Секој ден најави за лажни бомби, ама секој ден и политичарите објаснуваат…

Покрај разните бомбастични афери, во Македонија последните месеци одекнуваат и лажните дојави за бомби. Речиси и да не помина ден, минативе два месеци, а да не беше дојавено дека, најчесто во некое училиште, има поставено бомба. Тоа ги растрча полицајците. Тоа ги натера врвните политичари во земјата да даваат разни објаснувања, уверувања…. Има ли ефект од тоа?

Прво беа погодени средните училиштата во Скопје, а потоа како некој вирус дојавите за лажни бомби почнаа да се шират до голем број на држани институции и трговски центри. Сторителите не се откриени.

Од полицијата поточно од министерот Оливер Спасовски амбициозно уште на почетокот беше најавено дека за брзо време ќе биде откриено кој се лажните дојавувачи. Тој кажа дека лажните дојави за бомби се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава и дека МВР ги знае мејловите и знае од каде се пратени.

– Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот, ќе изјави тогаш Спасовски.

Но помина долго време, заканите продолжија, откривањето на сторителите не се случи.

Премиерот Димитар Ковачевски пред некој ден кажа малку поразлично дека скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, заканите биле резултат на хибридна војна.

– Кај голем дел од овие дојави се работи за випиен врски хостирани во странство, при што речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи випиените се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби, истакна Ковачевски и додаде дека на вакви закани биле изложени и земјите во соседството, но и подалечни држави како Канада и Нов Зеланд.

Денеска се јави и Претседателот Стево Пендаровски кој смета дека нема потреба од свикување на Советот за безбедност поради  дојавите за бомби. Тој нагласи дека дојавите стигнуваат од ИП-адреси кои најчесто се од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето што менаџираат со овие адреси.

Денеска пак даде изјава и министерот Спасовски кој објасни дека МВР соработува со сите меѓународни партнери, кои биле известени за заканите за бомби.

-Работиме со партнерите, но не секогаш е едноставно да дојдете до решението, рече Спасовски.

И така. Секој ден Македонија добива закани за бомби, секој ден граѓаните добиваат и изјави од одговорните политичари дека се ќе биде во ред…

 

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ