Кој ќе умре прв – Макронова Европа или Макронова Македонија?

Макрон им порачува на Европејците оти Европа е на пат да умре, сега треба да разберат каде се, да се сплотат и да создадат еден силен европски идентитет, а всушност Европа задоцни со тој проект. Затоа Македонија треба сериозно да ги разбере пораките на Макрон и да се сврти кон себеси, кон својот корен, кон своите интереси и кон својата нација. Сѐ друго ќе биде самоубиствено лутање без остварување на крајната цел – членство, па членство… Многу е висока членарината за тоа, ако биде членство, Македонци мои

Се чекаше говорот на Емануел Макрон, и тој го даде, од каде ако не од славниот Универзитет во Сорбона. Веројатно малкумина очекуваа дека ќе излета со мачни ставови, кои не се наменети само за Французите што седеле дома и во папучи го следеле говорот на претседателот на Француската Република. Следете ме и читајте ми од усни во Европа, во Кина, во САД, па и во Русија, имам нешто да ви кажам, порача Макрон.
Главната поента – Европската Унија не е бесмртна и таа може да умре ако не се престрои според новата глобална игра. Мора да стане фактор. Мора, ама како, Макрон не отиде докрај во објаснување или нудење конкретен план, како што го направи тоа порано кога понуди европска реформа и кога на долгогодишната кандидатка за членство – Македонија, ѝ понуди рамка за преговори, која во суштина значи, еве ви јаже и обесете се на првиот багрем. Политички десперадоси има секаде, па и во Македонија, ја прифатија рамката, па затоа, добро е по говорот на Макрон и ние малку посериозно да се замислиме каде сме тргнале и што носиме во куферите на патот за Брисел како наша сопственост.
Макрон беше помлад и поамбициозен, па некогаш не толку одамна зборуваше, ах тој голем сон, за Европа од Лисабон до Владивосток. Сега ја скуси Европа до Одеса, градот во кој некогаш престојувал македонскиот великан Крсте Петков Мисирков. Тоа е Европа, во тој мозаик секаде има понекое живописно македонско каменче.
Франција си има посебно сфаќање и за географијата. Да се потсетиме што зборуваше претходниот француски претседател Никола Саркози.
– Која е идејата зад Европа? Европа е унија на европски земји. Прашањето е многу едноставно, дури и во географска смисла, дали Турција е европска земја? Турција има само еден брег на Босфор во Европа. Може ли Турција да се смета за европска земја културно, историски и економски гледано? Ако го кажеме тоа, сакаме смрт на Европската Унија – рече тој.
Ако Макрон најавува смрт на Европа, да потсетам што некогаш зборуваше младиот Жак Ширак во далечната 1979 година: „Оваа Европа на немоќ, оваа Европа отворена како сито за сите кризи. Германско-американските интереси може да доминираат во оваа неевропска Европа. Оваа Европа, каде што мултинационалните компании ги диктираат своите закони на државите. Оваа Европа каде што Франција би била заглавена како во мочуриште. Го кажувам смирено и одлучно, но ние не ја прифаќаме оваа Европа!“

Тоа е таа бунтовна Франција, таа не сака да прифати нешто што нејзе не ѝ се допаѓа, како што сега истакнува Макрон: „Не сакаме да им бидеме вазали на Американците“.
Па, затоа тој, а еве и ние како дел од Европа, се прашуваме, може ли ЕУ да им парира на една Америка и на една Кина? Може ли да им парира на БРИКС, на Индија? Неизбежна ли е нејзината судбина да испадне од првата лига?
Макрон си признава – имаме цврст сојуз со Америка, арно ама не сме им приоритет, тие самите себеси се ставаат на прво место, па потоа Кина. Па, да, кога се зборува за Кина, зарем не е легитимно да се прашаме – а дали можеби еден ден ќе им бидеме вазали на Кинезите? Колку и да звучи застрашувачки, Кинезите повеќепати на големи форуми каде што се претставувал нивниот бизнис-модел зборувале дека „еден ден Американците ќе работат за нас“. И за крај, идејата Европа да создаде свој одбранбен бедем е стара, но сега повторена од Макрон, на која Русите деновиве се смеат. Веројатно имаат добри информации штом реагирале така.
Кога ние како Македонци го слушаме говорот на Макрон, кој сепак е лидер на моќна земја, ама не доволно моќен да ги режира глобалните текови, нормално е да се прашаме каде е нашето место во тие планови на Макрон? Имаме ли некоја шанса да не бидеме нечии вазали? Дали во нова Европа нѐ стокмиле само и само да им бидеме вазали на Грците? Ако е така, планот добро им оди.

Имаме ли шанси и имаме ли ум и разум да процениме дали кога сега сите зборуваат за тоа има или нема европски идентитет, ние одиме боси по трње шиткајќи го идентитетот пошто-зошто? Какви ќе влеземе во таа нова Европа, со кој идентитет? Дали сме свесни дека тоа што за по дома на глас викаме дека имаме функционален мултикултурен систем, на европскиот пазар всушност се скапани круши, кои никој не ги гледа, а камоли да ги купи. А наскоро ќе се случи кога и по дома веќе тој систем многумина јавно ќе го отфрлаат како некаков остаток од постапокалиптична бура што траела триесетина години.
Макрон им порачува на Европејците дека сега треба да разберат каде се, да се сплотат и да создадат еден силен европски идентитет, кој, како што стојат работите, е невозможно да се оствари. Големи им се егата! Всушност Европа задоцни со тој проект.
Затоа Македонија треба сериозно да ги разбере пораките на Макрон и да се сврти кон себеси, кон својот корен, кон своите интереси и кон својата нација. Сѐ друго ќе биде самоубиствено лутање без остварување на крајната цел – членство, па членство… Многу е висока членарината за тоа, ако биде членство, Македонци мои.

Христо Ивановски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

📷 Пелистерци не блескаа, но ја скокнаа првата Куп пречка

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување...

Стојановиќ: Се покажавме во добро светло против Еурофарм Пелистер

Тимот на Тиквеш не успеа да направи изненадување...

Стојановиќ: Се покажавме во добро светло, ростерот си го направи своето

Тимот на Тиквеш не успеа да направи изненадување...

Ангеловски: Играчки сме катастрофа, ќе мора подобро доколку сакаме трофеј

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување и...