- Оваа колумна не е критика кон општеството, туку повик за будење, за вклучување на сите засегнати со цел подобрување на состојбите, не преку бунт и отпор, туку со здружување на силите на работниците, синдикатите, институциите… За конкретни идеи и планови за унапредување на состојбите и за повеќе слух за меѓусебните грижи. Затоа што работниците, работодавците и државата треба да бидат општествени партнери за меѓусебна корист. Од битката за работничките права директно зависат развојот и напредокот на државата, преку растот на економијата, чиј темел се работниците, како и подобрувањето на сите сфери на општеството. И затоа таа треба да биде постојана, со вклученост на сите нас
Први мај, празникот на трудот што ја симболизира вековната борба за унапредување на работничките права, втемелена врз стремежот за достоинство и еднаквост, и годинава во земјава веројатно ќе помине во знакот на одморот, релаксацијата и оттргнувањето од работата. Извесно е дека главниот град ќе се испразни во текот на продолжениот викенд, кој многумина ќе го искористат за да отпатуваат и надвор од државата, како и во секоја друга ваква пригода.
Но така е низ целиот регион, каде што 1 Мај во најголема мера се користи за пауза. Тоа стана традиција. Во расколот помеѓу активизмот и релаксацијата, често победува опцијата што бара помалку труд. Тоа нема да се смени ниту во време на глобална нестабилност исполнета со ценовни шокови и ризици за енергетски и економски кризи, предизвикани од воените жаришта низ светот, кои претставуваат сериозни закани за работните места и приходите.
Скарите ќе чадат и излетничките места во земјава ќе бидат преполни, само да не ни заврне со најавениот студен бран. Впрочем, ако го пребарате терминот „1 мај“ на агрегаторите за вести, прво ќе ви излезат загрижувачки метеоролошки наслови како „Ќе ни дозволат ли временските услови да одиме на пикник за 1 Мај?“ или кулинарски теми со скараџиски совети меѓу кои се „пет совети за чистење и подготовка на скарата за Први мај“ и „Ова е најдобрата маринада за скара – за Први мај јадете месо што се топи во уста“. Содржините посветени на работничките права ги нема речиси никаде меѓу временската прогноза и скарата.
Но борбата за подобри работни услови не смее да стивне ниту да падне во втор план, особено бидејќи има многу нешта што можат да се унапредат, почнувајќи од безбедноста на работното место и почитувањето на стандардите за работа, обезбедувањето фер приходи, намалувањето на работните часови, односно создавањето поголема стабилност и сигурност за одржување на работниот однос.
Со текот на времето се менуваат и побарувањата и условите на пазарот на трудот, па на постојните битки за работнички права се отвораат и нови фронтови. Актуелно прашање во светски рамки со напредокот и сѐ поголемата примена на технологијата претставува стабилноста на работното место, што отвора прашања за тоа дали работниците се заменливи, кои работни места ќе исчезнат, а кои ќе бидат извршувани од страна на вештачката интелигенција и со помош на модерните технологии?
Со зголемување на очекувањата од работниците расте и притисокот врз нив.
Улогата на синдикатите и работничките организации истовремено слабее, пазарите на трудот стануваат кревки, а емиграцијата на младото население ја исцрпува работната сила во државата. Сето ова се итни прашања што бараат конкретни мерки и одговори.
Баш затоа, оваа колумна не е критика кон општеството, туку повик за будење, за вклучување на сите засегнати со цел подобрување на состојбите, не преку бунт и отпор, туку со здружување на силите на работниците, синдикатите, институциите… За конкретни идеи и планови за унапредување на состојбите и за повеќе слух за меѓусебните грижи. Затоа што работниците, работодавците и државата треба да бидат општествени партнери за заемна корист.
Први мај во редакцијата на „Нова Македонија“ отсекогаш се одбележувал со посебна почит, земајќи го предвид и трудот на сите вработени во создавањето весник со квалитетна содржина, наспроти сите предизвици. И насловната страница на празничното издание е внимателно осмислена и дизајнирана од нашите технички уредници за да испрати силна поддршка за работникот преку симболика што ги претставува земјоделството, индустријата и администрацијата, како три битни столба на работничката класа, прикажани во историски контекст. А во текстот посветен на празникот имаме значајна историска тема во која се осврнуваме на заемната поврзаност на идеалите на македонските револуционери, односно на македонската борба за национална слобода и самобитност со работничките права.
Во тој дух се и економските теми во „Нова Македонија“, во кои не известуваме само за проблемите и тешкотиите туку тие претставуваат повод за да понудиме одговори за нивно надминување. Притоа пишуваме за поддршка на бизнисот, за поттикнување на производството, зголемување на продуктивноста, за привлекување инвестиции, за зголемување на извозот, за диверзификација на енергетските извори и за обезбедување стабилно снабдување со енергенти. Сето тоа е со цел подобрување на состојбите во економијата, на условите за работниците и на животниот стандард, бидејќи сите тие прашања се меѓусебно поврзани.
Од битката за работничките права директно зависат развојот и напредокот на државата, преку растот на економијата, чиј темел се работниците, како и подобрувањето на сите сфери на општеството. И затоа таа треба да биде постојана, со вклученост на сите нас. Нека ни е честит 1 Мај и нека ни донесе подобро утре на сите нас што вредно и чесно работиме за остварување на вековните стремежи за Македонија да стане подобро место за работа и за живот.