Една постела за сите – Нова Македонија

Аве, Елини! Хаил, Хелас! Хелоу, Грикс! Па, кај сте бе, Грци? Фалевте, будалчиња. Се надевам дека на поголемиот дел Грци не им е животна преокупација да ги негираат нашето постоење и посебност, исто како и на обичниот бугарски народ, претпоставувам, затоа и моево обраќање е до нивните политичари полни европски цивилизациски вредности спакувани во уцени, закани, вета и ембарга. Значи стварно фалевте, другари Хелени. Воопшто не беше убаво од ваша страна да нè оставите само со Бугарите околу врат, оти заедно секогаш можете полесно да ни се качите на глава, нели?
Да не ме разбере погрешно интелектуалната бижутерија, тие имаат нежни мешиња, кои тешко варат небањати писанија како моиве, ништо лошо не мислам, напротив, на глава се качува качкет, на пример, а него секако го носат и мажи и жени и родово неутрални, така што, стварно бе, Грци, зошто нè оставивте со Бугарите? А што убаво се надополнувавте. Си реков, ете, завршија со нас работа грчкиве политичари, добија што сакаа и сега нè фрлија во прегратка на Бугарите, ама не, сум се излажал, вие секако сте биле тука, само сте го чекале вистинскиот момент и штом ние, Македонија, ете ве и вас, охи Македонија, Македонија ис Грис! Е па, велкам бек.
Не сум циничен, жими Диоген! Грчката и бугарската политика кон нас ја доживувам како просветителска научна фантастика. Нешто како Херберт Џорџ Велс и Роберт Земекис заедно. Кога ни се качуваат одеднаш, а не одвоено, на етапи, стануваат наша временска машина со која се враќаме во иднината. Нели само преку нив може да одиме таму, во иднината, во Европската Унија? Ние пак имаме минато идно време, па затоа кога тие ни помагаат да одиме во иднината, всушност нè носат во минатото, за да се соочиме со основата на нивните дејства произлезени од западноевропските вредности, односно нивните шовинистички пропаганди произлезени од империјално колонијалните апетити, при што Македонија е јаболко на раздорот (помеѓу големите империи) и паричка за поткусурување (со нивните новосоздадени миленичиња Грција, Бугарија и Србија), а тоа всушност е, ако се земат предвид термините јаболко и паричка, голема европска гастрономско-економска реформа.
Сега претпоставувам боде очи терминот шовинизам. Може одново да се вознемират нежните мешиња на интелектуална бижутерија и нивните надворешни стратегиски партнери по идеологија и грант-политика, па да крикнат, ете, Русјаков ги нарече Бугарија и Грција нацишовинисти, со таа ретроградна националистичка реторика нè оддалечува од евроатлантска иднина. Жими, автопстоперски водич низ галаксијата, без паника! Шовинизам и нацизам се обични термини, а ова се модерни времиња, политичката коректност на новата нормалност и тоа како знае да менува значења. Ако вчера педофилијата беше болест и кривично дело, веќе денес се лобира таа да стане сексуална ориентација. Исто и со шовинизмот. Кога јас не дозволувам насилно да ми соблекуваат идентитетски брендирана облека, веднаш сум етношовинист, а кога Грција и Бугарија ми негираат корен и постоење, нивниот шовинизам станува урбан и прогресивен како нова сексуална определба. Затоа, во тој модерен дух, кај нас дури почнаа и со автошовинизам, што му доаѓа еден вид самозадоволување при себенегирање како поддршка за шовинистите од соседството, оти тие се едно фино сексуално малцинство кое сака да води љубов само со партнери на кои претходно им го одзеле правото на идентитет. Исто е и со терминот нацизам.

До вчера тоа беше злосторство против човештвото, а денес е легитимна форма на борба против Русија.
Туку да се вратам јас на суштината, мојата благодарност до грчката политика што се врати во нашата постела, оти веќе си здосадивме со Бугарите. Мислам, со нив се вртиме во круг. Дајте историја! Што ќе ви е? Наша е. Аман истото и Грците го бараа, историјата веќе не е секси. Е па, дај тогаш јазик! Не давам ни јазик! И цело време тоа па тоа, сто и педесет години истото, дај јазик, па дај јазик, да си рече човек, ама запнале Бугариве да се лапаме, но од кај да знаеме, може ако (по)пуштиме (за) јазик, ќе нè фатат и за цицка. Затоа, еве ги, големите љубовџии, Грците, а ние сакаме да учиме баханалии од најискусните. Со нивно враќање во заедничка постела, одма е подруго, веднаш се гледа разлика. Уф, како само нè напали оној грчки парламентарец ,кој со страст на еден Донжуанис Казановас го запали Преспанскиот (предбрачен) договор со ЕУ, сакајќи да ни каже нема брак, сега има само да ве… си знаете што… во сите пози, при што ние веднаш почнавме да се влажниме. Сакате сега, сите заедно, да си играме доктори? Не си правете порнофилмови, не мислев така да си играме доктори. Доктор Грција и нејзината медицинска сестра (по идеали) Бугарија успешно ја завршија операцијата, пациентката Македонија е мртва, сега може да си ги разделат меѓу себе нејзините органи. Па да, што е важно ако Македонија е мртва, битно нејзиното трансплантирано срце да чука за и во Европската Унија.
Но, со враќање на Грците во заедничка постела, мора и да поправиме некои работи околу рамноправноста. Не е во ред само ние и Бугарите заедно да чествуваме, односно чувствуваме историја.

Треба и Грците да ни се придружат. Може да викнеме и други од соседството, па нека биде оргија. На пример, Филип е Македонец, а Олимпијада од Епир, Албанка. Од нивната љубов се роди најголемиот Грк на планетата. А Бугарите? Ним може да им го дадеме Аристотел, оти е роден во Македонија, Македонија е грчка, ама Македонците се Бугари, така? Само да внимаваат бидејќи од оваа страсна еротичност при размена на историска хемија со нас, да не заборават на сексуално преносливи болести, особено кога заедно го чувствуваме Гоце Делчев. Земајќи го од нас, а пренесувајќи си го меѓу себе, Грците и Бугарите може да се заразат со опасна болест, гротескалис безумнитис, страшен вирус што неверојатно брзо мутира од Преспански договор во бугарска рамка и обратно, при што симптомите од оваа зараза не може да се пофатат бидејќи заболениот запаѓа во тешка состојба во која Гоце Делчев е Македонец, ама каков… Македонец? Роден во Килкис, значи Грк, затоа што Македонците се Грци, односно Грците се Македонци, бидејќи Македонија е грчка, но имајќи предвид дека всушност тој е Бугарин, тогаш излегува дека Македонија е грчка Бугарија или бугарска Грција и… и нема крај на агонијата.
И што сакаше, Русјаков, да постигнеш со колумнава?
Реформа во образованието наречена една постела за сите. Спојувам запознавање на природата и новата нормалност на општеството со историја и сексуално образование.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Трикратниот освојувач на ЛШ ќе игра и на 37 години

Поранешниот репрезентативец на Германија, Тобијас Рајхман, ова лето...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...