Стари, млади и земја со два милиони селектори – Екипа

Во Краков допатувавме полни со елан и оптимизам. Да не се лажеме, групата беше исклучително тешка и лично не верував во чуда, но очекував да видам една нова репрезентација, полна со елан, позитивна енергија и желба да се напредува од натпревар во натпревар. Наместо тоа – агонија… и тоа не само онаа резултатската. Мафтање со раце, влечење за дресови (едни на други, наши ракометари), препукување… и нормално, виновни се новинарите (како што често знаеја да се пожалат играчите, како во минатото, така и сега)… Убаво викаше Кили, ма не ме ј..и.

Фактори за фијаското има многу, но медиумите не се ни во Топ 100 на таа листа. И огромна штета е што во период кога федерацијата ги исполни буквално сите услови што беа побарани, резултатот не само што изостана, туку беше направен џиновски чекор назад, за по оние победи над Романија и Чешка и вербата во „Новата Македонија“, сега да почнат да се појавуваат сомнежи за правецот во кој се движи националниот тим.

СЕЛЕКТОРОТ

Македонија во јануари е земја со два милиони селектори, од кои само еден навистина ја има таа одговорна функција. Кире Лазаров како играч и ракометен ас многу често знаеше да посочи како проблемот за нашите слаби игри и резултати лежеше кај селекторите и нивните тактички замисли. Сега кога тој е на чело, кога селектира и крои тактика, поискусните играчи не го поднеле притисокот, голманите не биле на ниво… останатите биле премногу млади – дебитанти. Само за себе каже – па и јас не сум совршен, можеби и јас сум направил грешка.

Не можеби, туку СИГУРНО. И тука не говориме за селекцијата за која дебатираат многумина (лично, не верувам дека со било кој од оние кои според дел од јавноста беа неправедно изоставени, резултат и играта ќе беа поинакви), туку за она најтренерското – тактиката.

Задоцнети тајмаути беа заштитен знак на македонскиот селектор, па додека ривалите викаа минута одмор на наша серија од два гола, тој чекаше да примиме четири до пет во низа пред да го стисне тастерот за пауза. Тука е и тактиката, цели подготовки и три натпревари на СП да не успееш да склопиш одбрана (а потоа да се пожалиш на голманите, кои беа оставени на „стрелиште“), тактиката со двајца пивоти кога имавме играч повеќе и најчесто влегувавме во проблеми…

По едно вакво фијаско, она што се очекува од вистински лидер е да се застане цврсто и да се преземе одговорноста, да се заштитат и да не се изгорат играчите (за кои самиот тој вели дека се доволно добри, но мора да соберат искуство).

И не верувам дека Лазаров треба да си поднесе оставка бидејќи има јасна визија што допрва треба да ја спроведе, но дефинитивно мора да биде повеќе самокритичен. Бидејќи со уште еден ваков потоп на натпревари во серија, разделбата ќе стане неизбежна.

„СТАРИТЕ ВОЛЦИ“ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Навистина, во репрезентацијата имавме голем број на дебитанти, но имавме и играчи кои имаат зад себе повеќе големи натпреварувања. Оние кои давале и по многу голови во минатото, но и оние чие време дојде да ја преземат лидерската улога во националниот тим. Чекаа, дочекаа, но не ја искористија шансата.

И колку и да беше разочарувачки да го гледаме мачењето на терен, уште пофрустрирачки беа изјавите во микс-зоната, каде вината се префрлаше врз помладите. Па тие не можеле, па морале подобро, па вака веќе не може… а ние натпреварите ги губевме токму по оние бројни грешки на оние најискусните – промашени напади, стартови во празно во одбраната, подарени голови на противниците… Да се биде лидер на репрезентација не значи да влечеш за дрес колеги, ниту пак после јавно да ги прозиваш – да се биде лидер е да им помогнеш на сите на терен – но и кога на останатите не им оди, да преземеш одговорност и да донесеш пресврт.

А нашите „стари волци“, во тој дел беа кутриња…

„ДЕЦАТА КОИ НЕ СЕ ДЕЦА“

Подмладување на репрезентацијата е неизбежен процес, но кога веќе го потенцираме толку често, треба и да се каже дека овие деца не се навистина деца. Браќата Атанасијевиќ (Петар воопшто не заигра) имаат по 19 години, исто толку и Стојковиќ, Серафимов има 21 година, но е со значително репрезентативно искуство… Костески исто така е на 21, Ѓоргиев има 22 години, а ова не му беше прво големо натпреварување, Јагуриновски има 24, Џонов 25, а дебитантот Петров 30 години.

Ако се надевавме дека ќе добиеме барем еден бисер за во иднина, тоа не се оствари, но за да блеснат „децата“, треба да повлечат оние поискусните, па да отворат простор за оние помладите. Вака, се беше толку траорно од секој аспект, што најлесно беше да се удри кај нив, иако пред почетокот на шампионатот имаа помала одговорност и од селекторот и од лидерите на репрезентацијата.

Факт е – квалитативно заостануваме се поинтензивно зад се повеќе репрезентации. Велиме дека играме брз и модерен ракомет, но тоа останува само на зборови, изостануваат делата.

Проблемот е многу подлабок од тоа што сме загубиле три натпревари, дури и вака срамно и убедливо. Се должи и на суштинско неработење во клубовите, создавање на млади играчи се до моментот кога ќе дојдат до сениорскиот чекор, кога е полесно да земеш евтин странец отколку да вложиш труд и енергија за да создадеш квалитетен домашен производ. Од друга страна пак, домашните играчи се во сосема удобна „комфорт зона“ кога секогаш има клуб што ќе ги плати повеќе од она што вредат, за да бидат „дома“ и да уживаат статус на ѕвезди. Подобро прв во “село“ отколку последен во град. Некогаш имавме асови во Барса, Веспрем, во Бундес-лигата и во француското првенство. Сега, сите еден по еден си се вратија назад во мак-ракометот. И воопшто не случајно е што како што бројот на нивни камбек во нашата лига се зголемува, така и резултатите на репрезентациајта одат во надолна линија.

И колку и да не сакам да признаам, ова јануарско ракометно сивило страшно ме потсетува на големиот пад на кошаркарската репрезентација. Една успешна генерација кажа збогум, имаше неколку играчи кои останаа до крај да помогнат за се да не потоне во амбис, но резултатите од година во година одеа во погрешен правец. Клубови со странци, играчи со фина плата дома без амбиција за пот и докажување во странство – и неучество на големо натпреварување уште од 2015 година…

Добро е што билетот за ЕП 2024 на ракометарите е речиси осигуран, но долгорочниот развој е доведен во прашање. А сите вклучени во процесот наречен мак-ракомет треба искрено да го преземат својот дел од вината.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ