На Македонија не и треба евтина и долга театарска претстава

Колумна на Никола Тасев:

Политичкиот театар продолжува. Се игра претставата: ново мнозинство – реконстриуирана влада. Режисерите од ДУИ и СДСМ ја напишале драмава во многу продолженија, а башка и иновативна е: час е комедија, час е трагедија. И што е многу интересно во неа улога има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Не може да се прераскаже, ама од досега гледаното еве го сижето – На СДСМ и ДУИ им одговара театарот да е полн со луѓе, актерите да ги играат улогите, затоа што јавноста ќе се занимава – кој влегол кој излегол, кој министер или заменик чиј кадар бил и со кого бил близок. А за тоа време ќе се забораваат далеку поважните теми како инфлацијата, високата цена на струјата, задолжувањето и сиромаштијата, за кои власта покажа дека нема решение, ниту пак има желба да ги решава. Далеку поважно им е да ја замајува јавноста која ќе ракоплеска на актерите и со тоа ќе заборави дека всушност режисерите немаат идеја за добра и корисна претстава за Македонија.

А надвор од театарот, Македонија се задолжува за нови 600 милиони евра. Но за власта тоа е нормално. Како што е нормално дека одамна не сме слушнале некој да инвестира, да отвори нов бизнис, нови работни места. Патната инфраструктура е тема на власта на секои 3-4 месеци кога се даваат нови најави за завршување на одредени делници. Потоа самите не ги почитуваат роковите кои си ги поставуваат. А да зуцнеа нешто за иселувањето и да претставеа план како да се запре тој процес!

Што улога добија од ВМРО-ДПМНЕ во претставата? Нормално, споредната, а на моменти само како статисти – реквизитери. Имам впечаток дека и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и одговара да се губи време со темата реконструкција. Еве и тие пак ќе имаат шанса да кажат дека се за предвремени избори и да покажат дека не се успани во опозицискиот комфор, чекајќи народот да ја урне власта, а тие како „ослободители„ да седнат во владините фотељи. Дали некој на ова ракоплеска нека се замислат актерите?

Но што е со помалите партии – тие каде се во претставата? Особено оние од власта? Малите партии можат да направат голема работа и да бидат клучниот фактор за демократизирањето на општеството. Ама нив ги нема на театарските штици, освен Павле Трајанов на кого му се досади досегашната улога само завеста од театарот да ја пегла.

Ќе потрае театарот и по реконструкцијата изгледа. Ќе добие владата барем уште неколку месеци простор да додава нови сцени, а режисерите Ахмети и Ковачевски да продолжат со својата политика: „чекор напред – три назад“. Ќе добие и најголемата опозициска партија сатисфакција дека ете повторно се обидела да направи нешто за да ја урне владата.

Но што ќе добие Македонија, граѓаните, стопанството..? Ништо особено.

Оти, ниту оваа реконструкција ќе ги реши проблемите на граѓаните, ниту пак Ковачевски ќе биде поуспешен премиер. Прво, затоа што новите лица на една година пред редовните избори нема драстично да ја подобрат владината сликата за успешност, второ затоа што власта нема никаков план и стратегија и трето, затоа што премиерот и не ја составува владата – новите министри не ги бира сам, туку ги добива напишани на ливче од некојси коалициски партиски шеф?

Е додека тие шефови пишуваат ливчиња и сцени за во театарот, Македонија ќе се исселува, стопанството ќе се уништува, а задолжувањето ќе отиде до крајни граници… Затоа вистинската реконструкција треба да се случи на нови избори – и тоа веднаш, оти Македонија нема време да изгуби уште една година.

На Македонија не и треба итромански театар, туку работа за подобро утре.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Чаневски одличен, Макаби Ришон од второ место во полуфиналето на плеј-оф

Израелскиот шампион Макаби Ришон Ле Зион, каде што...

Митревски „спушти ролетна“, Порто ја надигра Бенфика на Талески

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски ја продолжи одличната...