Како самите си ја ревидираме историјата (и со умисла ја загрозуваме македонската државност)?

Каков апсурд! Само замислете, во Скопје, главниот град на современата македонска држава, (пре)именувани се улици според личности што се бореле против Македонија и нејзиното државно оформување. Новите преименувања на улиците во суштина се поврзани со великоалбанската кауза за голема Албанија или големо Косово. Таков е и примерот со Општина Чаир, која свечено ја преименува улицата 191 во улица Сул Хотла

За старите народи херојот бил обичен човек, смртник, кој направил многу нешта непоимливи за човековото искуство и оставил бесмртен спомен зад себе по смртта. Секоја цивилизација, општество или држава низ историјата имале сопствени херои, херои што биле инспирација за достигнување поголеми височини, остварување незамисливи нешта и патоказ како човекот да триумфира над неволјите со кои се соочува. Хероите отсекогаш обединувале, бидејќи ги одразувале и ги одразуваат идеалите на заедницата, општеството, државата или нацијата. Тие се врската што создава чувство за заедништво и почит кон државата.
Каде сме ние во оваа приказна? Македонија како држава има сопствена историја и сопствени херои. Суштината на современата македонска држава беше формулирана врз идеолошките принципи на македонското револуционерно движење од крајот на 19 век, принципи што беа основа на антифашистичкото движење од Втората светска војна. Македонската борба за слобода и сопствена држава низ историјата беше лишена од шовинизам, односно од национална исклучивост и разгорување меѓунационална омраза.

Ова е особено евидентно во Уставот на Македонската револуционерна организација (МРО) од 1905 година, во кој се наведува дека целта е да се сплотат во единствена целина сите незадоволни елементи во Македонија „без разлика на народноста“, заради извојување целосна политичка автономија, како и дека ќе се води борба за „премавнување на шовинистичките пропаганди и национални караници“. Не случајно во овој дух е и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 2 август 1944 година, во која се наведува: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот“.
Тоа е суштината на современата македонска државност, слобода за македонскиот народ и афирмирање на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., но не врз принципот на национална исклучивост. Оттука, во темелите на македонската нација и државност засекогаш се врежани ликот и делото на националните херои од Дебар – Лиман Каба и Ибе Паликуќа, како и Бајрам Шабани од селото Липково, кој на албански јазик ги убедувал своите соговорници дека бугарската власт е ненародна и дека ги пљачкосува Албанците и Македонците. Затоа, покрај великиот македонски херој Гоце Делчев, кој велеше: „Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“, Каба и Ибе Паликуќа, како и Бајрам Шабани, заслужуваат свои споменици и имиња низ македонските плоштади и улици, впрочем тие се бореа за албанските национални права, но и за создавање македонска држава.
Да се насочиме кон суштината! Хероите треба да обединуваат, а не да разделуваат. Тие во себе треба да содржат заеднички содржател за сите, а не националистичка исклучивост. Затоа последните преименувања на улиците според одредени албански личности и настани се контроверзни и апсурдни. Новите преименувања на улиците во суштина се поврзани со великоалбанската кауза за голема Албанија или големо Косово. Таков е и примерот со Општина Чаир, која свечено ја преименува улицата 191 во улица Сул Хотла. Всушност, станува збор за Суљо Отља, кој во историјата е запаметен како соработник на бугарската окупаторска власт во Првата и Втората светска војна и како воен командант на „Бали комбетар“ (Национален фронт), но и како борец против македонското антифашистичко движење во реонот на Скопска Црна Гора.

Каков апсурд! Само замислете, во Скопје, главниот град на современата македонска држава, именувана е улица според личност што се борела против Македонија и нејзиното државно оформување. Во изминативе две децении некои од албанските историчари од Македонија се обидоа и сѐ уште се обидуваат да ги реафирмираат ликот и делото на Суљо Отља, како и суштината на албанската националистичка организација „Бали комбетар“, во смисла дека нивната дејност била поставена врз принципот на антикомунизмот!? Но како да забораваат дека Суљо Отља и „Бали комбетар“ беа профашистички ориентирани и не случајно соработуваа со италијанските и бугарските фашисти против интересите на Македонија. Апсурдно е преименувањето на улица според личност што се борела против интересите на македонскиот народ и неговите стремежи за слобода и државност.
Но нашите апсурдности не завршуваат тука! Улицата Втора македонска ударна бригада во Чаир беше преименувана во улица Адем Демачи. Идеолошки гледано, ликот и делото на Демачи немаат ништо суштинско со Скопје и македонската држава. Вистина е дека Адем Демачи е почитуван како косовскиот Нелсон Мандела, како човек што се залагал за косовската независност, но во суштина Демачи е идеолошкиот татко на великокосовскиот национализам, идеологија што во себе вклучува и грабнување македонски територии. Затоа преименувањата на улиците според Суљо Отља или Адем Демачи не го обединуваат македонското општество, туку, напротив, го разделуваат. Во суштина релативизирањето со ликот и делото на Отља или Адем Демачи е преседан за идни настани, како што се федерализација и нарушување на унитарноста на македонската држава.
На крајот, сосема природно се наметнува прашањето кој дозволи да се преименуваат улиците. Вистина е дека не траба да судиме, но не секој ја има доблеста на последните зборови на Исус од Назарет: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ Всушност, во нашиот случај некој свесно гласал за преименување на скопските улици, некој свесно ги погазил принципите на антифашистичката борба, некој свесно ја менува македонската историја, некој свесно ја загрозува македонската државност, без разлика дали станува збор за корупција, несовесност или предавство, предавство што се шири како вирус во сите пори на македонското државно суштествување.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ѓорѓески: Со максимален ангажман од сите играчи можеме до победа против Вардар

После тринеделната пауза поради репрезентативните обврски и завршницата...

Николов и Начевски со голем предизвик – ќе судат дуели за титула во Саудиска Арабија!

Македонските арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски пред...

Колумна: Мицкоски Versus Мицотакис – OhridNews

Абре таман сиромајот се фати на орото одма се...

Металург Автокоманда ја задржа перспективната Беровиќ

Share Левиот бек Таида Беровиќ и во следната сезона...