Колкава цена ќе плати ДУИ за кршење на меѓуетничкиот демократски пакт во Македонија?

Зошто ДУИ го наруши македонскиот уставен поредок и како ДУИ го изгази пактот на кој почиваше мултиетничката македонска демократија? Суштинскиот проблем на сите влади на Зоран Заев, од 2017, па вклучувајќи ја и оваа на Димитар Ковачевски, е отсуството на каков било демократски легитимитет за нивно владеење со Македонија. Зоран Заев никогаш не победи на демократски избори и граѓаните јасно отфрлуваа и отфрлуваат секаква можност тој да се најде во позиција на мандатар (или неговите аватари). Да не зборуваме, пак, за целиот домашен и меѓународен контекст што доведе воопшто до ситуација тој да биде во позиција да владее со Македонија. Покрај клучниот проблем со демократскиот легитимитет, владите на Зоран Заев влегоа во авантури со целосно редефинирање на македонската државност, повторно без никаква граѓанска поддршка, и тоа на одлуки со далекосежни последици, кои оставија сериозни лузни и создадоа непремостливи поделби во општеството. Веројатно полека ќе треба да ја вртиме јавната дебата за тоа што ќе се случува „денот потоа“, односно по конечниот пад на октроираните влади на Зоран Заев, но претходно ајде да навлеземе во дискусија за едно од најсензитивните прашања за Македонија, кое исто така е пренапрегнато и доведено до пукање поради неразумните политики од 2017 година, па сѐ до денес.
Меѓуетнички односи во Македонија, особено македонско–албанските односи, се една од критичните точки за македонската државност. Тука Македонија не е никаков специјален случај. Едноставно во културно разноликите општества секогаш е потребно да се вложува особено внимание никој да не биде исклучен од политиката, економијата и културата поради нејзиното или неговото етничко, јазично, верско, регионално, културно и друго потекло. Во демократските општества, пак, е нужно да се оневозможи надгласување на која било културна група. Македонската демократизација имаше една специфика со тоа што Албанците никогаш не беа надгласани во демократски избраните состави на Собранието, дури и пред рамковниот договор од 2001 година (поточно еднаш беа надгласани кога се носеше првиот македонски демократски устав, но веднаш утредента се поништи таа одлука). Овој меѓуетнички пакт да се избегне мајоризацијата на Албанците беше клучен за опстанокот на демократскиот поредок и на македонската државност.
Рамковниот договор ќе остане голема контроверзија во македонската историја и во македонската политика токму затоа што беше донесен додека зборуваше оружјето и под невиден меѓународен притисок. Претходниот демократски процес на урамнотежувањето на македонското општество, економија и култура, при што ќе бидат земени предвид барањата на етничките Албанци беше премногу бавен од 1990 до 2001 година, но беше жилав и одржлив. Секој чекор доаѓаше по бурна демократска расправа, како во општеството така и низ институциите, сè додека целосно не се исцрпеше дебатата. Тоа не беше случај со рамковниот договор и со процесите што произлегоа по неговото внесување во македонскиот уставен поредок. Често слушам аргументи „Зарем требаше да се стави рамковниот договор на референдум?“ и мојот одговор е секогаш позитивен, односно граѓаните требаше да се изјаснат. Доколку судот на народот беше негативен, тогаш ќе требаше да се пристапи кон ново договарање сè додека не се урамнотежеа стравовите на Македонците за растурање на нивната држава со барањата на Албанците за еднаквост, исто така, во нивната држава.

Некогашната Партија за демократски просперитет, тој изблик на албанското политичко будење во демократска Македонија, беше вистинската партија за интеграција на македонското општество. Декларацијата за рамноправен статус на Албанците во Македонија од 29 јули 1991 година останува и ден–денес клучен документ за албанските барања за рамноправност при дискусиите за македонскиот уставен систем. ПДП го застапуваше граѓанскиот концепт, со барање за институционална заштита на културната посебност на Албанците, но истовремено не бегаше од „одговорност за судбината на Македонија“. Клучна и критична точка во сите документи на ПДП е чинот на демократски избор и на демократска легитимација на поредокот, од каде што подоцна извираат и сите права.
ДУИ е федералистичка партија што цели да ја претвори Македонија во федерација на две заедници, а бега од граѓанскиот концепт „како ѓавол од крст“. Што би била поентата на постоење на една етничка и федералистичка партија при граѓански концепт на уредување на земјата и при заживеано граѓанско општество? Федерализмот на ДУИ значи дека тие се посредникот помеѓу граѓаните од албанската етничка заедница и институциите на државата. Затоа најдискриминирана група во Македонија се Албанците што не се членови на ДУИ.
Покрај федерализмот, Македонците од ДУИ ги одбива и нивниот етнички триумфализам. Не е никаква тајна дека ДУИ и Али Ахмети имаа специјални и тесни врски со САД и со ЕУ, односно со тоа што го подразбираме како „меѓународна заедница“ во Македонија. Ова произлегуваше од процената на американските и на европските дипломати дека ДУИ има капацитет да направи нови проблеми во Македонија доколку повторно се одлучи на оружено востание против државата. Али Ахмети грижливо го негуваше овој однос со „меѓународната заедница“ претставувајќи се себеси како гарант за мирот во Македонија. Негов стратегиски политички успех е тоа што маргиналната ДУИ (како и уште помаргиналните енверистички структури од каде што тој изворно доаѓаа) успеа да стане неизбежен владин партнер и да се вгради во сите државни институции.

Сепак сомнежите кај Македонците останаа. Прво, Али Ахмети никогаш не се извини за тоа што им го зеде мирот на сите македонски граѓани во 2001 година (тоа е, наедно, и единствениот лик што го загрози мирот на просторите на поранешна Југославија, а кој не беше процесиран од меѓународните кривични судови, но тоа е тема за некоја друга колумна). Второ, благодарение на ДУИ и на Али Ахмети имаме чуден политички систем каде што правната држава важи за сите граѓани на Македонија, освен за членовите на ДУИ. Па така, ако некој Македонец од Битола не плати три рати хипотека за стан, банката ќе му го одземе живеалиштето и ќе го продаде на лицитација, а видовме како симпатизери на ДУИ можеле да земат високи кредити и да не отплатат ниту една рата. Доколку некој Турчин од Радовиш се паркира на погрешно место тогаш пајакот ќе му го земе возилото, а ако ги нападне полицајците тој ќе биде приведен и ќе му се суди, но член на ДУИ нема да ја плати казната, а на претепаниот полицаецот ќе му извини што го вознемирил. Исто така, доколку некое албанско семејство од Битола не си ја плати сметката за струја веднаш ќе биде исклучено од приватизираниот „ЕСМ дистрибуција“, а за разлика од нив цела Македонија се чуди на дрскоста на слупчанци ем да не плаќаат струја ем да ја тероризираат целата држава со сите нејзини институции само затоа што на изборите се верни гласачи на ДУИ (башка што и јас и сите читатели на колумнава ја плаќаме струјата што слупчанци ја трошат преку формулите за пресметка на загуби на приватната компанија, кои се вградени во нашите сметки).
Трето, и веројатно најзначајно е прегласувањето. Јасно е зошто Американците и Европејците пристапиле кон специфичен политички систем во Македонија каде што за формирање власт е потребно мнозинство од сите пратеници и мнозинство од пратениците од малцинствата (читај од Албанците). Но уставната одредба да се спречи надгласување на Албанците по етнички клуч кога станува збор за етнички прашања подразбира и одговорност од албанските политички лидери да се спречи надгласување на Македонците за прашања што тие ги сметаат за критични за македонската државност. Македонците беа надгласани и за воведувањето на двојазичноста и за преименувањето на државата и потоа за бугарскиот предлог за промена на Уставот. Тука Али Ахмети ја напушти својата стратегиска промисла и влезе во авантура што сега многу скапо го чини.
Ароганцијата е најлош сојузник на секој политичар. Старите Латини имале една поговорка „Quo licet Iovi, non licet bovi“ („што му личи на Бога, не му доликува на еден обичен вол“), па Али Ахмети си помисли дека може да избегне од одговорноста за надгласувањето на Македонците затоа што тој, како политичар, е „Јупитер“ помеѓу „обични волови“. Пактот врз кој почиваше македонската демократија, да се оневозможи етничко надгласување, не беше скршен од октомври 1990 година, па сè до 2017 година. Али Ахмети е најодговорен за газењето на овој принцип, врз кој тој ја изгради сета своја политичка кариера и врз кој почива неговата политичка моќ. Двојното мнозинство, популарно наречено Бадинтерово мнозинство, е обесмислено по трите гласања во Собранието каде што Македонците беа надгласани по прашања што задираат длабоко во македонскиот идентитет и ја обесмислуваат македонската државност.

По следните парламентарни избори Македонија повторно ќе се врати на патеката на демократизацијата, ќе мора да ги обнови институциите на правната држава и повторно да го заживее уставниот поредок. Неизбежен дел од обновената демократизација ќе биде и дебатата за нарушениот пакт да се избегне надгласување на која било етничка заедница во Македонија. Јасно е дека Македонија е невозможна како држава со една фрустрирано и исклучено малцинство, но Македонија е незамислива како држава со бесно, фрустрирано и исклучено мнозинство. Без Али Ахмети и ДУИ не беше можна етнички мотивираната неправда кон Македонците. ДУИ мора да ја понесе одговорноста за кршење на пактот за ненадгласување и да ја исправи неправдата кон Македонците за целиот овој период по 2017 година. Тука лежи и одговорот на прашањето дали ДУИ ќе има коалициски потенцијал по следните избори.

Ивица Боцевски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Се подготвува спектакл – продадени 10.000 билети за последниот натпревар на Никола Карабатиќ

Легендарниот Никола Карабатиќ, кој во април ќе наполни...

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...