Наместо новогодишна бајка – Република

Васко Шутаров

(Од Земјата на заборавените бајки)

 Сакав наместо колумна да напишам новогодишна бајка. Мои блиски со кои разменувам мислења околу тоа за што следно да пишувам, ме убедуваа дека некаква современа бајка би била вистинска работа за крај на годинава! „Доста беше пишување за грдото и лошото“, ми велат, „барем последната колумна од годинава на заминување нека биде лесна и топла, како новогодишна бајка!“

Која бајка? Каква бајка? За кого бајка?!

Да пишувам за „Грдото пајче“ или за „Девојчето со кибритчињата“, најпознатата новогодишна бајка од нашето детство или за илјадниците деца и возрасни од нашево небајковито денес, кои зимава ќе се греат како девојчето од бајката, онолку колку што трае едно чкрапнување и догорување на кибритчето? За Данска од првата половина на 19 век или за Македонија од првата половина на 21 век да пишувам? Да пишувам за Ханс Кристијан Андерсен, кој покрај сите таленти со кој бил обдараен – да глуми, да пишува романи, драми и песни, успеал да го оствари својот сон од бајките и станал познат и богат човек откога почнал да ги раскажува прочуените 160 приказни и бајки! Да пишувам за нашиве, неталентирани за ништо друго раскажувачи на бајки и приказни, кои за да живеат бајковито, раскажуваат секојдневно, 365 дена во годината дека: „Кај и да е, ќе нѐ биде, дека мора да ја биде, дека сигурно ќе нѐ биде?!“ И чуму тогаш уште една бајка, макар предновогодишна, во мноштвото од добри, а веќе заборавени стари бајки и едно мноштво новокомпонирани политички бајки за еднократна употреба, кои траат колку што трае пламенот од едно мало дрвено кибритче?!

Не успевајќи да пронајдам мотив во ниедна позната бајка за да раскажам некоја нова и модерна, наоѓам друг мотив, сосем случајно пребарувајќи по една од социјалните мрежи. Моја другарка од основно училиште, во еден текст посветен на нејзината мала, но позната бутик-винарија од мојот крај, раскажувајќи за нејзиниот татко, инаку еден од врвните енолози во нашиов регион и основач на винаријата, спомнува една голема и злато-вредна мисла што токму тој често ù ја кажувал. Добро паметам дека и од други добри домаќини-лозари сум ја слушал порано истава мудрост: „Земјата не можеш да ја лажеш – колку ќе ù дадеш, толку ќе ти даде!“

И да сакав, не можев да добијам побајковит лајт-мотив за последнава колумна на крајот од годинава! Бајката за земјата и за природата кои не може никој да ги излаже, бидејќи паметат и бидејќи секогаш давале онолку колку што им било давано! Од таа бајка, за облагородувањето на земјата и култивирањето на човекот, од тоа давање и земање што значи заемно обогатување настанал и човекот и неговата култура и светот во целина. Колку ù даваш, толку ќе ти даде и, притоа, никогаш нема да можеш да ја прелажеш! Во оваа длабока филозофска и животна мудрост е сокриена севкупната бајковитост на светот, врвната законитост на природата и светот, од праискона до денес!

Но, чуму законитостите на природата и нејзините најдлабоки тајни, кога општествените законитости, заедно сосе политичката, културната и воопшто животната реалност, имаат некои свои други бајки, приказни, наравоученија и тајни за нас и за светот околу нас?!

Ќе направам мала дигресија и ќе се присетам за момент на уште еден мој сограѓанин, кој исто како и познатиот енолог од Гевгелија (не е веќе меѓу живите). Академик Георги Старделов знаеше во одредени пригоди да ми каже, со немало исчудување, колку е специфична гевгелиската публика кон културата што ù се нуди. „Тоа е релативно мала група луѓе, некои 30-ина луѓе кои доаѓаат на сите настани од културата – и на книжевни и на ликовни и на музички настани и се толку благодарни и облагородени со култура и не оти се мои гевгеличани, но им нема рамни на овој свет“, кажуваше Старделов!

Енологот Јово Гелебешев, чија мисла пренесена од неговата ќерка Венера е моја мисла водилка низ овој текст, беше со години неизоставен дел од таа мала, но толку благородна и благодарна културна публика во Гевгелија. „Енолозите, се токму тие аристократи во земјоделието и облагородувањето на земјата, кои создаваат уметност!“, знаел тој често да каже. Има ли поубава бајка од овие мудри мисли за природата и човекот во неа, во таа хармонија во која се дава најдоброто и најкреативното од себе и од тоа се создава дело?! Да се остави дело, кое раскажано и денес звучи како бајка.

Кога општествата, државите и заедниците кои ги создаваме и во кои живееме би задржале барем нешто од најважново природно начело – колку даваш, толку ќе ти се даде, кога во нашиот општествен и воопшто социјален живот помалку би се лажеле и помалку би заборавале, денес ќе можевме да раскажуваме за уште многу неостварени сонови, приказни и бајки?! Или како што стои запишано од еден од најдобрите раскажувачи на приказни и бајки за возрасни, Душко Радовиќ: „Кога ќе посакате да ја плукнете својата земја, сетете се дека нејзината клима е добра, а ветровите благи, дека таа земја не е сушна и дека вие никогаш нема да бидете жедни, дека не е неплодна – бидејќи и семенка од џебот да ви падне, од неа нешто ќе никне!“ Но, давајте ù – за и таа да ви даде!

Природата и земјата паметат! Затоа и бајките поврзани со нив се вечни, а ние секогаш толку малечки и толку ситни, како нивни деца кои од тоа паметење треба да учиме и стануваме помудри во животот. Зошто тогаш, со така осознаената мудрост, не се однесуваме исто и со општествата, со државите и со заедниците кои ги создаваме и во кои живееме?! Зошто со Татковината да не се однесуваме како кон земјата и како кон природата?! Само ако доволно ù даваме, ако ù го даваме најдоброто и највредното од себе, да очекуваме и таа да ни даде, валоризирајќи ги соодветно и правично нашите квалитети и вредности, да го поттикнува и наградува себедавањето!

Природните законитости и општествените законитости не се пресликуваат по автоматизам, а паметењето на природата и паметењата во општествата, заедниците и државите си имаат свои специфични правила и законитости. Некои од нив ги осознаваме, а некои остануваат тајна, но за заборавноста во природата и општествата секако можеме да се согласиме дека ексклузивен изумител е човекот! Човекот, кој успева да ги заборави и најубавите бајки раскажани за него, но никогаш во својот историски развој не успеал да создаде општествен договор во кој би се воспоставиле такви правила на игра, право и правда какви што природата и земјата наложуваат, патем, создавајќи од својот живот бајка?!

Модерниот човек и модерниве времиња веќе долги децении великодушно се препуштаат на технологизираната и програмирана меморија, во едно скоро па комплетно роботизирано општествено однесување, па природата мора почесто да потсетува на отуѓувањето од неа, а и општествата после некое одложено време, според сопствените законитости, исто така мора да предупредуваат и потсетуваат кога отуѓувањата стануваат неподносливи и разорни по нивниот опстанок. Да се (на)враќаат токму на пресечните точки на човековото самозаборавање во прекумерното грабање и оскудното себедавање. Ова се тие изворишни места од каде ќе произлегуваат и ќе се раскажуваат модерните и футуристички бајки и оние пресечни точки за повторно воспоставување хармонија помеѓу човекот и природата, за хармонизацијата и хуманизирањето на односите во општествата, заедниците и државите.

……………….

Да си посакаме во Новата, колку и да звучи како утописка бајка, многу повеќе зеленило, а помалку пластика и ѓубре, повеќе шуми и гори, а помалку рудници и дивоградби, повеќе уредени крајбрежја и чисти корита, а помалку езера и реки во изумирање, повеќе обработени и култивирани земјоделски површини, а помалку запуштени или сосем напуштени полиња и ниви, повеќе чист воздух, повеќе сонце и ѕвезди на небото, а помалку отрови од кои секојдневно умираме на рати, повеќе дворови полни со цвеќе и држава стокмена како домаќински двор, помалку туѓи бели дворови и повеќе луѓе кои сакаат да останат овде и на својата држава да ù го даваат највредното од себе. Бидејќи и според најдобриот раскажувач на бајки, Ханс Кристијан Андерсен: „Чистотата е најдобрата убавина, а само да живееш, не е доволно – човекот има потреба од сонце, слобода и малку цвеќе“, зарем не?!

Да си посакаме во Новата, колку и да звучи како нестварна бајка, повеќе да се сакаме, да се почитуваме и да се помагаме меѓусебно, да се здушиме, повторно да се препознаеме и да се договориме, дека мора да се определиме и избориме за нови и потрајни вредности, само по етички, а не доминантно етнички принцип во градењето хармонизирано општество во кое ќе има подеднаки можности за сите, во кое секој ќе го дава најдоброто од себе и во кое тоа би се вреднувало на најдобар, најхуман и најправичен можен начин.

Зарем сѐ уште некој треба бајки да ни раскажува за тоа како да си ги зграпчиме и животите и уредиме природата и општеството и нашите заедници и нашата држава, да станеме посериозни, да се упристоиме и пораснеме и – во Новата и сите следни Нови години да покажеме дека, конечно, сме станале помудри, позрели, посмели, поскромни, поодговорни и пред сѐ, почовечни?! Зарем навистина уште чекаме преку бајка, раскажана преку седум планини и седум мориња далеку од Македонија, некој да ни го раскаже она најважното, дека ќе нѐ биде за не-знам-колку-години-ако-го-направиме-тоа-тоа-и-тоа…?!

Кога сѐ што ќе погледнеш може да стане бајка, а сѐ што ќе допреш, може да стане историја! Зарем навистина заборавивме и на оваа мисла-наравоучение од најдобриот раскажувач на приказни и бајки, Ханс Кристијан Андерсен?!

Среќна Нова!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Драчево со гол од пенал ги освои бодовите против Младост Богданци

Ракометарите на Драчево на свој терен успеаја да...

Веспрем повторно му одржа лекција на ПИК Сегед

Екипата на Веспрем денеска уште еднаш му покажа...

Магдебург гази се пред себе – на чекор до титула во Германија

Во дерби дуелот од 29. коло во Бундес...

Ustavni sud se ponio kukavički

POSTIZBORNI cirkus ulazi u svoj...