ШТО Е МАЛКУ, ПРЕМАЛКУ Е!!! – Kurir.mk

Вчера беше меѓународен Ден на студентите. Во знак на протест, македонските студенти организираа марш, на кој се придружиле и средношколците, како идни студенти кои се загрижени за својата иднина.

Протестот завршил со едноминутен молк. Обично, едноминутен молк се оддава како знак на почит кон некој починат. Дали кај нас студентскиот стандард почина или има надеж за негова реанимација?!?

Ако се раководиме од последната несреќна изјава на првиот во државава, која секако дека не е прва, а не очекувам да остане последна, тогаш можеме и пченица да свариме и да ја раздадеме на(за) сите студенти. Замислете, Претседателот на државава не би го пуштил својот син – студент да престојува во некој македонски студентски дом, доколку не живееле во Скопје. Можеби Претседателот, за некоја година, и ќе го иссели својот син во некоја европска или светска држава, бидејќи самиот изјави дека, ако не бил Претседател, ќе размислел за свое исселување.

Јас многу се извинувам што искористив нечие дете за мојава денешна колумна, но сепак тоа прв и сам го стори неговиот татко, што доволно говори за тоа кој ни ја води државава и како самиот гледа на нејзината состојба, подготвеност и капацитет за справување со многу предизвици кои ни стојат на патот до членството во Европската унија. Уден од најсериозните ни е токму студентскиот стандард.

Дека предизвикот е пресериозен, на тоа најмногу ни посочија студентите, а дека немаме сериозна власт, на тоа ни посочува предлог–буџетот за 2023-та, кој е највисок до сега и изнесува цели 5,3 милијарди евра, а од нив за студентите се предвидени само 16 милиони. Што е многу, многу е!!! Или поточно, што е малку – премалку е!!!

Да започнам сега со хронологијата околу предлог-законите за изменување и дополнување на законот за субвенциониран студентски оброк…

Уште на 31-ви октомври оваа година, колегата Бојан Стојаноски одржа прес-конференција, на која ги најави нашите предлог–мерки за намалување на последиците, предизвикани од продолжената економска криза, со која се соочуваат нашите сограѓани и нашето стопанство. Беа најавени 6 предлог на мерки. Четврта од нив беше мерката, која на 2-ри ноември ја преточивме во предлог на закон и истиот го поднесовме до Собранието на Република Македонија. Значи, владеачкото мнозинство имаше точно 3 дена да не’ пресретне во најавенава мерка и да го предложи нивното предлог–законско решение. Ова не се случи се’ до 10-ти ноември, кога 11 пратеници на владеачкото мнозинство поднесоа нивен предлог на закон за измена и дополна на постоечкиот. И, ако ние на 2-ри ноември предложивме измена и дополна, со цел да продолжи воспоставениот модел од академската ’21/’22–ра, да се овозможи ретроактивна исплата за периодот 15 септември–31 октомври 2022–ра и субвенцијата, наместо 120, да изнесува 160 денари, а следејќи ја 30–процентната инфлација на прехранбените производи, владеачкото мнозинство на 10-ти предлага измена и дополна, со која субвенционираниот оброк за студентите, од 120 го зголемува на 140 денари, ама постоечкиот закон го дополнува со менување на членот 9 и предлага право на овој оброк да имаат редовните студенти: кои не се во работен однос; кои не се регистрирани како индивидуални земјоделци; кои, на ниво на своето семејство немаат месечен приход повисок од минималната нето–плата; кои не се корисници на стипендија по било кој основ; кои не се стекнале со статус „апсолвент“; кои до 18 години биле без родители и родителска грижа, кои се категоризирани како лица со посебни потреби, кои се деца на самохран родител, деца на корисници на социјална помош и деца на корисници на надомест по основ на технолошки вишок за кои вкупните приходи во семејството се под нето–минималната плата. Накусо, предлог на закон, полн со исклучоци, селективност и дискриминација.

Следниот ден, кога ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го обелодени овој скандалозен предлог на владеачкото мнозинство, истото го фаќа паника, го повлекува поднесениот предлог и закажува итна средба со претставници на студентите и со министерот за образование, во Собранието, насловена како средба помеѓу студентите и предлагачите на законот. Во моментот на средбата актуелни предлагачи на ваков закон бевме само ние – пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и од тие причини непоканети влеговме да присуствуваме на средбата. Колегата Бојан, за кој имаше инсистирање да не му се даде можност да им се обрати на присутните студенти, на неколкумина им подели копија од нашиот актуелен предлог на закон, кратко им појасни за што се работи и им кажа за пишман–аџиите кои сакаа средбата да ја искористат, за да си го исперат сопствениот срам. После оваа средба, студентите побарале прием и во Влада, но наместо таму, журката си продолжила во доцните часови во Собранието. На неа пристигнал и најголемиот журкач и селфи-имитатор, во стилот на неговиот претходник. Од сета студентска мака, остана само селфито од собранискиот клуб да говори за несериозниот пристап, прием и никаквиот конечен предлог.

Тој доаѓа во понеделникот, на 14-ти ноември, кога  владеачкото мнозинство, овојпат со 13 потписници, до Собранието доставува нов предлог, но сега само за измена на законот за субвенциониран студентски оброк и со него предлага само една иста измена во ставовите 1 и 2 од членот 11, каде зборовите: „завршувањето на академската 2021/2022 година“ се заменуваат со зборовите „март 2023-та година“. Овде, како што можете да забележите, веќе нема предлог за накачување на оброкот од 120 на 140 денари, туку останува старото законско решение за по 120 денари на ден, и покрај инфлацијата од околу 30 проценти на прехранбеНите производи.

Значи, од 10 дена калкулирање после нашиот поднесен предлог, од повлекувањето на нивниот предлог за измена и дополна, конечната одлука им е само за измена, наместо ‘21/’22, да стои март ’23-та, без притоа да се наведе јасно – што ќе се случи со промашениот период од 15 септември до 31 октомври.

Во средата, на 16-ти ноември, на предлог дневниот ред од 91-та седница се најдоа и двата предлози. Нормално дека ова калкулантско мнозинство не го поддржа нашиот предлог за итна постапка на носење на нашиот безусловен предлог за 160 денари студентски оброк, туку го поддржа сопствениот, кој беше за по скратена постапка и кој беше сосема различен од нивниот првичен, а за само три дена период.

Тоа што претседателката на собраниската комисија за образование призна дека погрешиле и се извини, е само доказ за нивната небрежност кон студентите и не значи дека за кус период повторно нема да се извини и да си ја признае грешката. Нешто слично беше и со изјавата на другата колешка, со која кажа дека жали што законот за субвенциониран студентски оброк од 2020–та до сега не нашол системска примена. Наместо да изразува жалење, таа треба да одговара или барем да чувствува одговорност, бидејќи е дел на владеачкото мнозинтво. Затоа, сметам дека ваквите извинувања и жалења само потврдуваат колку ова мнозинство е несериозно при поднесувањето, носењето, но и при спроведувањето на нивни предлог-законски решенија.

За самиот крај би потсетила, како што тоа го сторив и на вчерашната комисија, дека СДСМ имаше многу обемни изборни програми, како во 2016-та, така и во 2020-та. Првата носеше наслов: „План за живот во Македонија“ и дури имаше и две потпрограми: едната со наслов „План 180 степени“ или итни реформски приоритети на новата влада во првите шест месеци; и втората со наслов „План 24М“ или итни реформски приоритети на новата влада во првите две години. Замислете, пишувале за нешто итно, а истото планирале да го спроведат за две години. За жал, не го спроведоа ни за четири, па затоа беа приморани да го повторат и во последната изборна програма од 2020-та која носеше наслов „Можеме“. Од денешна гледна точка, истата слободно можеме да ја наречеме „Можеа“, бидејќи ниту со неа не успеаа да изградат нов студентски град, за кој сегашниот потпретседател говореше уште од 2014-та, кога беше шарен револуционер.

Се’ на се’, како што се водат политиките со меѓународната заедница, како што се водат здравството, образованието, земјоделството, социјалата, правото, економијата, финансиите, одбраната…, таква е и грижата за студентите.

Вчера им ветија дека итно ќе превземеле нешто во врска со тоалетите во студентските домови. Јас им препорачувам да не се мачат воопшто. Ионака им препорачаа кратко да се тушираат на сите граѓани, а бидејќи студентите се млади и повеќето здрави, нека ги остават да се тушираат со ладна вода, ако истата ја има во домовите, и нека им кажат во лице дека ги излажаа, по незнам кој пат.

СДСМ и ДУИ од цела Македонија направија јавен тоалет. Затоа, треба само да се засрамат и да не се извинуваат, ако може.

П. С. Предлог-законот за изменување на законот за субвенциониран студентски оброк денес се изгласа во Собранието со 58 гласа ЗА и 21 воздржани. Нашето воздржување беше во знак на протест кон ваквата измама и понижувањето на студентите, а нашето присуство во салата овозможи, сепак, овој закон да се изгласа. Што значи, ова „загрижено“ парламентарно мнозинство немаше доволен број на присутни пратеници денес , за да помине овој закон. Уште една причина за срам, ако некој воопшто и има чувство за истиот.

Дафина Стојаноска – пратеничка



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Евро задачи за браќата Илиевски и Металари

Европската ракометна федерација ги објави официјалните лица за...

Исланд доаѓа на пријателски турнир во Македонија

Женската младинска репрезентација на Македонија ја очекува настап...

Истражувач на долговечноста ја открива нивната тајна

79 Сингапур е најновата „сина зона“ во светот, дефинирана како...

Фузија на музика и историја

Во хармонична фузија на култура, историја и музика, Кафе...