Од заменска употреба на именката Македонија до нејзино целосно исфрлање

Политичките избори (локални, парламентарни или претседателски) секогаш се инвентивни во пораките до нивните гласачи, сакајќи да привлечат што поголемо внимание и окрупнување на гласачкото тело. Во таа насока, за лингвистичката наука особено интересни за анализа се слоганите што треба да го привлечат вниманието кон себе, односно да му го зголемат рејтингот на конкретен политички субјект.
По менување на официјалното име Република Македонија во Република С. Македонија, супституцијата (заменување на еден елемент со друг), како лингвистичка форма на изразување, го зазеде приматот во „инвентивноста“ околу замената на именката Македонија. Така, по менувањето на името многу често се среќаваат примери од типот: „Земјите на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија“. Со овој начин на супституција на именката Македонија се доаѓа до пејоративната тема на претпоставен магистерски труд: „Комбинацијата на симболи и букви/графеми како замена за именка при графичкото бележење на јазикот“. Понатаму, слична „инвентивност“ имаме и во следнава ситуација: „Нашата земја, нашата држава, вашата земја, вашата држава, земја(та), држава(та), граѓаните на земјата, државата (Македонија)“. Во овој случај, пак, имаме „инвентивност од повисоко ниво“, секако за претпоставен докторски труд, секако и овој пат со пејоративна нота: „Заменската употреба на именката ’Македонија‘ во јавниот говор со методи, постапки и начини за избегнување директна употреба на именка во реченицата“. Секако ова отвора многу работа за лингвистите што се занимаваат со теми од областа на современиот македонски јазик.

Што се однесува до одбегнување на именката Македонија во актуелниов предизборен процес (април/мај 2024), интересни за анализа се наративите „нашиот претседател“ на „нашата земја“ и „европски фонт“ и „европски претседател“.
Кај првиот случај се наметнува многу честата заменска употреба на именката Македонија со присвојната заменска придавка „нашата“, при што се наметнува безличноста како императив за посочување на Република Македонија, а тоа, пак, би го споредил со инфинитивот – неопределена глаголска форма што именува дејство или состојба без да укаже на лице, број или време. Значи, се наметнуваат неутрални форми за именување на државата, т.н. безличност со цел да се привлечат што поширок круг симпатизери, но притоа обезличувајќи се себеси.
Во вториот случај, пак, имаме целосно апстрахирање на именката Македонија, како таа воопшто и да не е предмет на интерес во предизборниот процес. Овде имаме вешта замена на утврдените европски вредности на местото од т.н. заостанати балкански навики, но не се посочува за која држава се работи. Тоа е разложениот наратив на пораката. Се прикажува заложба за Европската Унија, но не се нагласува субјектот што треба да влезе во тој сојуз. Зад тој наратив „европски претседател“ всушност се крие намерата за пресекување на колективната меморија за долговечноста на македонскиот континуитет. Лингвистички точно искажана мисла би било „Република Македонија во Европската Унија“.

Но ваквиот наратив на обезличување на македонското постоење не е нов. Така, Австро-Унгарија и Русија уште во 1897 година биле решени дека на територијата од Македонија се потребни поопсежни реформи, но тие не требало да го рушат воспоставеното статус кво. Во предвечерието на Илинденското востание, Македонија и македонското прашање биле клучниот елемент во рушењето на воспоставеното статус кво. Поради тоа, Австро-Унгарија и Русија исклучиво инсистирале територијата на османлиска Македонија да не биде групирана во една административна единица. Наместо терминот Македонија инсистирале да се користи терминот „Трите Вилаети“, наместо терминот „Македонци“ да се користи терминот „христијанско население“, наместо губернатор да се користи „генерален инспектор“ итн.
Но разликата меѓу „Трите Вилаети“ и „нашата земја“ е што првото е НАМЕТНАТО од надворешни фактори, а второто и ИЗБОР на Македонци по род, дополнително при донесена Одлука за прогласување на духовното културно добро – „Топонимија на Република Македонија“ за културно наследство од особено значење – поткатегорија од исклучително значење бр. 19-4445/16 од 15.9.2009 (Службен весник на РМ бр. 117/09). А, пак, македонското споменичко право за преименување на топоним во членот 32 став (2) точка 7 од Законот за заштита на културното наследство предвидел дека се работи за културно наследство во опасност, во конкретниот случај – посериозно нарушување на неговиот интегритет!

(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

📷 Пелистерци не блескаа, но ја скокнаа првата Куп пречка

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување...

Стојановиќ: Се покажавме во добро светло против Еурофарм Пелистер

Тимот на Тиквеш не успеа да направи изненадување...

Стојановиќ: Се покажавме во добро светло, ростерот си го направи своето

Тимот на Тиквеш не успеа да направи изненадување...

Ангеловски: Играчки сме катастрофа, ќе мора подобро доколку сакаме трофеј

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување и...