „малцинство“, ќе бидат министри, началници, судии, директори, ректори, а вие нивни измеќари. Впрочем, еднаш го гледавме тој филм, зарем не!? То ест актуелен ни е, ни се развива пред носот, а по изборите уште повеќе ќе ни разјасни!
И така, конечно, ова парче територија ќе се претвори во Газа на Балканот, а нејзините жители во затвореници на сопствените договори, територија населена со живи мртовци! Нашиот затвор нема да биде како оној во Газа, омеѓен со бодликави жици, туку уште полош, оти меѓите ќе бидат во словото, во законите и конечно – во нашите глави! Токму за ова говори Мбебе кога говори за некрополитиката и некромоќта: некрополитиката е теорија за живите мртовци, според која одредени тела, одредени субјекти се присилени да бидат изоставени, да бидат суспендирани, да бидат лоцирани (или дислоцирани), некаде помеѓу животот и смртта! Тоа се нашите тела, тоа се нашите животи! Имате важечка лична карта а немате, ниту сте жив, ниту сте мртов! Граѓанин сте а не сте – во сопствената држава! Ова доброволно откажување од суверенитетот (самите доброволно потпишавме договори со кои ја ставивме државата во потчинетост и зависност од друга држава, што беше и целта на западните „партнери“, а за што исто така детално во следната колумна), е токму она што го зборува овој нигериски теоретичар, а што самите го искусуваме. И допрва ќе го искусуваме, особено по спроведувањето на договорот со Бугарија! Часот не е „пет до дванаесет“, туку се плашам да не е веќе „дванаесет и пет“! Затоа што веќе ја живееме некрополитиката, ја искусуваме некромоќта, во некродржава!

Трајче Стојанов

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ