Ново варварско доба – грубо, погрубо, најгрубо!

Васко Шутаров

Куќата на Колекционерот

Најслатките игри од моето детство не се одвиваа само низ нашите широки гевгелиски дворови; најслатките детски гревови сепак беа поврзани со нашите ненајавени исчезнувања надвор од градот, на Вардарскиот Рид.  Откривањето на бујната природа, опојот од борова шума помешан со мирисите на медитеранските билки покрај Вардар, откривањето на бункерите останати од војните, детските игри низ кои со невидена леснотија се претворавме во нашите тогашни филмски и стрип-херои, се првото сеќавање за првата детска магија поврзана со Ридот.

Вардарскиот Рид низ нашето младешко созревање стана најприродно место за други наши преоткривања – подобро место за иницирање во светот на возрасните не може млад човек ни да посака! Место денот, ноќта стана мегдан за наше освојување на Ридот со светкавиот и величенствен поглед на Гевгелија! Ноќе, тивко и нечујно како на мачкини стапала, уште полесно го освојувавме Ридот – и нашите први големи љубови! Во непосредна близина на падините на Ридот дискретно светкаа Мотелот и Кампингот, отворени за домашни гости и странски туристи, со ништо не нарушувајќи ја магично- свечената тишина на Ридот.

Години подоцна, едно лето кога од кампот преку ноќ исчезнаа туристите, ние повторно му се вративме на Ридот, веќе секој од нас со полни куфери нови животни искуства насобрани од разни светски меридијани, во опуштен боемски амбиент со распослани перничиња, летни коктели и амбиентална музика, повторно тивко споделувајќи ги нашите тајни, за убеденоста на секој од нас поединечно, дека мора да има некаква подлабока причина што нè врзува за ова магично место. Останатото потоа е чиста фактографија!

Набргу, по првите археолошки ископувања и откривањето на древниот град Гортинија, Вардарскиот Рид за нас и за Гевгелија стана вистинска гордост! Тоа што сите претпоставувавме, од првите детски игри, преку младешките иницијации во светот на возрасните, до тивките шепотења и споделувања тајни од светот на возрасните, (дека кој таму копнал и вреден спомен нашол), стана наша стварност! Ние најмагичните моменти од нашите животи сме ги  поминале врз затрупаните остатоци од една стара, толку моќна локална културна група, во историјата наречена Долновардарска или Гевгелиска, која уште Тукудит во 5 век п.н.е. ја спомнувал како Амфакситида – македонска област со градовите Гортинија, Еуроп и Аталанта. Нашите прапрапредци од Вардарскиот Рид биле животно и цивилизациски поврзани со градовите Еуроп и Аталантa! Каква длабока и животно важна приказна за магепсаните кругови околу кои во најголем дел се вртат нашите животни патеки и животни приказни – и ден денешен?!

Тие години, кога веќе се откриваше Гортинија и кога денешна Гевгелија се сплотуваше со неа во една една вистински длабока историска, културна и духовна приказна, некој „незнаен“ исцртал токму до срцето на Ридот, преку неговата т.н. Источна тераса, нова делница за модерен автопат, кој треба да води до границата со Грција. Тој модерен автопат низ кој и ден денешен поминуваат илјадници туристи на пат за Грција, веднаш доби модерно и интригантно име – Портата на Европа!

На делот од Ридот, до самиот брег однесен во воздух од градежната механизација, се открија бројни исклучително вредни археолошки наоди, меѓу кои и фасцинантната „Куќа на Колекционерот“, изградена 150-200 години пред Христа, за која археолозите велат дека е една од најубавите станбени згради од предримско време. Во нејзините шест соби се пронајдени грижливо сочувани предмети со исклучителни естетски вредности од различни временски периоди, постари и 450 до 500 години од времето кога куќата е градена. Овде, некој вредно колекционирал мали приврзоци во форма на птица и срна, монистри, украсни коски, декорирани чаши и сет за вино, теракотни фигури, мермерна скулптура на Афродита од славното Александрово доба! Некогашниот домаќин на таа куќа, денес науката, 23 века потоа, го нарекува „Колекционерот од Гортинија“ и го смета за еден од првите и најстари колекционери во Европа!

Пред денешната Порта на Европа, врз некогашниот моќен културен триаголник Гортинија-Еуроп-Аталанта, само во „Куќата на Колекционерот“ е пронајдена ризница од непроценливо културно и цивилизациско богатство, кое денешна Гевгелија и Македонија ги става на мапата со исклучително вредно европско културно наследство. Што од тоа непроценливо богатство одлетало засекогаш во воздух со градбата на автопатот Е-75, останува сè уште да лебди како тивка и трајна болка поврзана со Ридот?!

Надзорниот градежен инженер

Кога едно такво културно и цивилизациско недело еднаш поминало, зошто повторно да не се повтори – овој пат и законски поткрепено?! По старите рани од изгубеното вредно парче од Гортинија, по раните од дивеењата врз Скупи, околу Адвадуктот и низ Старата Скопска чаршија, дивеењата на мала врата, скоро нечујно, влегуваат во собраниска процедура по скратена постапка преку предлог-закон за измени на постоечкиот Закон за заштита на културното наследство! Ај што се протнува на мала врата типично шверцерски, туку на голема врата во најава се протнува и можноста за брутално насилство врз културното наследство, како можност за грубо варварство врз македонските културни вредности, без преседан во современиот свет!

Ако некогаш ваквите зла врз трајните вредности на државата (како што и уставно и законски се дефинира културното наследство во Македонија), се случуваа инцидентно и се покриваа барем со некакви стручни заштитни ископувања, со наизглед минорната измена во чл. 65 од постоечкиот закон која гласи: „доколку изведувачот на градежните работи дојде до археолошко наоѓалиште е должен веднаш истото да го пријави во надлежната културна установа за заштита“, се заобиколува стандардната процедура и преку членот 129 се редефинира задолжителната постапка за заштита! Што ќе рече, при градежни активности какви што се планираат со изградбата на Коридорот 8 (и сите слични такви?!), надлежните установи задолжени за заштита на културото наследство ќе бидат тргнати настрана, а потенцијалните археолошки откритија ќе бидат пријавувани кај надзорен градежен инженер, без при тоа да се нагласи за каков профил на инженер се работи?! Со оглед на скандалите поврзани со надзорот на овој стратешки важен патен коридор, нема да е тешко да се претпостават допирните точки на надзорниот градежен инженер со археологијата?! Може и затоа овие надзори, толку многу чинат, кој да знае?!

Тој „Надзорен“ треба да стане главен фактор кој ќе треба да ги обезбедува археолошките наоди и да го зачува местото и состојбата во кои тие се најдени?! И уште ќе биде овластен да утврдува дали на тоа место има културно наследство, лично да утврди што се нашло при ископувањето и градењето и што од најденото е уништено?! Надзорниот градежен инженер, наместо стручните лица од македонските установи, станува единствен и главен лик, случаен фактор за заштитата на македонското културно наследство! Попусто е човек да се крсти, кога на врата грубо тропаат  варвари!

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ која прва реагираше со соопштение по овој повод, констатира дека: „Зад овој Предлог-закон се кријат многу нешта. Со него, заштитата на македонското културно наследство ќе биде поставена на законските маргини. Токму со тоа, ќе биде дадено зелено светло за трајно уништување на македонското културно наследство“. А Македонското археолошко друштво, „вчудоневидено од дрскиот Предлог на група пратеници во Собранието на Р. Македонија”, ќе реагира со допис: „Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп–Битола) “.

Познавајќи го и признавајќи го значењето и интересот поврзан со изградбата на стратешки важниот инфраструктурен проект Коридор 8 на територијата на Р. Македонија, јавноста остана прилично воздржана (рака на срце и прилично неинформирана), кога во јули 2021 година се направени измени во Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на овој проект, иако уште тогаш можеше да се осуети дека еден став од членот 4 од тој закон, кој гласи: „Овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно кој се применува без оглед на други“ може да ја дерогира примената на бројни други закони и може да се случи ваков дар-мар во постоечкото македонско законодавство, каков што денес вистински се случува!

Овој „закон-надзакон“, за жал, не ги дерогира само постоечките македонски закони, туку е спротивен и на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, меѓу кои и на „Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство“ од Ла Валета, ратификувана од нашата држава во 2005 година. Оваа Конвенција многу јасно регулира: „задолжително известување на надлежните органи за случајните наоди на археолошко наследство и создавање услови за нивно натамошно прочување“, како и дека: „сите аспекти на постапување со археолошкото наследство како и неговото чување треба да бидат чувани од стручни лица“! Како што е измислениот надзорен градежен инспектор од нашиов случај?!

Бетон-идентитет! Асфалт-идентитет!

Овде ја заокружувам приказната за Куќата на Колекционерот и краткава дистописка приказна за „Надзорниот градежен инженер“! Пред 23 века, некој наш предок, посветено собирал и се грижел за богатството пронајдено околу темелите на неговиот дом и ни оставил богатство со кое и денес имаме право да се гордееме и легитимираме низ светот како наследници на една препознатлива и моќна европска цивилизација. Од нас се очекува да бидеме само достојни и посветени наследници на тоа наше непроцеливо културно богатство! Такви добри примери имаме доволно и во нашето непосредно соседство, доволно е само за момент да се присетиме со какво внимание и посветеност се истражува и се заштитува и во најстрогите центри на Солун или Софија, или да се присетиме како Србите градејќи го автопатот кон Македонија ја пролонгираа за кратко време изградбата, за да проектираат нови траси со заобиколница, околу случајно откриено неолитско наоѓалиште.

За жал, такви достојни и посветени власти кон културното наследство како трајна вредност на сите модерни општества и држави, не можат да се препознаат во моментов во властите на нашата земја! Имаме власти кои живеат во сласта на заблудата дека имаме загарантиран БЕТОН-ИДЕНТИТЕТ, кој од утре со ништо помала заблуденост можат да ни го продаваат како АСФАЛТ ИДЕНТИТЕТ! А бидејќи на сите светски јазици уништувачите на културното богатство се нарекувале и ќе се нарекуваат варвари, како такви ќе бидат запишани и запаметени сите оние кои ќе бидат дел од последниов варварски чин во најава, кон македонското културно наследство. Со име и презиме сите – до еден!

The post Ново варварско доба – грубо, погрубо, најгрубо! appeared first on Република.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ