М.М. кој прв почна – Нова Македонија

Кампањата за претседателските избори тече со полн ек, а како што наближува првиот круг од изборите, така и наративите што ги шират кандидатите на митинзите низ земјава стануваат сѐ пожестоки.
Интересно е што сите кога им се додворуваат на гласачите секогаш го кажуваат она што луѓето сакаат да го слушнат, она што звучи убаво за уво, она од кое заигрува срцето, што го распламтува телото со некаков патриотски восклик, но кога ќе си заминат, кога рефлекторите и разгласите ќе се угасат, а дечките ќе дојдат да ја демонтираат импровизираната бина, енергијата исчезнува и сите сфаќаат дека можеби ова се повторно само празни ветувања какви што се изнаслушале изминатите три децении.
Но многумина веќе не паѓаат на тие празни ветувања, туку јасно порачуваат, ќе гласаме, ќе ви ја дадеме довербата, но ќе бидете вистински претседател на оваа држава оти таа функција не е протоколарна и минлива, туку претставува чест, чест за секој оној кому му е доверена, да го даде најдоброто од себе за својата држава и за своите граѓани.
Таква жртва конечно е потребно да направи оној што сака да биде вистински претседател на сите граѓани, да биде стамен лидер, фигура што ќе зрачи со аура на чесност, храброст, патриотизам, душогрижништво за сите, кој ќе излезе надвор од рамката, која во суштина и не постои кога се работи за визионери со идеи решени да ги остварат.
Најголемиот македонски револуционер своевремено кажа дека „светот го разбирал како поле за културен напредок меѓу народите“, излегувајќи уште тогаш надвор од какви било рамки, граници, географски и етнички поделби, зрачејќи со мудрост каква што повеќе од еден век ни недостига на овие простори.
Затоа и нашиот претседател треба да гледа пошироко од рамката на своите ингеренции, да се угледа на Гоцевите идеали, наместо да се држи слепо само до ингеренциите што му овозможуваат новогодишно обраќање пред пратениците, свикување Совет за безбедност, контрола на една безбедносна агенција и функција како врховен командант на вооружените сили. Дури и тие функции не ги користат како што треба.
Нејсе, не смее да заборави дека тој е претседател на државата, нејзин врвен репрезент. Дополнително, не е избран во Собрание за да изигрува само протоколарна маскота, туку добил мандат од граѓаните на непосредни избори и тоа му дава посебен легитимитет оти тој станува вистински народен трибун, народен бедем пред секоја лоша извршна власт. Тој е оној што треба да биде тасот на вагата, коректорот на лошите политики, кој ќе истапи секогаш во име на народот. А оној што истапува во име на народот, ја има моќта, ја има секогаш победата во свои раце.

Затоа да расчистиме, за претседателот нема ограничени ингеренции бидејќи ограничувањата постојат само во главите на оние што не се дораснати на функцијата што ја вршат. Токму така, зошто еден силен претседател да не побара да си ја направиме Европа дома, зошто мора слепо да се согласува со секоја владина одлука или да глуми фингирано спротивставување? Таквите евтини приказни веќе завршуваат, граѓаните не паѓаат на нив. Тие сакаат лидер, некој што ќе води и кому ќе му веруваат. Со еден таков народен кредибилитет, претседателот секогаш ќе може активно да се вклучи во сите политички збиднувања внатре во земјата и да биде клучен дел од решенијата, а не само нем посматрач на процесите што се одвиваат околу него. Со други зборови, тоа е улогата на лидерот, успешно да ги менаџира и политичките односи во земјата, да спречува генерирање на политички кризи и на тој начин да влијае за намалување на поделбите на општеството, кои од година на година стануваат сѐ поизразени.
Наместо за секоја кавга дома да викаме меѓународни посредници, претседателот треба да ги седне сите на маса и да не ги пушта да си заминат додека не се најде решение, кажано во спортски жаргон, да им дише во врат. Проблемите мора сами да си ги решаваме, оти кога други ни ги решаваат, секогаш излегуваат некакви франкенштајновски решенија од кои подоцна со години си ја чешаме главата.
Не функционира судството, па и тука претседателот може да го искористи својот авторитет бидејќи назначува луѓе во Судскиот совет. Од нив треба само да побара да работат како што треба, ако утврдат дека некој судија не работи како што треба, да го сменат. Доволно е од еден да почнат, па сите такви корумпирани судии и обвинители ќе почнат да паѓаат како кула од карти. Значи, некој треба да го иницира процесот, односно да ја извлече првата карта.

Претседателот треба да ги наметне своите идеи и во другите области, во здравството, во образованието, во економијата, оти за човек со идеи и желба за работа нема ограничувања. Ќе најде начини како и во тие области да иницира проекти, да ги мрдне работите од мртва точка, оти ако чека само на министерствата, тешко дека ќе мрднеме некаде. Доволно е да биде еден вид супервизор над реформските процеси. Ако види дека ги нема, нека се обрати во Собранието, нека побара одговори. Ако спикерот го игнорира и не закажува седница, нека свика прес-конференција, експертски панел, нека отвори дебата во јавноста за проблемите што некој не сака да ги решава и упорно ги турка под килим. А кога ќе почне да се зборува, ќе се знае кој прв почнал. Па после засегнатите нека го пцујат, ама џабе, работата тргнала.
За надвор воопшто да не дискутираме. Претседателот треба да ги прошири хоризонтите, да гледа малку подалеку од каде што му дофрла погледот. Посетите на Белград, Тирана, Приштина, Подгорица и на Сараево може да ги направи во секое време, се знае со луѓето таму, но требаат почести посети на Берлин, Париз, Мадрид, Рим (не само екскурзија за Свети Кирил и Методиј), па и Лондон, Прага, Варшава, а за Вашингтон е посебна приказна. Време е македонски претседател да се сретне со американски претседател, ама со сите салтанати, не само на разминување, со некое шмекерско намигнување, поттупнување по рамо на некој форум и слично. Ако сме веќе стратегиски партнери, да бидеме стратегиски партнери докрај. Улогата на претседателот во меѓународни рамки мора да биде многу поголема, односно тој да има поголеми ингеренции и активно да се вклучи во креирањето на надворешната политика. Па дури и да ги нема тие ингеренции, никој не го спречува да воспоставува комуникации со други претседатели на држави, да бара средби, да лобира, за да може да го презентира македонскиот став насекаде, наместо постојано да се чудиме како другите земји успеваат да се изборат за своите интереси, а ние не.
Затоа претседателот мора да гледа надвор од рамката, да не се ограничува со некакви ингеренции, туку постојано да ги проширува и надградува, да ја прави Владата завидлива на неговите успеси, а со тоа да ја мотивира и извршната власт да почне да се натпреварува со него. Кога двата запченика од извршната власт ќе почнат заедно да вртат, тогаш и земјата ќе почне да се движи напред, оти сите ќе работат за иста цел, за интересите на државата и на нејзините граѓани. Таква синхронизирана машина ни е потребна, за да не пцуе никој никого подоцна околу тоа кој прв почнал. Затоа сите да почнеме заедно и да не се пцуеме повеќе.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ