Енергија на ветерот и домаќинствата – придобивка или не?

Во денешни услови најголем и најквалитетен ресурс за Македонија се енергетската ефикасност во сите сектори на општеството и максималното користење на обновливата енергија, особено сонце, вода и ветер.
Повеќепати нагласуваме дека во рамките на одржливиот развој на општеството и обезбедувањето на неговиот суверенитет, битен столб претставува и енергетиката. При дефинирањето на стратегиските насоки за одржливиот развој на енергетиката, бидејќи Македонија е сиромашна земја, особено во делот со природни енергетски ресурси, се тргнува од неколку општоприфатени начела:
– да се искористат максимално домашните ресурси;
– да се смали/елиминира увозот на трансформирана и примарна енергија;
– максимално да се спречи штетното влијанието врз околината;
– финансиските вложувања да не бидат на штета на другите делови од општеството.
Насоката за развој на енергетиката и во светски рамки и во ЕУ, а и кај нас во Македонија, е јасна – треба да изградиме општество ослободено од користење фосилни горива. Притоа, периодот на транзиција, според мене до 2050 година, треба да биде колку што е можно побезболен за граѓаните т.е. за корисниците.
Притоа е изработена Стратегија за енергетика, се разработува со акциски планови – а основните мерки се: енергетска ефикасност (ја смалуваме потрошувачката на енергија, а ги задоволуваме потребите) и изградба на производствени капацитети за електрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) особено: сончева, хидроенергија и енергија на ветер.
Владата на ВМРО се залагаше за „помек“ премин кон примена на ОИЕ со дефинирање на динамиката на изградба на овие капацитети. Причината е:
• да не се оптовари буџетот на корисниците, претежно на домаќинствата;
• способност за балансирање на електричната мрежа и трошоците за таа цел;
• брзо вклучување на производствени капацитети (back-up producers), при брзи промени на временските услови (облаци, ветерот запира да дува и сл.).
Енергијата на ветерот веќе се користи во Македонија. Преку ЕСМ АД во 2014 година е пуштен во погон ветерниот парк во Богданци, со инсталиран капацитет од 36,8 MW, а во изградба (со неразбирливо доцнење) се 13,2 MW, со што се заокружува таканаречената прва фаза на искористување на енергијата од ветерот.
Притоа, Владата на ВМРО го насочи тогашното ЈП ЕЛЕМ (во државна сопственост) да ги изгради ветерните паркови во согласност со предвидената динамика, а притоа презеде обврска за безбедносна резерва кога нема енергија од ОИЕ и да го балансира системот.
За да се стимулира инвестицијата во производството на електрична енергија се предвидени стимулативни мерки (СВ на РМ бр.56/2013), и тоа:
• цената на произведената енергија од ветерните постројки од 89 евра за мегават-час (€/MWh);
• обврска да се преземе целата произведена енергија со таа цена во период од 20 години.
Во истиот „Службен весник“ со одлука на Владата е дефинирана динамиката на изградба во согласност со финансиските капацитети на ЈП ЕЛЕМ, и тоа (членот 2): до 31.12.2016 г. вкупен капацитет 65 MW; до 31.12.2020 г. 100 MW и до 31.12.2025 150 MW.
Политиката на СДСМ во овој дел на енергетиката и ОИЕ, според показателите, драматично се разликува од политиката на ВМРО. Се напушти концептот ветерните паркови да бидат во државна сопственост, при што Владата ќе можеше да води и засилена социјална политика за заштита на домаќинствата преку своето јавно претпријатие и цената на неговиот производ. Оваа влада ја префрли изградбата на ветерните паркови, преку концесии на 20 години, во рацете на приватни компании. А со тоа овозможува ЕНОРМНО ЗБОГАТУВАЊЕ НА ГРУПА ПОВЛАСТЕНИ ЛУЃЕ (КОМПАНИИ), на сметка на домаќинствата.
Не е јасно дали промената на политиката се должи на незнаење за тоа кои се приоритетите на Македонија, потенцијалната можност за провизии при доделување лиценци или намерно уништување на енергетскиот сектор. Тука мислам на делот од енергетиката (АД ЕСМ) што е во државна сопственост и неговото „осиромашување“ (веќе се пројавуваат сигнали/желби за „бонбона бизнис“ т.е. раскрчмување на АД ЕСМ – но тоа заслужува посебен осврт).

Во првиот период Владата го преполовува капацитетот на постројките што би произведувале со субвенционирана цена за својот производ:
• Со одлука на Владата (СВ бр. 111/18) е потврдено дека повластена тарифа за ветерна енергија е ОГРАНИЧЕНА на 100 MW.
• Со новата одлука на Владата (СВ од 29/19) овој капацитет на потенцијална градба е ЛИМИТИРАН на 86 MW.
Кои се можните причини што влијаеле за драматичната промена на политиката на Владата? За многу кусо време (во истата година) Владата донесува одлука за изменување на претходната одлука (154. седница на Владата од 17.9.2019), со која се определува дека повластена тарифа ќе имаат постројки со вкупен капацитет од 160 MW! (СВ 194/2019!)
По оваа ИЗМЕНА на одлуката на Владата на СДСМ, ИТНО им се издадени лиценци на две друштва, и тоа еден ветерен парк од 34 MW (турска компанија, не можам да ја најдам одлуката) и еден од 30 MW (ЕУРОИНГ ДОО).
ВНИМАВАЈТЕ: Седница на Владата на 24.12.2019. Овој декември е препознатлив и поради одлуката за проектот „Чебрен“. Дали се сеќавате? ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕД ИЗБОРИ! Дали некој рече дека во оваа работа „нешто смрди“ или дека „некој ќе се омрси“, но постапките се спроведени во согласност со донесени одлуки т.е. покриени со закон.
Пријавата на ЕУРОИНГ ДОО во Регулаторната комисија е со датум од 31 декември 2019!!! Декември 31! Која администрација работи на тој датум? М?
Издадена е и лиценца за повластена тарифа и за друштвото ТХОР ИМПЕКС, ВЕЦ „БОГОСЛОВЕЦ“ со капацитет од 36 MW (СВ 227/2020).
Заокружено е доделувањето лиценци – АДЕСМ 50 MW, на три приватни инвеститори 110 MW, пополнета е одлуката на Владата на 160 MW.
Уште малку појаснување за фирмата ЕУРОИНГ ДОО, која својата пријава до Регулаторната комисија ја поднесе на 31.12.2019 година, а датум на престанок на важење на ова решение е 26 декември 2022 година. Бидејќи не е почнато со инвестирање, а да биде „сѐ по закон“ лиценцата е префрлена на нов правен субјект, ПЕРУН ДОО Скопје (2 јуни 2022 година). Дали ќе има ново продолжување на лиценцата или…?
Веројатно ќе поверувате дека ова е одличен потег на Владата на СДСМ, така? Наместо ние да трошиме пари за изградба на ветерни централи, има добродушни инвеститори, многу ја сакаат Македонија и својот приватен капитал го вложуваат во изградба на ветерни паркови, помал увоз на електрична енергија, заштита на животна средина… и продолжува миењето мозок.

Ова би било добро решение ако постројките ги гради сегашното АД ЕСМ. Профитот да остане во рацете на државата, за потребите на граѓаните на Македонија, да се одржи цената на електричната енергија на прифатливо ниво.
Не сум против влез на странски капитал. Би им овозможил голем број административни олеснувања. Не би прифатил обврзувачки договори дека МОРАМ ДА ГО ОТКУПАМ ВКУПНОТО КОЛИЧЕСТВО ПРОИЗВЕДЕНА ЕНЕРГИЈА СО ОДНАПРЕД ДЕФИНИРАНА ЦЕНА, КОЈА Е ПОВИСОКА ОД ЦЕНАТА НА БЕРЗАТА, И ТОА ЗА ПЕРИОД ОД 20 ГОДИНИ. Нека гради, нека произведува и нека продава на пазарот на електрична енергија при еднакви услови со другите производители на енергија.
Нема подобра дејност („бизнис“) ако однапред е продадено целото твое производство, со гарантирана цена за цели 20 години. Ова се однесува и на доделените лиценци за ветерни паркови и за „стратегиските проекти“ предводени од „Митилинеос“ (комисијата против корупција почна да го чепка!!!), и за проектот „Чебрен“. Секој инвеститор, странец или Македонец, вложува заради профит. А профитот го зема од народот, ние треба да му го овозможиме тој профит. На примерот со првиот приватен ветерен парк „Богословец“ ќе покажам колкава сума пари ќе се земе од народот.
При предвидено производство од 78.600,00 MWh и при гарантирана цена од 89 €/MWh, МОРА да му се исплатат 6.995.400 €/god. Од народот треба секоја година да му се префрлат речиси 7 милиони евра. Седум милиони евра годишно прилив на капитал. Инвестицијата се отплатува за 8,7 години. Цели 11 години профит, профит од 77 милиони евра. А има три лиценци со слични капацитети! Сами помножете со бројот 3.
Но ќе речете, ама сме добиле електрична енергија. Бидејќи имаме недостаток во производството, АД ЕСМ не е способно да ги задоволи потребите, мораме да увеземе електрична енергија. И ова е точно, мораме да увеземе. Но прашањето или дилемата е: дали да увеземе ПОЕВТИНА електрична енергија од берза или да им ја платиме скапо на овие приватни инвеститори?
За информација на читателите, за да можат самите да извлечат заклучок – дали е подобро сами да инвестираме или да купуваме енергија со однапред дефинирана повисока цена на енергијата, споредена со цената на берзата, ви соопштувам дека ПРОСЕЧНАТА ЦЕНА на берзата беше 59,28 €/MWh, или пониска за 29,72 €/MWh во однос на тоа што веќе го плаќаме. Педесет отсто поскапо од цената на берзата.
Оваа просечна цена е за период од 12 до 18 април 2024 година на берзата за електрична енергија HUPX (Будимпешта). Определена е за секој ден и за секој час. Во прилог е дијаграмот на движење на цената во таа недела. Видливо е дека во сабота и недела, во определени часови, цената е со негативна вредност. Дури ти плаќаат да ја преземеш!
Црвената хоризонтална линија е цената што МОРА да ја платиме. Затемнетата површина ја прикажува просечната цена на електричната енергија за конкретниот ден. Видливо е дека цената е повисока единствено во покуси временски интервали, помеѓу 19 и 22 часот. Кога има сончева активност, поради сончевата енергија, цената може да има и негативни вредности.
Со доделувањето на најповолните локации, Македонија ги губи можностите да произведува енергија од ветерни паркови за себе. Или ќе бидат локации со помал енергетски потенцијал. Покрај оваа финансиска штета, АД ЕСМ треба да се грижи за балансирање на системот, за обезбедување потребна електрична енергија кога нема ветер или сонце, на своја сметка. Овие производители немаат никаква обврска – само права! И профит! А потрошувачите ќе си плаќаат.
Наместо заклучок:
• Треба да се искористи максимално енергијата на ветерот, со сопствени средства.
• Инвестицијата се исплатува за 7-8 години, а потоа овозможува профит.
• Приватните производители преку субвенционираната цена остваруваат енормен профит на сметка на потрошувачите во Македонија.
• Создаваат голем дополнителен трошок за балансирање на системот.
• Најповолните локации се зафатени.

Проф. д-р Константин Димитров

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Костов: Техничките грешки беа пресудни за поразот од Прилеп

Ракометарите на Куманово во рамки од 12. коло...

Радовиш со важна победа во битката за суперлигашки бараж

Ракометарите на Радовиш на свој терен успеаја да...