Не ѝ личи на годините

Простете, ме фатија сосем неспремен. Јас стварно не знам како да почнам. Ми доаѓа да крикнам како на сликата на Мунк, ама со глас, „А бе што се случува, еј?“. Нордистанците од СДСМ ја пеат „Земјо македонска“. Онака со сите стихови и строфи, а не како со онаа глупата химна, па имаме и „земјо, турско ропска, Македонијо“ и „кој душман ќе влезе, жив нема да излезе Македонијо“, бидејќи, „ти го ставаш в гроб“.
Прва помисла. Добро, овие луди се? А само што почнавме преговори со Европската Унија, еве нè, на два чекора од членство, унијашите нè молат, а бе какви два чекора, влегувајте веднаш, со вашиот економски раст и силната борба со корупција и нас ќе ни рипне стандард, ама ние, не, јок, процедура си е процедура, ќе си ги изодиме оние два чекори, сеедно што веќе некое време и Интергалактичката Унија нè моли да влеземе кај нив и да ги опраиме, кога овие одеднаш, „Земјо македонска“. Па кај го има тоа? Ние веќе ѝ станавме иднина на иднината, кога одеднаш, стоп, кочи, има да се навраќаме на минатото од кое едвај успеавме да побегнеме.
Тоа само на почеток така се вознемирив. Потоа размислив. Ропска, а? Ами како? Окупирана и поробена од опозицијата. Не ги слушате вмроовците што пеат? Од уста не ги вадат ЕУ и НАТО, нонстоп верглаат едно, те исто, евроатлантски пат, па евроатлантски пат, а бе мртви ладни сакаат да нè направат при здрав разум ненормални и да нè убедат дека еден е изборот.
Факинг ЕУ и НАТО! Е затоа нордистанците им ја акнаа в лице, „Земјо македонска“, за да им покажат на вмроните дека имаме и друг избор. А-ха, знаете како валкано играат оние вмроовски фактчекери. Ти ќе кажеш, а бе какви ЕУ и НАТО, не гледате дека триесет години, од Лисабонска декларација до денес, ни спроведуваат идентитетски геноцид и они веднаш ти враќаат, ете го, руски бот, рубља-патриот, западнал под руско влијание. Е ај да ги видам сега! Они верглаат, ЕУ, НАТО, кога ваму, нордистанците, шљаас, „Земјо македонска“. Па да, нормално, нели Путин рече дека јазикот на сите Словени доаѓа од земјата македонска. Гледате дека имаме избор?
И не само тоа. Душмани, душмани… многу душмани има земјата македонска, ама нордистанците сите ќе ги стават в гроб. Веќе ги ставија. А што си мислевте вие? Откако ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција е власт во Нордистан, едно чудо душмани нагрнаа на кутрава наша земјичка, ама нордистанците сите ги сместија в гроб. Како? Едноставно, ги умреа од смеење. Што ли е само следно?
Ајде, сите заедно, свирчиња во ус… не, тупаница во небо и…
Нема правда, нема мир!

А бе каква „нема правда“ какви бакрачи? Ајде, сите, да ве слушнам…. НИКОГАШ СЕВЕРНА, САМО МАКЕДОНИЈА!
Затоа јас ќе си гласам за мојот претседател, а не за таму некоја горда… жена бе… жена… Која црна жена бе, луѓе? И со феминизмот се претера. Не може од кујна, право на претседателска функција. Па и во феминизмот има некој ред. Домаќинка, па инфлуенсерка, па борец… се извинувам… борка (не Талески) за правата на амазонските шуми да се чувствуваат како ветре што шумоли, па Грета Тумберг, па дури тогаш може да размислува за претседател… на некоја фејсбук-група женички. Ај жена, ама оваа вмровкава и во години. Во право се СДСМ. На што ќе личи тоа? Замислете како Гога скокотка или штипка гардисти! Па не ѝ личи на годините бе, брат. А види го, Стево, млад и прогресивен, патем патриот, жими крст и кандило. Башка вчера го фатив малку на интервју. Успеа да се демантира сам себе во дваесет минути што за мене е доказ за суштинска демократичност… внатре во него.
Жена… глупости! Ајде сега кажете ми дека сакате да видите две жени во втор круг. Гога и Билјана… па заедно имаат сто четириесет години, нормални ли сте вие? А да се угледавме малку на нашите стратегиски партнери? Бајден и Трамп, млади, згодни, потентни… мажишта со остра мисла. Затоа и ние ќе си избереме за втор круг двајца мажи и точка. Море јас да се прашувам во Собрание има да ги избираме тие двајца млади и прогресивни мажи, а потоа, во втор круг, ќе ги споиме во едно. Мојот европски претседател. Бујар Пендаровски. Или Стево Османи, сеедно. Оние во ЕУ толку ќе откачат на нашата креативност што веднаш ќе ја запалат „Фридом хаус“ за да не јадат многу… знаете што.
Запалат, а? Сакав малку и јас таговно да зајодлам. Читам како лелекате, па и мене ми дојде да се расплачам, ама простете, солзи немам да ве исплачам (Димитрија од „Диво месо“), оти ги потрошив солзите на Нотер Дам (Мартин Толовски од „Фејсбук“). Изгоре она што остана од Универзалната сала и заплакаа луѓенцата од Скопјенцето.
Јас ваква тага, вакви лелеци, мрсулавења и трескање од земја не видов речиси кај никој кога политичкиве одработувачи на туѓи агенди и фанатични пиромани ја запалија и пеплосаа Македонија во Нивици. И не само што ја запалија и пеплосаа туку и симболично ѝ се помочаа за да го згаснат огинот во кој ни изгореа коренот, постоењето и суштината. Додуша, факт, малку почнавте да мрчите, кога името Нордистан што требаше да ви ги плаќа сметките, направи проблем со пасошите, па ви ги помати големите планови да си го прчите на „краците“, ама и тоа беше онака килаво и млитаво, како што доликува на генерација чие највисоко духовно достигнување на нивните родители беше паролата „за две чрвени“, спрема жените кај нашиот источен сосед, кај чии синови, за иронија на вистината, сега сте спремни да си ги дадете ќерките, за овие да ви дозволат, еден ден, да можете да им се пувате на внуците лажејќи ги што сè сте правеле „за триесет евриќи“, низ Унијата.
А имаше еден лик што планираше да ја спаси Универзалната сала, ама он беше сељачиште, нели (?) што со гумени чизми цапа низ поплави додека вие ги фрлате своите „мудри“ гачки за него по социјални мрежи. Човекот имаше проект, ама тоа не се случи, оти срушивте режим со пенкало (од извори блиски на Дарт Вејдер, слушнав дека Бејли така си го вика „ласерот“) и проектот остана во фиоките на градската управа. Е ама, по него, дојде вашиот прогресивен гениј, урбаниот гуру под чии нозе се сопнува и гравитацијата и во духот на архитектонската авангарда ви изгради универз… ви посади ливада на плоштад. И како беше онаа стара народна… не, нова граѓанска… вчера ме гледа како теле пред шарена револуција, а денес пасе како теле на шарена ливада.
П.С. САД: Нордистан да го одржи духот на Преспанскиот договор.
ЈАС: За секој дух има и гоустбастерс.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ