Рајатоски: Тешко ќе биде да стигнеме до плеј-оф, но не и невозможно – ќе ја користиме секоја шанса!

Еден од новите засилувања за претстојната сезона во Прилеп е поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Пеце Рајатоски, кој се очекува да биде од голема помош за амбициозниот тим.

Битолчанецот во Прилеп пристигна од редовите на Голден Арт и по вторпат ќе го облече дресот на тимот под Марковите Кули, со оглед на тоа дека во 2017 година беше дел од прилепскиот тим.

„Во тимот на Прилеп бев во 2017 година и од тогаш, па до сега, речиси сѐ е сменето, односно поразлично, од условите, управата на клубот, амбициите на екипата да расте од сезона во сезона… тогаш клубот едноставно се бореше да преживее и беше во многу лош финансиски период”, изјави Рајатоски.

Иако Прилеп е во тешка група, искусниот ракометар истакна дека неговиот тим на секој натпревар ќе атакува на освојување на бодовите.

„Сите знаеме кои се Еурофарм Пелистер и Вардар, екипите на Бутел Скопје и Пролет повеќе години се константно во плеј-офот и се главни кандидати за едни од местата кои водат во разигрувањето за титулата. Голден Арт е млада и амбициозна екипа која ќе сака оваа сезона да се замеша во битката за плеј-офот а истото важи и за Мулти Есенс, иако оваа екипа е доста помлада и понеискусна. Ќе одиме да се надигруваме со сите и ќе бараме шанса за бодови со секоја екипа”,вели Рајатоски.

29-годишниот ракометар мисијата за пласман во плеј-оф фазата ја гледа како возможна, но за тоа ќе треба максимално да се одработи на секој натпревар.

„Сѐ е возможно во спортот, ние сме нова екипа и потребно ни е време за да се воиграме. Искрено, ние сме во тешка група, но ќе се бориме да ја искористиме секоја шанса, па ќе видиме како ќе завршиме на крајот од регуларниот дел од новата сезона. Би било екстра да влеземе во плеј-офот, што е многу тешко, но не и невозможно. Доколку тоа не се случи, ќе продолжиме да бидиме мотивирани на секој дуел и ќе се бориме за првото место во групата за опстанок”, продолжи Рајатоски.

Тој е задоволен од сегашните услови во неговиот стар-нов клуб.

„Сега за сега, се оди во најдобар ред, имаме одлични услови за тренинг, одигравме и контролни дуели, полека се составуваме како екипа и се надевам подготовени ќе го дочекаме стартот на сезоната. Пред да потпишам за Прилеп имав и други понуди, но Прилеп прави нов проект и некако се одлучив да бидам поблиску до дома”, заврши Рајатоски.

Ракометарите на Прилеп сезоната ќе ја стартуваат пред домашната публика со дуел против Бутел Скопје.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Македонија од трет шешир во ждрепка – може да игра во Хернинг, Осло, Загреб…

Светската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката...

Ѓорѓески: Со максимален ангажман од сите играчи можеме до победа против Вардар

После тринеделната пауза поради репрезентативните обврски и завршницата...

Николов и Начевски со голем предизвик – ќе судат дуели за титула во Саудиска Арабија!

Македонските арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски пред...