И МСУ може да биде МоМА. Да сака!

Ако се обидам да направам некаква паралела, она што е МоМА за Њујорк, за Скопје е МСУ, единствениот музеј на современа уметност во Македонија. Отсекогаш сум го сакала овој музеј, но некако отсекогаш ми дејствувал празно. Толку прекрасен простор, а недоволно искористен. И си размислувам, ако отидете во денови кога нема некоја тековна изложба или ако сте странец, музејот ќе го свртите за дваесетина минути (во МоМА останав четири часа, и тоа само затоа што толку ми дозволуваше кондицијата). За тоа време само физички ќе протрчате низ празниот простор, останувајќи посиромашен за едно врвно искуство какво што би имале во секој друг светски музеј. А најпоразително е сознанието дека не станува збор за тоа дека музејот нема што да покаже, туку за тоа дека не се постојано изложени неговите меѓународни и национални збирки од близу шест илјади дела во сите уметнички медиуми

Да се посети Њујорк а да не се види МоМА е како на пример да отидете во Египет а да не ги видите пирамидите. Како проследувачка на уметноста и културата професионално, а лично како вечна вљубеничка во ликовната уметност, особено на современата, многу разбирливо прво на листата на места што треба да се видат по моето пристигнување во Големото Јаболко, некаде помеѓу две полупроспиени ноќи поради временската разлика, беше токму њујоршкиот Музеј на модерната уметност. Собрав сила и максимум концентрација да останам барем неколку часа во овој импресивен простор, кој може да се пофали со една од најзначајните колекции на современата и модерната уметност, поради што не залудно е рангиран меѓу највлијателните музеи во целиот свет.
Се наоѓа во срцето на Њујорк, во средиштето на Менхетн, во една од најурбаните и најфреквентни населби во градот (иако тука поинакви речиси и нема), на 53-та улица, помеѓу Петтата и Шестата авенија, сместен меѓу маркантни архитектонски зданија, каква што е впрочем и самата зграда во која се наоѓа музејот. Врвулица од луѓе, иако е понеделник и пик на работното време, а сепак посетителите најмалку се туристи. Богатата постојана колекција составена од фотографија, сликарство, графика, илустрација, архитектура, филм, дизајн, електронски медиуми, цртеж… редовно се прави поатрактивна со тоа што се организираат привремени изложби, проекции на филмови, трибини… Тоа е веројатно и причината што дури и њујорчани често наминуваат во овој жив простор, во кој можете да ја видите колекцијата од 200.000 дела од современата и модерната од сите делови на светот на површина од над 65.800 квадратни метри. Нема да набројувам чии сѐ дела има во збирката на музејот, ама доволно е да кажам дека нема значајно име од светот на современата уметност чиј опус не е презентиран тука.

Многупати сум пишувала за настаните во МоМА, особено во рубриката „Светот е сцена“, која повремено ја имаме на страниците на култура, но тоа секогаш биле преводни текстови. Ова е првпат да го правам тоа врз сопствено искуство. Нескромно ќе кажам дека имам посетено доста (поважните, секако) музеи низ Европа, па и во другите делови на светот, главно Азија, на Блискиот Исток и нешто малку во Јужна Америка, но МоМА некако посебно ме обзема. Еднакво силно како и самиот град. Сѐ уште не знам зошто, но ако некој сега ми рече да ги затворам очите и да си замислам како би изгледал совршениот музеј (инаку прашање што им го постави Себастијан Цихочки, куратор во Музејот на модерната уметност во Варшава, на светските уметници во проект што го спроведуваше организацијата „Прес ту егзит“ пред повеќе години), тогаш дефинитивно тоа би бил простор сличен на МоМА – современ музеј, простор на интегритет, маркантна збирка на дела, чудесна инспиративна структура, тим напредни кустоси, значителен буџет, управа што нуди безрезервна поддршка, современа зграда…
Ваквите замисли и соништа можеби се чинат светлосни години далеку од реалноста, особено нашата, но на прашањето на варшавскиот куратор има одговор. Во светот постојат многу музеи, импресивни по своите респектабилни колекции („Орси“ во Париз, руски „Ермитаж“, фирентински „Уфици“, шпански „Прадо“, секако париски „Лувр“…), но МоМА за мене веројатно ги исполнува сите предуслови да се окарактеризира како – совршен музеј, барем онака како што го замислува Цихочки, да биде чудесна, инспиративна структура изградена од прекрасен ум, кој знае да создава архитектура со концептуален и градежен интегритет, пространа градба што се шири во сите можни насоки…
Ако се обидам да направам некаква паралела, она што е МоМА за Њујорк, за Скопје е МСУ, единствениот музеј на современа уметност во Македонија. Отсекогаш сум го сакала овој музеј, но некако отсекогаш ми дејствувал празно. Толку прекрасен простор, а недоволно искористен. И си размислувам, ако отидете во денови кога нема некоја тековна изложба или ако сте странец, музејот ќе го свртите за дваесетина минути (во МоМА останав четири часа, и тоа само затоа што толку ми дозволуваше кондицијата) и за тоа време само физички ќе протрчате низ празниот простор, останувајќи посиромашен за едно врвно искуство какво што би имале во секој друг светски музеј. Најпоразително е сознанието дека не станува збор за тоа дека музејот нема што да покаже, туку за тоа дека не се постојано изложени неговите меѓународни и национални збирки од близу шест илјади дела во сите уметнички медиуми.

Во нив се делата на Пикасо, Калдер, Виктор Вазарели, Џаспер Џоунс, Фернан Леже, Бернар Бифе, Хенри Мур, Дејвид Хокни, како и на родоначалниците на македонската модерна – Димитар Пандилов-Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов… Уметничка збирка на која може да ѝ позавидат и некои светски музеи. И покрај неколкуте обиди постојано да биде изложена збирката на музејот, тоа се прави само повремено и само делумно, а делата се чуваат во депоата. Постојаната поставка треба да биде главната содржина во музејот, а тековните изложби, предавања, кинопроекции, концерти.. само дополнување и освежување во понудата за посетителите. Во МоМА, на пример, колекциите на музејот се распоредени на пет ката, а преостанатите два се користат за гостувачки изложби.

И покрај тоа, за љубителите на современото ликово творештво, МСУ во Скопје останува да биде најчудесната, најинспиративна музејска институција на современото ликовно творештво, архитектура што има свој концептуален и градежен интегритет. За жал, музејот во сите изминати децении не успева да ја исполни основната функција, па наместо тоа, останува да биде музејски простор со повремени изложби и збирки по депоата. Да не зборувам за тоа кога последен пат тука сме виделе некој од великаните на уметноста, како што беше поставката на Тони Крег во 1996 г., подоцна и на Хенри Мур, Салвадор Дали, Хана Хех… или на Марк Шагал (МСУ, 1995 г.), Виктор Вазарели (МСУ, 2008 г.) и Салвадор Дали (МСУ, 2009 г.). Оттука, музејот ќе мора да го редефинира својот начин на работа, затоа што вниманието на ликовната публика не може да се задржи само со ротација на делата од постојаната поставка еднаш на две-три години.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Трикратниот освојувач на ЛШ ќе игра и на 37 години

Поранешниот репрезентативец на Германија, Тобијас Рајхман, ова лето...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...