Зарем до сега не беа засукани ракавите во болното здравство?

Македонско здравство никако да оздрави. Хроничните болести не го оставаат: болници немаат пари ни да платат струја, немаат доволно апарати, пациенти не може да дојдат на ред за прегледи, многу киксови за време на епидемијата, нехигиена, слаба храна, нема градба на нови болници… Така е со години, лек не се најде за овие рани.

Се менуваат министрите, директорите, се менуваат моделите на финансирање, но болеста на здравствениот систем не се лекува. Од време на време некој нов министер одново ќе констатира дека состојбата не чини и дека треба да се менуваат работите. Така вчера и актуелниот министер за здравство Беким Сали откри дека не се добри состојбите во здравството.

-Состојбата во јавното здравство не е добра. Навистина треба да засукаме ракави и да размислиме како сакаме да продолжиме, изјави Сали за ТВ Телма.

Дијагнозата за болното здравство, значи, одново е поставена. И овој министер, како и повеќе негови претходници, направи преглед, скенирање, анамнеза… на здравствениот систем и дојде до иста дијагноза.

Дали воопшто беше потребно да се губи време на тоа кога тоа однапред се знаеше?Оттаму, прашање е што му значи пораката дека „треба да се засукаат ракавите“?

Зарем ракавите не се одамна засукани? Па ракавите нели ги сукаше и претходниот министер Филипче? Требаше одамна да се прави она што е потребно – да се градат нови болници, старите да се направат ефикасни, да се набават потребните уреди, да се обезбеди добар статус за лекарите и медицицински техничари, да се тргне политиката од здравството, да се троши рационално секој здравствен денар…

Наместо тоа, нашите надлежни уште си имаат дилеми каде да биде лоциран новиот Клинички центар, како да тргне изградбата на болницата во Штип, не се знае каде треба да има болница, а каде не, недоволно се извлекуваат поуки од пандемијата, организираноста крахира…

Дали здравството и понатаму ќе биде со куси ракави среде зима, па нема ниту да има потреба да се засукуваат?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ