Одржување на растот во услови на забавување на глобалната економија, инфлација и редистрибуција на доходот

Фатмир Бесими

Овој месец заедно со гувернерката на Народната банка учествувавме на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Станува збор за еден од двата најголеми годишни економски и финансиски настани, на кој креаторите на политики од целиот свет, меѓународните финансиски институции, инвеститорите, невладиниот сектор, дискутираат, дебатираат, мултилатерално и билатерално, за предизвиците, проектите и насоката во којашто се движи и треба да се движи економијата. Многу теми, како градење отпорност на економиите, генерирање раст, ефективно управување во време на криза, инвестиции во човечки капитал, забрзување на зелената транзиција и дигитализацијата, беа дел од дискусијата на овогодинешните средби. Сепак, фокусот остана на справувањето и проценката на ефектите од неколкуте кризи коишто се случија за кус период врз глобалната економија, како и ризиците коишто се сѐ уште присутни и кои можат да ја изместат од патот на закрепнување. Ја надминавме пандемијата, научивме многу, но пред светот се нови предизвици.

Глобално забавување на економскиот раст и инерцијата на инфлацијата

 

Тоа впрочем го отсликуваат и последните проекции на меѓународните финансиски институции за светската економија и регионот. „Отежнато заздравување “ (Rocky Recovery) – вака ММФ го наслови априлскиот “Светски економски преглед”, во којшто констатира дека процесот на опоравување од повеќето напоредни кризи никогаш не се очекувало да биде „пловидба по мирни води “. „Слаб раст, висока инфлација и криза предизвикана од трошоците за живот “, поописна во своите оценки е Светската банка, во насловот на последниот регионален економски преглед за Европа и Централна Азија. Сите проценки укажуваат на тоа дека иако навидум светската економија заздравува, заканите се сѐ уште присутни, вклучително и од новите превирања во финанскиот сектор.

 

Согласно последните, пролетни проекции на Меѓународниот монетарен фонд, растот на глобалната економија годинава ќе забави на 2,8% споредено со минатата година кога беше остварен раст од 3,4%. Следната, 2024 година, се очекува скромно забрзување на глобалната економија од 3%. Ова е впрочем најниската среднорочна проекција од 1990 година, како што нагласи и шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, непосредно пред Пролетните средби. Забавувањето на економскиот раст се должи на развиените економии, особено еврозоната и Обединетото Кралство. Инфлацијата се намалува, иако поспоро од она што иницијално се очекуваше, согласно проекциите од 8,7% во 2022 година ќе се намали на 7% годинава и 4,9% во 2024 година. Сепак, последните случувања со банките во САД и Европа нѐ потсетија колку е чувствителна ситуацијата. Исто така, инфлацијата се покажа многу „потврдоглава“ од очекувањата. Алтернативното сценарио на ММФ, со претпоставка за нови стресови во финансискиот сектор, предвидува раст на глобалната економија за 2,5% во 2023 година, што е најслаб економски резултат од 2001 година, исклучувајќи ја пандемиската 2020 година и Глобалната финансиска криза во 2009 година. Силното затегнување на финансиските услови е потенцијален ризик за кредитите и јавните финансии, особено за земјите во развој. Исто така, затегнувањето на финансиските услови ќе влијае на намалување на глобалната активност, поради намалената доверба и помалата потрошувачка и инвестиции. Тука се присутни и ризиците од активната војна во Украина и растечката геоекономска фрагментација.

 

Слични се и априлските проекции на Светската банка, која, исто така, очекува забавување на економската активност во 2023 година, како резултат на затегнатите финансиски услови и скорешните случувања во банкарскиот сектор во САД, што донесоа дополнителни ризици, вклучително и за еврозоната. Можните прелевања, како и поголемата претпазливост, се закана за пазарите и економиите во развој и за понатамошно забавувањње на економската активност. Услужната дејност изгледа дека е стабилизирана, што се огледа и од Индексот на менаџерите за набавка (Purchasing Managers’ Index – PMI) којшто во февруари 2023 по шест месеци се врати во позитива, главно поради силната активност во услужниот сектор. Сепак, ПМИ покажува дека активноста во производствениот сектор заостанува зад услужниот сектор. Се очекува дека реотварањето на кинеската економија ќе го поттикне глобалниот раст, но ефектот врз глобалната трговија ќе биде поскромен.

 

Забавување на економијата во регионот

 

Проекциите на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, доколку се исклучат Русија и Украина, како и Турција каде се случи катастрофален земјотрес, се дека растот ќе забави на 1,8%. Забавувањето на растот се должи на очекувањата за помала приватна потрошувачка и инвестиции, како резултат на дополнително затегнување на глобалните финансиски услови, помала надворешна побарувачка, како и на поупорната инфлација. Намалената надворешна побарувачка ќе влијае на извозот, бидејќи активноста во еврозоната продолжува да успорува, додека ефектите од реотварањето на кинеската економија се скромни. Очекувањата за раст на приватните инвестиции и странските директни инвестиции во земјите во развој не се преоптимистички. Од друга страна јавните инвестиции ќе бидат ограничени од потребата за фискална консолидација. Фискалната консолидација ќе биде приоритет за да се поврати фискалниот простор за повеќе земји во регионот, по значајната фискална поддршка која беше дадена од владите за надминување на енергетската и ценовната криза. Потрошувачката досега беше еден од двигателите на растот во регионот, но со оглед дека инфлацијата останува висока, а тука е и потребата за фискална консолидација, тешко дека таа ќе остане силна на краток рок.

 

И за регионот на Западен Балкан се проектира забавување на економската активност како резултат на прелевањето на ефектите од руската инвазија на Украина, пониската приватна потрошувачка, затегнатите глобални финансиски услови и намалената побарувачка од земјите од Европската Унија. Светската банка очекува растот да забави на 2,5% во 2023 година, од 3% раст во 2022 година. Растот ќе забрза умерено на 3,4% во периодот 2024-25 година. Сепак, изгледите за овие проекции се надолни имајќи го предвид ефектот на инфлацијата врз реалните приходи и однесувањето на потрошувачите, како и забавувањето на економската активност во еврозоната која е најголемиот трговски партнер на Западен Балкан. Ризик е и понатамошното затегнување на глобалните финансиски услови кои ќе го отежнат пристапот до финансии. Послабиот раст во еврозоната ќе ги намали и паричните дознаки од странство, што повторно ќе има влијание врз приватната потрошувачката кај земјите каде дознаките се традиционално високи. Со постпандемиското враќање на туристите во економиите кои традиционално зависат од туризмот, услужниот сектор зајакнува и во регионот на Западен Балкан.

 

Очекувања за домашната економија

 

Кога станува збор за нашата земја, по брзото и успешно закрепнување од пандемијата, енергетската криза и војната во Украина влијаеја на забавување на економскиот раст. Енергичниот одговор на Владата преку субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и дел од малите и средни компании, како и растот на минималната плата, амортизираа дел од овие глобални негативни ефекти. Во извештаите на Светската банка и на ММФ, се поздравува соодветниот одговор на инфлацијата преку спроведување на фискалната консолидација, како и преку затегнувањето на монетарната политика за да се закотват инфлациските очекувања. Соодветните политики беа основа и за подобрување на кредитниот рејтинг на земјава, односно на изгледите (од негативен во стабилен изглед), за првпат во изминатите четири години (според Агенцијата ФИЧ кредитниот рејтинг се оцени на ББ+ со стабилен изглед).

 

Како резултат на глобалните фактори, поврзани со инфлацијата и борбата со инфлацијата, Светската банка, исто како и владините проекции, очекува извесно забавување на растот во 2023 година во однос на 2022 година (раст 2,4%). Растот понатаму ќе забрзува со реализација на планираните крупни капитални инвестиции на државата, како и приливот на странски директни инвестиции, додека инфлацијата се очекува да опаѓа оваа и следната година. Сепак, натамошните случувања за нашата мала и отворена економија ќе бидат и понатаму тесно поврзани со нашите главни трговски партнери – Европската Унија. Светската банка согледува дека евроинтеграциските процеси ќе бидат ветер во грб за реализација на структурните реформи, како и забрзување на економскиот раст. Во оваа насока се спомнуваат и даночните реформи, насочени кон зголемување на даночната основа, зголемување на енергетската одржливост, активности за понатамошното поедноставување на регулативата за водење бизнис, зголемување на конкурентноста, зголемување на вклученоста на пазарот на труд, зајакнувањето на независноста на јавните институции и зелената транзиција.

 

Во насока на забрзување на економскиот раст во земјава е и Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој го користи мултипликативниот ефект за мобилизација на приватниот капитал, покрај јавните инвестиции. Преку нови инструменти и форми за финансирање, планирано е од година во година да се зголемуваат инвестициите, како јавните, така и приватните, што ќе креира додадена вредност во економијата и ќе влијае на забрзување на економскиот раст на посакуваните стапки од околу 5%.

 

Сиромашните и нискодоходните домаќинства – најпогодени од кризата заради зголемените трошоци на живот

 

Откако дадов преглед на тековните глобални и домашни случувања, би се навратил на генезата на проблемот – инфлацијата, која се преклопи со енергетската криза, но и сѐ уште видливите ефекти од пандемијата. По долг период на ниска инфлација нееднаквото пост-пандемиско опоравување на пазарот – понудата и побарувачката, како и руската инвазија на Украина, резултираа со висок раст на цените. Просечната годишна инфлација во регионот на Европа и Централна Азија во септември 2022 го достигна највисокото ниво во изминатите 23 години, додека домаќинствата се соочија со сериозна криза поврзана со трошоците за живот и негативното влијание врз реалниoт доход. Значајно повисоките трошоци за храна, енергенти, домувањето и услугите, влијаеја на влошување на животниот стандард на многу домаќинства, додека домаќинствата што претходно не беа сметани за сиромашни беа втурнати во сиромаштија.

 

Сепак, најпогодени од ценовната криза беа сиромашните и нискодоходните домаќинства. Светската банка укажува на тоа дека во земјите во развој домаќинствата што се наоѓаат во долните децили во дистрибуцијата на потрошувачката за два процентни поени почувствувале посилна инфлација од оние што се во високите децили. Во некои економии оваа разлика оди до 5 процентни поени. Кај поразвиените економии оваа разлика помеѓу најсиромашните и најбогатите домаќинства е сепак помала (околу 1,6 процентни поени). Кај нас, според извештајот на Светската банка за Западен Балкан, најсиромашните домаќинства ја почуствуваа инфлацијата посилно за 3,8 процентни поени во однос на просекот или за 6,6 процентни поени повеќе во однос на највисоките децили во дистрибуцијата на потрошувачката. Причината за ваквите разлики е бидејќи домаќинствата со помали приходи својата потрошувачка ја концентрираат на помалку стоки и услуги, во однос на подоходовните домаќинства. Доколку се разгледа потрошувачката на домаќинствата со најниски приходи, таа е концентрирана на прехранбени производи и домување, согласно тоа, последните ценовни притисоци врзани со основните прехранбени производи и енергентите имаа најголем ефект кај нив. Од аспект на прераспределбата на приходите, оваа криза придонесува кон понатамошно продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните.

 

Инфлацијата како причина за редистрибуцијата на доходот и богатството

 

Инфлацијата влијае на редистрибуција на доходот и богатството. Инфлацијата ги зголемува трошоците за живот и со тоа повеќе ги погодува домаќинствата со понизок доход и сиромашните, бидејќи основните намирници имаат поголемо учество во нивниот семеен буџет. Притоа, кај семејствата со повисок доход, учеството на основните намирници има помало учество во нивниот семеен буџет. Од друга страна, вредноста на капиталот во недвижни средства се зголемува, бидејќи побарувачката за нив за време на криза расте, како „заштита“ на вредноста на парите во услови на инфлација, одосно во услови на раст на цените. Со тоа богатите семејства кои имаат капитал во недвижности стануваат уште побогати. Преку оваа редистрибуција на доходот, средствата се алоцираат од помалку имотните семејства, кои би ги потрошиле средствата за своите животни потреби, кон семејствата кои имаат повеќе и би ги штеделе тие средства или како што ќе каже нобеловецот Џозеф Стиглиц „ги реалоциравме средствата од оние кои би ги потрошиле, кон оние кои нема да ги потрошат“. Ова придонесува кон понатамошно продлабочување на јазот помеѓу социјалните слоеви во општеството. Во 2020 година, согласно последните расположливи податоци објавени од Државниот завод за статистика се забележува зголемување на стапката на сиромашни како процент од населението за 0,2 процентни поени, односно од 21,6% на 21,8% (Лаекенски индикатори). Тоа е резултат од пандемијата кога се забележува раст на оваа стапка после неколку години опаѓање (во суштина во последните прикажани десет години стапката е значајно намалена за скоро 6 процентни поени). Инаку, во контекст на тврдењето погоре, во 2020 година стапката на невработеност продолжи да опаѓа, но затоа индексот на нееднаквоста (Џини коефициентот) порасна за 0,7 процентни поени. Инаку, вреди да се потенцира и дека за време на кризните години, во периодот од 2020-2023 година, како резултат на силните политики на Владата за задржување на работните места и отворање нови, невработеноста продолжи да опаѓа и го достигна најниското ниво досега (14,4%). Споредено со ЕУ (последните дадени податоци за 2021 година) стапката на сиромаштија е блиску до нивната медијана (21,7%), со тоа што интервалот помеѓу земјите членки кај нив е голем и се движи од 34% во Романија до 10% во Чешка. Покачување на процентот на стапката на сиромаштија се случува во 2020 година. Џини коефициентот на ЕУ, исто така, е околу 30%, додека стапката на невработеност согласно последните податоци за февруари годинава е на најниско ниво во последните 15 години од 6%.

 

Редистрибуцијата се случува и помеѓу економиите. Повисоката инфлација ги прави помалку конкурентни цените на производите, соодветно опаѓа нето-извозот со повисокиот раст на инфлацијата. Доколку пак стоките што се произведени од друга економија имаат пониска цена, тоа би значело дека увозот би растел. Од микроекономски аспект, со растот на цените растат и приходите на компаниите, но едновремено растат и трошоците за инпутите, што влијаат на профитот што го остваруваат. Во однос на економската активност и инвестицискиот циклус, инфлациските очекувања влијаат врз бизнис циклусот. Кога се очекува раст на цените во идниот период, се зголемуваат инвестициите заради придобивките што стопанствениците ќе ги имаат во разликата на цената од набавна до продажна (кај трговците) или инпутите и готовите производи (кај производителите). Тоа влијае и врз порастот на профитните маржи, што кај трговците се забележува повеќе заради побрзиот обрт на капиталот. Според статистиката кај нас, тоа се гледа преку зголемените инвестиции (за околу 7%) во втората половина од 2022 година, додека се очекува забавување на темпото во првиот квартал на 2023 година, како резултат на зголемени залихи минатата година, кога инфлацијата имаше нагорен тренд. Во 2023 година веќе трендот е надолен и стопанствениците очекуваат тоа да продолжи и во иднина, ги намалуваат залихите, со тоа и инвестициите, што се одразува на економската активност и растот на БДП. Исто така, во текот на 2022 година гледаме континуиран раст, од квартал во квартал на странските директни инвестиции којшто делумно се објаснува со реинвестирана добивка и зголемени залихи, но секако тое е резултат на зајакнување на инвестицисклиот циклус после ковид-кризата и привлекување нови странски директни инвестиции.

 

Инаку, скоро прочитав една многу интересна анализа за корелацијата на инфлацијата со профитните маржи, која се базира на податоци од Евростат и аналитичкиот центар на „Блумберг“, во која се поврзува дека земјите каде се установени највисоките профитни маржи, забележуваат и највисока инфлација во Европа, како на пример Литванија, Ирска итн. Ова впрочем беше забележано и од страна на Европската централна банка, дека високите профити на компаниите ги туркаат нагоре цените, како и платите. Секако, ваквата поставеност на темите е генерализирање на исклучоците, но интересно е за научна дебата и за носителите на економските политики. Притоа големо признание треба да се даде на бизнис заедницата за покажаната отпорност кон кризата и храброста за инвестициски зафати, како и иновативноста во нивните деловни решанија. Кризата секогаш е и нова можност.

Инфлацијата, исто така, врши дисторзија на релација кредитори и доверители, со тоа што при неочекувана инфлација, вредноста на долгот реално се намалува во однос на првичната вредност, а исто така и реалниот каматен трошок се намалува во услови на фиксни каматни стапки. Во насока на покривање на овој ефект банките ги компензираат евентуалните загуби заради обезвреднување на средствата во сооднос на обврските во нивните биланси преку повисоки активни каматни стапки во однос на пасивните каматни стапки на депозитите, со што остваруваат повисоки профитни маржи на краток рок. Според податоците на Народната банка во првиот квартал од 2023 година банките оствариле пораст на нивните профити во однос на претходната година.

 

Инфлацијата има и други финансиски, економски и социјални трошоци, како што се ризикот од шпекулации врз девизниот курс, високи трговски маржи, зголемување на неизвесноста за инвестиции, зголемена сиромаштија и многу други аспекти, но заради ограничениот простор тие ќе останат за некоја следна колумна. Во продолжение ќе дадам краток осврт на меѓународните и наши искуства, препораки и планирани економски политики и мерки за управување со кризата и одржување на економскиот раст.

 

Препораки и искуства на економски политики за управување со кризата и одржување на растот

 

Имајќи ги предвид негативните ефекти на инфлацијата, очекувањата за следните неколку години во глобалната економија се дека креаторите на политиките ќе бидат насочени кон борбата со инфлацијата по секоја цена – сѐ додека не се постигне целната инфлација. Главниот потег во борбата против инфлацијата е сузбивање на инфлациските очекувања и намалување на инфлацискта спирала преку затегнување на монетарната политика со повисоки каматни стапки, како и фискална консолидација преку намалување на јавната потрошувачка. Цената на овие политики е забавениот економски раст на краток рок. Но, во исто време, здравите фискални и монетарни политики во комбинација со структурните реформи ќе значат воспоставување стабилна макроекономска основа за оджлив економски раст на среден рок.

 

Со цел ублажување на ефектите од кризата во услови на фискална консолидација се продолжува со таргетирана помош кон ранливите категории и субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата. Зголемувањето на минималната плата и воведувањето на механизам за прилагодување, согласно трошоците на живот, и порастот на просечната плата е системско решение за заштита на нискодоходните категории на граѓани од инфлацијата. Наскоро, со две минимални плати ќе може да се наполни една минимапна потрошувачка кошничка, додека на пример пред неколку години беа потребни три минимални плати. Сличен механизам воведовме и со измените на законот за пензиите, како и законот за државна администрација за прилагодување со минималната плата. Се работи и на ново законско решеније за регулирање на платите на цел јавен сектор на начин што системски ќе се регулира заштита на животен стандард и следење на растот на економијата. Друг механизам на заштита на ранливите категории е гарантираниот минимален доход, како и други мерки како што се програмата за намалување на енергетска сиромаштија и други мерки. Исто така, се зголеми поддршката за стратешките земјоделски производи со цел обезбедување доволно домашно производство. Поддршка имаше и за малите и средни претпријатија и тие што се најпогодени од ценовната и енергетската криза во однос на цената на електрична енергија како и поволни кредитни линии за ликвидност и енергетска транзиција. За оваа година во имаме буџетот обезбедено околу 225 милиони евра (1,5% од БДП) како резерва за антикризни мерки кои ќе се користат според потребата.

 

Наша цел, покрај управување со ефектите од кризата, останува економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Притоа продолжува трендот на намалување на невработеноста и зголемување на платите во економијата, при што порастот на продуктивноста останува важен предизвик. Се зголемува поддршката за активни мерки во пзарот на трудот за поддршка на нови работни места и нови мерки за поддршка на младите во работниот процес, како што е успешната мерка „Гаранција за младите„. Продолжуваме со здрави економски политики и реформи со цел зајакнување на конкурентноста на домашната економија, преку подобрување на инфраструктурата, деловната клима, владеењето на правото, дигитализација, зелената транзиција и енергетската независност, како и зајакнување на човечкиот капитал како клучна компонента на растот и развојот на економијата.

 

Во услови на нарушени глобални синџири на додадена вредност и геоекономска фрагментација се отвора можност за привлекување нови странски директни инвестиции што ќе има дополнителен ефект врз економскиот раст во иднина. Тука продолжуваме со програмите за поддршка на домашните и странските инвестиции со фокус на тие што имаат поголема додадена вредност во производството, но и повеќе работни места со повисока образовна и професионална квалификација.

 

На крај, но сепак од исклучителна важност за развојните перспективи на земјата останува нашата цврста определба за ЕУ интеграција, која ќе има дополнителен импулс врз нашиот економски раст и развој во иднина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...